Могерини во Скопје дојде и заминува како оптимист
19 април 2018Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, денеска во 9 часот и 30 минути треба да се обрати пред пратениците во Собранието. Ова следи по вчерашниот динамичен ден, во кој таа и еврокомесарот Јоханес Хан на премиерот Зоран Заев лично му ја пренесоа веста дека Македонија доби безусловна препорака за почеток на преговори со ЕУ. Могерини е оптимист и дека до европскиот самит во јуни може да се реши спорот со Грција и Македонија да добие датум за преговори.
„Има време, и времето треба да се искористи соодветно, мудро и храбро. Изминативе месеци беа преземени чекори кои претходно не можевме ни да замислиме. Јас сум балкански оптимист што ме квалификува да бидам глобален оптимист“, рече шефицата на европската дипломатија.
Могерини вчера се сретна и со претседателот Ѓорге Иванов, кој ја поздравил обновената препорака на ЕК, со став дека „деблокирањето на интегративните процеси преку одредувањето на датум за почеток на пристапните преговори, позитивно ќе влијае врз реформските процеси и врз општествено-политичката состојба во земјата“.
Заедничка вечера на шест премиери
„Препораката за преговори да се прославува половина ден, а другата половина да биде посветена на работа“, порача вчера Могерини. Секако, тоа не важеше за неа и за премиерите од земјите на Западен Балкан, кои синоќа беа гости на неформалната вечера што Могерини и Заев заеднички ја приредија за премиерите на Албанија - Еди Рама, на Србија - Ана Брнабиќ, на Косово - Рамуш Харадинај, на Црна Гора - Душко Марковиќ и на БиХ - Денис Звиздиќ.
На вечерата организира во ресторанот „Камник“ на периферијата на Скопје и под највисоки мерки на обезбедување, премиерите разговарале за состојбата во регионот и за процесите на интеграција на Западен Балкан. Како што соопшти владината прес-служба, тие ја потврдиле заложбата за целосна имплементација на реформите во нивните земји, но и силната определба за продлабочување на добрососедските односи и регионалната соработка.
„На неформалната вечера, сите се согласија дека 2018 е историска година за регионот и дека на земјите од Западен Балкан им се отвора голема можност да направат крупни чекори кон ЕУ интеграцијата, особено ако им се даде најголем приоритет на суштинските, неопходни реформи, односно владеењето на правото, правдата и почитување на основните човекови права“, се вели во соопштението од владината прес-служба.
На Балканот, сѐ уште оптоварен со тензии, ваквите вести се дочекани со извесни резерви, за што сведочи тонот во дел од насловите на српските медиуми: „Еден наспроти друг! Брнабиќ и Харадинај на иста маса на вечерата за лидерите на Западен Балкан!“.
Mогерини овие средби вчера ги нарече редовни и корисни за градење партнерска доверба и соработка. Таа потсети дека синоќешната средба доаѓа по онаа од пред еден месец во Софија во присуство на претседателот на ЕК, Јункер, а ја смета како добра прилика за подготовка на средбата за Самитот што ќе се одржи во Софија на 17 мај.
Заев и Могерини оптимисти
Претходно, премиерот Заев, вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров и државниот секретар во МНР Виктор Димовски, имаа средба со Могерини, придружувана од амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар. На средбата Могерини ја оценила препораката како резултат на добро завршената работа во надминувањето на политичката криза, постигнатото во реформскиот процес, конструктивните политики со сите политички чинители и со опозицијата, и добрососедските односи.
„Република Македонија е вратена на патеката на ЕУ“, е оценката на ЕК, која очекува власта и опозицијата да работат заедно во натамошните реформски процеси, на транспарентен и одлучен начин. Могерини констатирала дека Македонија направика „импресивни чекори во регионалната динамика и билатералните односи“. Во врска со разговорите со Грција, изразила надеж дека може да биде постигнато заеднички прифатливо решение и дека во тоа ќе учествува и опозицијата.
Премиерот Заев на прес-конференцијата им се заблагодари на Могерини, на еврокомесарот Хан, на претседателот на ЕК, Јункер, на сите земји членки на ЕУ и искрени пријатели на Македонија, за реално вреднуваните резултати што ги постигна Македонија во изминатите 10 месеци.
„Изразувам голема и безрезервна благодарност. Затоа што го слушнавте гласот на мнозинството граѓани и ги поддржавте демократските процеси во нашата држава на принципиелно ниво. Затоа што не притискавте како политички раководства, за квалитетен и инклузивен реформски процес. Успеавме за само 10 месеци да направиме голем исчекор напред во евроинтеграциите и што е уште поважно, тие врати остануваат отворени“, изјави Заев.
Тој ги повика високите претставници на ЕУ и политички раководства на земјите-членки „да останат фокусирани на Република Македонија“ и оцени дека во јуни е можно земјата да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.
„Јас сум убеден дека ќе добиеме датум за преговори, будејќи тоа што досега го имаме постигнато со Грција, навистина и го гарантира тоа. Имам причина да бидам оптимист и Федерика е оптимист заедно со мене (...)Јас сум убеден дека сега е вистинското време и верувам дека, ниту во минатото, ниту во иднината веројатно и нема да постои подобро време за да изнајдеме решение, достоинствено за двете страни, кое што ќе го штити идентитетот, и секако, како што вели министерот Коѕијас, самоопределувањето и самочувството на двете страни", рече Заев.
Повеќе:
- „Македонија на најреформски курс во регионот“
- Договор за името не значи решение на сите проблеми
Поддршка од соседите
Поддршка во таа насока сигнува и од политичари од соседна Бугарија.
„Препораката на ЕК Албанија да започне официјални преговори со ЕУ, како и обновувањето на таа препорака за Македонија, се добра вест и голем успех за земјите, бидејќи го одразуваат нивниот постигнат напредок“, изјави во Стразбур поранешниот бугарски премиер и актуелен европратеник, Сергеј Станишев.
„Тоа е добра вест и за Бугарија, бидејќи ние сме исклучително заинтересирани за стабилност и европска интеграција на земјите од Балканот. Почетокот на преговорите неминовно поминува преку решавање на натрупаните билатерални проблеми. Пораката на ЕУ кон земјите е јасна: научете се да правите компромиси, бидејќи ЕУ функционира имено преку нивното постигнување“ изјави Станишев.
Притоа нагласи дека приклучувањето кон ЕУ не е лотарија, туку треба да се исполнат сите критериуми за членство.
„Исклучително сум задоволен од фактот дека има влади кои го прават тој чекор. Кабинетот на Зоран Заев во Македонија потпиша договор за добрососедство со Бугарија по речиси 10 години одложување од страна на Груевски. Преговорите за спорот за името со Грција исто така напредуваат. Во Албанија социјалистите на чело со Еди Рама цврсто опстојуваат на европските вредности. Додека се тие на чело на нивните земји, сигурен сум дека ќе направат се што е можно да да ги исполнат критериумите. Дијалогот меѓу Србија и Косово останува еден од најсложните проблеми во регионот, но има и редица други. Сите треба да бидат решени преди влегувањето во ЕУ“, порача Станишев.